Elementi Logo

Интервју со Жељка Сомун

Backgorund

1. Преведуваш од француски, шпански и англиски јазик и, секако, секој јазик крие свои тајни. Кој јазик ти причинува најголемо задоволство при преведувањето?

Многу тешко прашање! За мене јазикот е мелодија, песна, интересна и убава музика, неповторлива изведба, единствено искуство. Секогаш ново и поинакво. Можеби најголемо задоволство ми причинува оној јазик во кој моментално престојувам преку преводот. Но, бидејќи најчесто сум помеѓу два превода, зашто тоа е нашата реалност, ние преведувачите секогаш сме помеѓу најмалку три приказни: во преводот што само што не е објавен, за кој сè уште размислуваме и можеби уште нешто договараме со уредникот; потоа во преводот на којшто моментално работиме; и малку во оној што веќе се наѕира на хоризонтот и полека нè заведува. Притоа, секако, провлекува и по некоја поезија, стрип или драма, пократка форма како одмор на напорното и долготрајно искачување низ речениците на обемните романи, а сето тоа наликува на чудесна полифонија на меѓусебно надополнување, збогатување, разбирање, учење – тие книжевни патешествија на хартија се навистина возбудливи.

Новите сознанија и секој поединечен нов авторски глас, за среќа, одекнуваат на сосема нов начин, проговорувајќи на познат, а сепак нов јазик, со што ни даваат можност постојано и непрекинато да го збогатуваме и сопствениот јазик. Многу ја сакам мелодичноста на јазиците што ги познавам и ги разбирам, но со љубопитност ги ослушнувам и другите, непознати, недофатливи, а токму поради тоа толку привлечни јазици.

 

2. Некако, преведувачите и не се радуваат на вештачката интелигенција и ChatGPT, бидејќи тоа е некаков скратен и (неомилен) пат до преводот. Какво е твоето мислење за вклучувањето на вештачката интелигенција во преведувањето?

Ние читаме затоа што сакаме да запознаеме друг човек, да ја дознаеме неговата приказна, неговите емоции и искуства. Преведуваме за на читателите да им овозможиме увид во приказните што не можат да ги разберат на странски јазик. Го сакам преведувањето затоа што сметам дека тоа има вистинска смисла, дека е хумано, дека ги поврзува луѓето и им помага подобро да се разберат и да се зближат. Книжевноста, во секоја смисла, ги проширува хоризонтите и ја продлабочува емоцијата. Книжевноста, а и уметноста воопшто, се вистински лек за душата и храна за умот. Уметноста е простор за размислување и создавање. Човекот располага со стекнати знаења, искуства, емоции, способност за соживување и желба за разбирање. Сето тоа ми е неопходно при преведувањето. Заедно со чесна, дисциплинирана и одговорна работа. Го сакам преведувањето затоа што е процес што трае и во кој постојано учам. Го сакам и затоа што го работам самостојно. Ги сакам работите во кои ништо не делегирам на други. Го сакам и затоа што е предизвикувачко, затоа што бара размислување, соживување, знаење и желба за разбирање на другиот човек, за да можам сопственото читателско искуство да го пренесам на друг јазик и да им го понудам на читателите. Преводната книжевност го чува и го збогатува јазикот, следејќи го чекорот на авторскиот оригинален и единствен пристап, создавајќи секогаш ново и оригинално дело и во преводот. И самиот факт дека секој преведувач ќе го преведе текстот на свој единствен начин се совпаѓа со секогаш единствениот начин на кој секој поединечен читател чита. Во тоа и се состои сета убавина на размената и на човечкото давање и примање. Поради сето наведено, никогаш не би ѝ ја препуштила таквата креативна работа на автоматизмот на машината. Преведувањето не е монотоно редење збор по збор. Тоа е разбирање на сето она што е расеано меѓу зборовите и редовите, во мелодијата и тонот на напишаниот текст. А што, впрочем, би правеле ние со времето што би го добиле? Би биле само послужители на машината? Ви благодарам, јас не би сакала.

 

3. Што значи за тебе преведувањето како животен повик?

