Нина Медвед: Верувам дека секој човек може да пронајде песна, која длабоко ќе го допре
Нина Медвед е победник на фестивалот за млада литература Уршка 2019
Младата поетеса Нина Медвед пишува поезија, за која верува дека му е длабоко
неопходна на човекот, особено денес, кога се соочува со губење на духовното значење.
Таа е поетеса, културна продуцентка, уредничка, преведувачка и фотограф. Завршила
Компаративна книжевност и француски јазик. Својата поезија ја објавува во истакнати
словенечки и странски книжевни списанија. Победничка е на фестивалот за млада
литература Уршка и на литературниот фестивал Спирала (2019), а полуфиналистка е на
поетскиот турнир што го организира издавачката куќа Пивец (2017).
Како основач на институтот Две месечини организира поетски настани во нејзиниот роден
град Марибор, каде што на младите луѓе им помага да издадат своја поетска книга или да
ги објават своите песни во списанија. По нејзината прва поетска книга Лизгачки свет
следува и втора поетска книга, за која вели дека наскоро ќе излезе од печат.
Зошто да се чита и зошто да се бориме за поезијата?
Се трудам луѓето да ги одушевам со современата поезија, бидејќи верувам дека секој
може да најде песна, која длабоко го има допрено. Ова има трансформативна моќ за
личноста и со тоа и за заедницата во која живее. Затоа би сакала да ја истакнам
симболичната и актуелна, но сурова моќ на поезијата: има нешто длабоко во секоја добра
песна што го соголува човекот до коска, го превртува наопаку и го разгалува – но не пред
другите, туку пред самиот себеси. Тоа нешто се населува во човекот, го движи, го тресе,
го соочува, го поканува, го смее, го милува, ја вади личноста надвор од законите што
важат во секое општество и го враќа назад до суштината на човештвото, малку променет и
изменет. На тој начин, поезијата му го открива богатството на постоењето и му
овозможува лично достоинство, без оглед на надворешните услови во кои живее. На тој
начин, непобитната вистина е ослободувачка, таа е излез од општествените норми и
форма преку која можеме себеси да се изразиме на вистински начин.
Дали поезијата е добро оружје за борба против балансирање на светот?
Поезијата е одличен начин за спротивставување на капиталистичкиот, монотон и
тривијализиран начин на живот, во кој копнееме за нешто повеќе и за слободниот избор
како ќе го живееме единствениот живот што нѝ е даден. Во капитализмот секое можно
значење е поедноставено на тоа каква вредност има. Колку ќе чини нешто, колку може да
се заработи и кој ќе профитира од тоа. Во таков свет можеме да оперираме само во црно-
бело и со буквално значење, а останатите нешта немаат никаква функција и вредност.
Затоа мислата што не може да се движи линеарно е шарена, слоевита, носи различно
значење за различни луѓе, може да е ослободителна за поединецот, а од друга страна
опасна за системот, кој не може никаде да ја складира, бидејќи не може да заработи од
неа. Тешко е да се заработи од нешто што секогаш се менува кога некој друг ќе го има во
своите раце, а токму тоа се случува со добрата песна, бидејќи секој ја доживува на свој
начин. Вистинската моќ на една песна е збирот од сите нејзини читања, сите нејзини
животи што ги оживува кај луѓето што ја читаат или што ја слушаат. А во капитализмот
мора да се случува секогаш само тоа што го зборуваме, исто како она што го мислиме и
она што го разбира слушателот од нашата порака. Затоа, сите значења во таквиот свет
треба да се затворени, поедноставени, да се направат да бидат секогаш исти, стабилни,
подеднакво продадени, безбедно ставени по ред во светот. Тоа важи и за зборот и за
човекот.
