„Поезијата е потрага по убавината и како таква никогаш не е залудна“
Интервју со Бегоња М. Руеда
Бегоња М. Руеда е поетска сензација по потекло од андалузискиот град Хаен. Младата поетеса досега има објавено дванаесет збирки поезија, а откако освои награди за секоја од нив, таа стана најнаградуваната шпанска поетеса на својата генерација. Руеда неодамна имаше виртуелно гостување во Аула Сервантес во Загреб за да ја претстави својата збирка поезија за време на пандемија, „Перална“ (Servicio de lavandería, Hiperión, 2021). Во оваа пригода, Карла Шкрлец разговараше со Бегоња и го преведе интервјуто од шпански јазик.
Твоето книжевно творештво е на завидно ниво и по обем и по квалитет – добрите познавачи на поезијата на шпанското говорно подрачје сигурно знаат која си. Сега првпат им се претставуваш на хрватските читатели. Која е всушност Бегоња?
Во животот имам различни улоги. Но јас сум, пред сè и основно – поетеса. Имам среќа што досега квалитетот на мојата поезија секогаш бил препознаван и секоја збирка поезија што сум ја објавила истовремено била и наградена. Мојот живот е непрекинато пишување, но и непрекинато читање – можеби уште поважно е да се нагласи токму тоа. Освен што пишувам, водам работилници за пишување поезија. Тоа го правам виртуелно, што им овозможува и на учесниците кои не се од Шпанија да се пријават на работилниците. Преку работилниците запознав многу прекрасни луѓе. Водењето работилница ми овозможува постојано да учам и да добивам повратни информации – начинот на кој моите учесници ја доживуваат поезијата во голема мера влијае врз мене, учам од нивните грешки и успеси. Што се однесува до животот надвор од книжевните рамки, што да кажам освен дека верно ме следи прекарноста. Но добро, јас сето тоа го претворам во поетски материјал. Ќе има уште многу поезија во иднина.
Токму на прекарноста можеме да ѝ бидеме благодарни за настанувањето на твојата збирка Пералница, своевиден поетски дневник што на крајот одлучи да го објавиш. За што пишуваш во оваа збирка за која ја доби и престижната награда „Хиперион“?
Пералница е мојата најпозната збирка затоа што зборува за пандемијата на коронавирусот што колективно ја преживувавме во 2020 година. Во оваа збирка пандемијата не е претставена само како универзално човечко искуство од тоа време, туку е согледана од перспективата на работничките во болничката пералница во која и јас тогаш работев. Од таа причина, иако смртта беше присутна во животите на сите нас, јас сепак бев опкружена со неа повеќе од просечниот човек. Збирката соодветно одлучив да ја поделам на четири дела што ги нареков според програмите на машината за перење – претперење, перење, плакнење, центрифугирање. Претперење и Центрифугирање се делови од збирката што се состојат само од една песна, и тоа воведната и завршната. Перење содржи песни напишани за време на пандемијата, во 2020 година, а Плакнење содржи песни напишани во 2019 година, односно една година претходно. Помеѓу овие две години во збирката постои паралелизам и таа може да се чита и така што се споредуваат настаните од истиот ден во 2019 и 2020 година.
Пералница е плод на пандемијата на коронавирусот. Ретко кој од нас може да се пофали со исклучителна продуктивност во времето на маските и карантините. Како тебе ти успеа да напишеш и да објавиш поетска збирка?
Пишувањето на збирката беше тежок процес. Не поради самото пишување, бидејќи зад себе тогаш веќе имав неколку објавени збирки, туку поради тешкотијата на самото постоење во тој момент. Тешко беше да се живее во сета таа несигурност, да не знаеме дали јас и моите колешки живи ќе го дочекаме следниот ден. А покрај очигледните причини, како што беа карантините, тогаш се чувствував ужасно осамено и затоа што бев километри оддалечена од семејството и пријателите. Имено, поради работата во пералницата се преселив во друг град и тоа емоционално многу ме потресе, што се гледа и во мојата подоцнежна збирка Егзитус. Постојано ме следеше анксиозноста, но заедно со неа и потребата да ја искажам – бидејќи немав доверливо уво што би ме сослушало, како и секогаш, книжевноста, а особено поезијата, ми претставуваа спас. Се враќав од работа и веднаш се фрлав на запишување на впечатоците од тој ден – и тоа не само на трагичните.
