Elementi Logo

ИНТЕРВЈУ СО ВЛАДА УРОШЕВИЌ

Backgorund

Извадок од книга „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ од Владимир Јанковски

За мене, приказната за Влада Урошевиќ е приказна за некој кој целиот живот се обидува материјалните траги на постоењето да ги претвори во метафизичко пулсирање, материјата да ја замени за она недопирливото. Вие сте опседнат и со материјалното (па сакате необични предмети, камења, минерали, сетилен и тактилен сте), а истовремено Вашето творештво е опсесивно потврдување на моќта и силата на нематеријалниот свет, на ирационалното и недофатливото. Па ајде кажете ми нешто повеќе за обединувањето на овие две нешта.

– Да. Јас повеќе пати сум признавал дека во мојот сензибилитет мошне значајна улога играат телесното и сетилното. За мене тие се извонредно важни и како поттик за творештво. А и како чувство на полнотата на животот. Сетилните дразби. Мирисот, вкусот, допирот, сето тоа ми е многу, многу значајно и инспиративно. Сепак, тоа не го чувствувам како нешто што е во спротивност со она другото, со ирационалното, со сублимното, со натприродното. Ми се чини дека нашите сетила се можеби најсигурни влезови во тие светови. Најсигурни скали по кои можеме да се искачиме кон нешто што е повисоко од телесното и материјалното, кон еден друг свет. Малку е парадоксално, но ми се чини дека токму низ сетилата ние одиме кон апстрактните идеи, кон вонсетилните искуства, кон трансцедентното. Или барем мене тоа ми се чини како најприроден пат.

– Она што Рембо го нарекува растројство на сетилата…

– Да, тоа би бил некој екстремен облик на тој начин на доживувањето на светот. Ете, да речеме, кога ќе дојдам во допир со некој камен. Не секој камен, туку некој кој случајот и морските бранови го донеле пред мене. Кога ќе го допрам, а сето она што ме опкружува во тој миг ќе ми помогне да ја воспоставам таа врска, јас можам да ја почувствувам поврзаноста со универзумот, со некакви сосема вонтелесни занеси, со смислата на постоењето итн. Тоа е некој пат од сосема конкретното кон сублимното, кон возвишеното. По природа не сум тип склон кон апстрактно размислување. За себе велам дека мислам низ слики. Затоа никогаш во гимназија не ми одела математиката. Подоцна многу тешко се пробивав низ филозофската лектира и не ја ни сакам многу, но поради општото образование и врските со литературата морав да навлезам, колку што можев, во светот на филозофските идеи. Но, тие никогаш особено не ме привлекувале, и мислам дека никогаш не ми биле поттик за книжевното творештво. Исто така, јас сум целосно нечувствителен за музиката. Ова е страшно признание, знам. Но, музиката ми е премногу апстрактна. И не можам да се пробијам до нејзината смисла. Тие видови апстракции – математиката, филозофијата, музиката – претставуваат за мене, на еден одреден начин, области во кои не се чувствувам „на свој терен“. Колку што ми дозволуваат рамките на образованието, успевам да се справам со нивните основни облици. Но притоа секогаш чувствувам – тоа не е моја област. Така чувствувам. И мене, ова звучи како метафора, мене понекогаш многу повеќе ми кажува вкусот на една зрела кајсија отколку едно музичко дело. Што да правам!?! Многу повеќе ми открива, нешто ми кажува и за мене, но и за светот, ме упатува кон некаква смисла, кон некое сознание што потоа се обидувам да го искажам низ зборот.

– Да го заокружиме разговорот за „Тајно злато“. „Тајно злато“ е книга и за односот меѓу авторот и неговото творештво. Дали сте посакувале како човек да исчезнете во своето творештво, да се втопите во него? Или сосема е во ред да постојат двете инстанции – човекот кој живеел одреден живот и авторот кој создавал одредено творештво?

– Помеѓу мене и моето творештвото секогаш постои одредена, да речам, граница. Затоа никогаш не се поистоветувам исцело со него. За жал, јас секогаш сум свесен за ограниченоста на средствата со кои ја постигнуваме уметноста и поради тоа секогаш сум незадоволен од крајниот резултат. Понекогаш сум и очаен. Но, добро, тоа е мој проблем. Можам да оценам дека некоја реченица што сум ја напишал е добра реченица. Но, зад тоа стои уште една друга свест, која вели: „Ама тоа не е онаа реченица која ти си сакал да ја напишеш!“

– Сонуваната книга и реализираната книга секогаш се во расчекор и сонуваната секогаш е подобра во однос на реализираната!

– Апсолутно. Ете, поради тоа не можам сто проценти да се поистоветам со моето творештво. Зашто сум незадоволен од него. Тоа не е она што сум го замислил, ама, ете, толку сум можел. Мислам дека секој интелигентен творец го почувствувал и го чувствува тоа. Има, се разбира, будали кои мислат дека се гении! И дека нивното дело е генијално! Но, мислам дека секој поинтелигентен творец сфаќа дека она што го направил е само сенка од она што сакал да го направи.

– Дали можеби тоа Ве тера да пишувате нова книга?

– Сигурно. Еј, ајде сега уште еднаш да пробам! Секако, има мигови кога може да се рече дека сум задоволен од она што сум го напишал. Но, никогаш не сум воодушевен!