Она што некогаш, на моите почетоци, беше страв, се претвори во стравопочит, предизвик, а потоа и во големо задоволство и радост: можноста прва да преточам одреден странски текст на хрватски јазик, да донесам нови, далечни, непознати гласови и нивните приказни во сопствениот јазик. Да им дадам глас на тивките и трпеливи, многу често неверојатно убави, миризливи и пријатни на допир предмети, кои ненаметливо чекаат на полиците, во библиотеките, по домовите и во торбите – книгите. И на нивните автори. Тоа истовремено е и пат кон колегијално пријателство со групи извонредни, ведри, динамични, разиграни, незапирливи луѓе – преведувачи. Занесот со кој му пристапуваат на своето занимање разоружува и буди надеж дека човечкиот глас нема да замолкне и да потклекне пред автоматизмот. А тука, секако, е и групата на оние поради кои, всушност, сме тука – нашите автори, со кои понекогаш и лично се запознаваме. А кога со некого се разбирате добро, не само на јазично туку и на многу подлабоко и пошироко ниво, сè станува убаво и лесно. Тоа истовремено значи дека секој ден е нов предизвик и нова возбуда, бидејќи никогаш не знаеш кој нов автор и која нова книга токму тебе те очекуваат.

 

4. Дали Хрватска има доволно преводна литература, односно дали преку преводите читателите имаат доволен увид во светските книжевности?

Од сосема јасни причини, Хрватска има долга традиција на преведување и пренесување на светската книжевност на хрватски јазик. Друштвото на хрватските книжевни преведувачи, кое се приближува кон својот 75. роденден и има речиси триста членови, со самото тоа потврдува дека покриваме широк спектар јазици и дека ги отвораме вратите за бројни автори и јазици чии приказни сме ги пренеле на нашиот јазик и им ги понудиле на читателите. Горди сме што ДХКП веќе четири години има резиденција за книжевни преведувачи и писатели, со што се овозможуваат и олеснуваат поврзувањето, размената, раѓањето нови идеи и соработки, што води кон нови преводи.

 

5. Која е Жељка Сомун кога не е преведувачка и кои се нејзините книжевни афинитети?

Љубопитка, скитничка, немирна знати-желка, неуморна раскажувачка, готвачка, промоторка, негувателка, музичарка, неуморна пешачка... Го сакам секој текст што ме допира со убавината на јазикот, поетичноста на изразот и длабочината на душата, со својата хармонија и смисла. Имам среќа што прстите секогаш ми запираат на некаков скриен ‘рбет на книга, потоната во спокојството на некоја полица, па така се случиле многу прекрасни читателски средби. Сè повеќе ја сакам поезијата, а кога некој стих ќе ме пронајде, веднаш го преточувам и го споделувам. Тука немам никакви задршки.

 

6. Дали, од друга страна, хрватската книжевност е доволно преведувана во светот?

Од хрватски јазик сè повеќе и сè почесто се преведува на странски јазици, но сè уште сме далеку од доволна и поширока достапност. Секогаш бескрајно ме зачудува кога ќе слушнам колку многу, и тоа најчесто токму колегите – странските преведувачи од хрватски јазик – мораат да се помачат за да издејствуваат можност за склучување договор за превод. Ние сме научиле неверојатно многу од преводната книжевност за секое катче на светот и за другите луѓе, па затоа ме чуди што, всушност, не постои многу поголема „глад“ за она што смешно се нарекува „книжевности од малите јазици“. Можеби политиките и пристапите ги занемаруваат и ги превидуваат љубопитноста и вистинските интереси на своите читатели. Колегите што преведуваат од хрватски јазик така вршат огромна работа, водејќи вистинска борба за авторите и текстовите што ги откриле како исклучителни и посакале да ги пренесат на својот јазик. Тие веќе изнедрија многу сложени и значајни наслови, а нивниот занес и страст се најдобрата одлика на нашата професија.

 

7. Што би била Жељка Сомун доколку не би била преведувачка?

Е, од тоа не може да се избега! Секогаш би преведувала нешто: некого преку улица, недоразбирањата во договорите, намирниците во јадењето, малите деца во возрасни луѓе, нотите во музика, мислите во порои од изговорени зборови. Сè е преведување!

 

Превод од хрватски јазик:

Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 21

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