Важно е да се нагласи дека ова не е само трагична збирка, туку во неа пишувам за најразлични искуства што ги доживеав за време на пандемијата, како, на пример, овошјето што моите колешки го носеа на работа и си го продаваа една на друга. Имено, пишувањето во тој момент за мене беше обид да најдам утеха и многу сум горда кога луѓето го препознаваат тоа. Кога не ја гледаат само естетската или техничката вредност на мојата поезија, туку кога со мене ќе го споделат и тоа колку ги допрела мојата поезија, колку им помогнала, колку се препознале во неа. На многумина им помогна затоа што на нивните размислувања и чувства, кои самите не знаеле да ги изразат, преку своите песни им дадов глас. Затоа секогаш сум ѝ благодарна на поезијата – не само поради она што ми го дава мене додека ја создавам, туку и поради сето она што им го дава на читателите.
Кога зборуваш за збирката, ја истакнуваш заедништвото со другите по нејзиното објавување и утехата што си ја пронашла во пишувањето. Нагласуваш дека не е сè во збирката толку црно, дека во неа се запаметени и убави моменти. Сепак, таа навистина е исполнета со смрт, од почетокот до крајот. Како сеприсутноста на смртта во твојот живот во времето кога настанувала збирката влијаеше врз тебе и врз твојот однос кон смртта?
Сè се насобра таму… Од спротивставени чувства до оние што се надополнуваат. Од песни во кои посакувам смртта да дојде и токму мене да ме земе, до оние во кои, гледајќи ги птиците, размислувам за сите оние што повеќе не можат да го прават тоа. Понекогаш е присутно и одредено чувство на срам кое во суштина претставува почит кон оние што повеќе не се тука. Во некои песни ги молам за прошка затоа што можеби токму тие, а не јас, заслужиле да бидат овде и да ги набљудуваат птиците. Тоа се изопачени размислувања, мрачни. Но, пред сè, тие се поетски и сакав преку поезијата да им дадам живот. Јасно е дека смртта ме следеше и по пандемијата, мислам, долго време уште носевме маски, смртта на блиските на луѓето сè уште беше многу свежа, некои дури и не беа веднаш погребани по смртта. Долго време уште се дишеше во мрачен ритам. Тоа, како што веќе споменав, се чувствува и во мојата збирка Егзитус. А и денес, додека пишувам, понекогаш мислам на тоа. Тој период од животот ме потресе и го зеде својот данок – и приватно и професионално.
Да се вратиме на животот и на некои негови, за жал, исто така непријатни аспекти. Пералница е проткаена со описи на потценувањето и занемарувањето на трудот на работничките во пералницата, што си го почувствувала на сопствена кожа. Патем се допираш и до предрасудите поврзани со поетскиот повик, кои и понатаму те следат на професионалниот пат. Како е можно поетеса чија поезија освоила толку многу награди да не успева да го најде своето место под сонцето на книжевната сцена?
Да, и во самата збирка има песни во кои јасно ставам до знаење дека не сум само поетеса која се движи меѓу животот и смртта, туку и поетеса која не го наоѓа своето место – ниту меѓу работничката класа, ниту на работното место, ниту во секојдневниот живот, ниту во поетските кругови. За мене нема место на овој свет. На тоа додај го и фактот дека се чинеше оти светот се приближува кон својот крај, дека секојдневно умираше заедно со илјадниците жртви на коронавирусот. Оваа збирка го пренесува чувството на постојана загуба, на неможност да се најде местото на кое му припаѓам, луѓето што ме разбираат. Никој не ја цени мојата работа во пералницата, а како воопшто може да функционира која било болница ако никој не ги пере чаршафите? Исто така, како може човечкото суштество да преживее без поезија? Се чини дека никому не му е грижа. А на тој впечаток не му помагаат ниту сите награди што ги добив. Вистина, тие ми донесоа одредена препознатливост. Но да живеам од поезијата за мене и понатаму е невозможна мисија. Мислам дека тоа можам да му го припишам – а ќе го кажам тоа сосема отворено и исклучително гневно – на фактот дека сум жена, работничка и дел од ЛГБТ-заедницата. Да не бев на пресекот на различни потиснати општествени групи, да бев лекарка, инженерка или професорка, можев да живеам од поезијата. Или барем би уживала многу подобар статус во тој свет. Тоа многу боли, нема да лажам. Но колку и да звучи романтизирано, за мене поезијата е нешто друго. Таа за мене претставува можност за менување на општеството, светот и самата себе. Поезијата е потрага по убавината и како таква никогаш не е залудна. Таа ги надминува наградите, парите и статусот.
Превод на интервјуто од хрватски јазик: Сашо Огненовски
Елементи