– Во Вашата поезија има една опсесија со преобразбата, трансформацијата на едно нешто во друго. Таа трансформација им се случува на живи луѓе, но и на материјата. Како да верувате дека нештата се во постојано движење и се стремат да бидат нешто што не се. Зошто?

– Ова зошто на крајот најмногу ме збунува. Преобразбата е несомнено најчестиот облик низ кој се манифестира чудесното, натприродното, фантастичното. И во сето тоа секогаш има некаква магија. Бидејќи тоа што се случувало некогаш пред очите на оние кои присуствувале на магискиот обред било некаква метаморфоза, некаква преобразба на нешто во нешто. Или на биолошки план или на хемиски план, на физички план. Нешто се одигрувало што не било, барем во тој миг, вообичаено за секојдневниот поглед на нештата. Зошто сето тоа се јавува кај мене? Ми се чини дека во основа на тоа лежи детското убедување, детското сфаќање, дека сè може да заприлега на сè. Таква е имагинацијата на децата. За нив секогаш може да важи она правило на Да Винчи – секогаш гледајте ги пукнатините во ѕидот, мовта на каменот. Децата, а изгледа и старите луѓе, ја имаат таа склоност, или да речам моќ, во навидум обичните пројави на природата да откриваат скриени облици. И да ги толкуваат, честопати, како некакви тајни пораки. Сум прочитал дека тоа може да биде последици и на некои психички болести. Секако дека мене ми се допаѓа да ги менувам нештата, да не бидат онакви какви што се. Ми се чини дека реалноста не му е доволна на човекот.

– За Вас, реалноста секогаш е само почетна точка за книжевна преобразба и повторно обликување на животот. Вие сте автор кој постојано се обидува во појавите од надворешниот свет да открие пукнатина во која може да се најде некоја поголема есенција од животот. Ова е јасна уметничка преокупација. Но, дали тоа се однесува и на животот? И на кој начин реалноста како почетна точка за книжевна преобразба и пукнатините во светот околу Вас станувале чинители на она што сте го правеле во животот? Во начинот на кој сте живееле?

– Тоа е многу повидливо во она што го пишувам, нели. Со уживање сум ги примал миговите кога тоа се остварувало и во животот. Се разбира, тоа се мошне ретки мигови, но тие случувања ми предизвикувале задоволство и на некој начин ми давале сатисфакција, ми давале потврда дека она што го пишувам е можно и остварливо и во животот. Постојат такви чудесни мигови во животот, кога ни се случуваат некои исклучителни работи што го потврдуваат правилото дека и чудата се можни. Секако дека кај мене постои таа потреба од метаморфози. Не станува збор за манир преземен од уметноста. Мислам дека тоа е процес кој честопати управува не само со мојот сензоријален механизам туку и со мојот психички живот. И дека сето тоа има некакво свое длабинско оправдување. Дека се претвора во нешто како став. Еднаш еден пријател ми рече: „Ти секаде го бараш чудесното“. Му одговорив: „Мислам дека е поправилно да се рече дека чудесното ме бара мене“.

– Во одговорот на претходното прашање го спомнавте чудесното. Позната е Бретоновата дефиниција за чудесното. Која е Вашата дефиниција за чудесното?

– Се плашам дека ќе морам да Ви противречам. Ниту Бретон, ниту надреалистите никогаш не дале своја дефиниција на чудесното. Ја избегнувале. Секогаш ја кажувале…

– „Чудесното е секогаш убаво, секое чудесно е убаво, и дури само чудесното може да биде убаво.“ Зар тоа не е една дефиниција?

– Не е. Тоа е само констатација дека убавината е една од одликите на чудесното. Јас напразно сум барал кај надреалистите да кажат нешто поодредено за некои од основните поими кои за нив биле клучни… Не сум успеал да најдам дефиниција на црниот хумор, на пример. Не сум успеал да најдам дефиниција на чудесното, исто така. Па и тешко може да се најде нешто што би било дефиниција на објективниот случај. Тие основни работи надреалистите ги оставале малку окултизирани. Не сакале да ги дефинираат прецизно. Впрочем, мислам дека тоа е поука од она од Првиот манифест на Бретон, каде што тој вели „Надреализам е чист психички автоматизам…“ и дава енциклопедиска одредница за надреализмот. И тоа е безброј пати цитирано и безброј пати му е залепувано на надреализмот, на негова штета. Така што, надреалистите избегнувале да дадат точни, прецизни дефиниции на она што било фундаментално во нивните ставови. Ова го кажувам попатно. Што за мене би било чудесното? Тоа истовремено е и негирање на реалноста и поткревање на реалноста на некакво повисоко ниво. Поткревање, некаква сублимација на реалноста, нејзино претворање во некаков повисок облик. Затоа пред малку добро рековте дека секогаш тргнувам од реалноста. Пред некој ден, во овие наши разговори, кажав дека тргнувам од сетилните дразби. Дека за мене е извонредно многу значајно она што го нарекуваме реалност примана преку сетилата. Сетилата се истовремено места на допирот помеѓу нашиот внатрешен свет, нашето внатрешно битие, и надворешната реалност. Но, истовремено се и некакви премини, места на премини кон повисоките области на духовноста.

„Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“, Антолог, 2023

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