Затоа, можеме да се бориме за сопственото достоинство само со делување надвор
од овој начин на размислување. Со таквото истражување имаме поширок спектар на
емоции отколку само „нежно“ да „сте изненадени“ и „неверојатни“. Тоа значи дека сме
способни да се отвориме за различни перспективи и емоционални вистини кон другите,
бидејќи така стануваме емпатични. Кога ќе дозволиме да сме исполнети со сопствената
имагинација и да го допреме тоа што го почувствувала и друга личност, стануваме
поразбирливи и подготвени сме да работиме со другите луѓе. Човечката соработка е
основа на општеството, а силното општество е спротивно на тоа што нѐ принудува
глобалниот систем, кој нѐ автоматизира, изолира, го брише нашиот идентитет и нѐ
подготвува за борба за опстанок. Современите битки се невидливи, економски, политички,
виртуелни, високотехнолошки, вирални, јазични и затоа не помалку реални.
И како влијае поезијата на развојот на поединците и на човекот воопшто?
Ги охрабрувам луѓето да читаат современа поезија. Додека читаме поезија, себеси
се гледаме како во огледало. Ги осмислуваме внатрешните случувања, го истражуваме
своето доживување за светот. За да ја прочитаме и песната да има смисла, мораме да
бидеме внимателни со јазикот и да ја активираме имагинацијата, а песната да ја
дополниме со сопственото искуство, да ги дешифрираме значењата, да составиме пораки
и со активно читање да се дојде до подобар ефект. За ова мора да бидеме отворени, но
истовремено фокусирани, да бидеме во контакт со своите емоционални или
интелектуални ресурси, да ги користиме краткорочните и долгорочните спомени, да
визуелизираме слики, активно да стапите во контакт со својот внатрешен монолог, да ги
активирате различните сетила и чувства во нашето тело. Работите што веќе сме ги
доживеале, но за нив не сме нашле зборови да ги именуваме, одеднаш стануваат дел од
нашиот јазичен репертоар и поглед на свет. Сето тоа се преплетува и честопати
функционира несвесно. На тој начин, песната ја оживува и преобразува целата личност.
Слично функционира и пишувањето. За да може индивидуалецот да се изрази, мора
да си постави јазичен и имагинарен предизвик, внимателно да работи со ритамот, да најде
целосни зборови, да излезе од опсегот на зборови што го користи во секојдневниот живот.
Ова во голема мера силно влијае на индивидуалното изразување на луѓето. Колку пати
имам видено дека нивниот глас ги направил посилен и почнале похрабро да чекорат во
животот. Се разбира, тоа не е исто што и квалитетната поезија. Но, можам да им помогнам
на луѓето да не напишат нешто тривијално, туку да успеат да напишат што е можно
подобар и поискрен текст, преку кој ќе бидат слушнати.
Велиш дека најуспешните песни се чувствуваат кога се родени во голем наплив на
инспирација. Дали се работи за пишување на поезија само кога има инспирација или
тоа е напорна работа?
Од една страна, најуспешните песни ми се чини дека се чувствуват како да се
родени во голем наплив на инспирација. Дека настануваат сами по себе, дека се подарени,
инспирирани од просторот што е надвор од нас – како да се создадени во некаква
џиновска хармонија од вибрациите на светот. Овој дел од поетскиот свет не сакам да го
објаснам со аргументи на разумот, на пример со одредена психолошка способност, траума
или ген за поезијата. Мислам дека ниту уметничката интелигенција не може да го
репродуцира тоа. Барем во однос на читањето, заостанува зад живите поети и поетеси,
бидејќи произведува исклучително застарена поезија. Првенствено, не сфаќам зошто би
сакале да уживате во поезијата заедно со компјутерите? Поезијата е човечко задоволство.
Од една страна, поетската дарба е неопходна, а од друга страна потребно е да се
знае да се направи добра песна, за да има ефект врз другите луѓе. Способноста на
одличниот поет е во тоа да може песната успешно да ја репродуцира во себеси и потоа да
ја напише. Ова е работа во целосна смисла на зборот, потребно е да се проучи, да се
совлада, тој процес е исцрпувачки за човекот, но бара и многу едукација и читање. Тоа е
високо професионална и когнитивно напорна работа, затоа заслужува праведна плата и
соодветни услови за работа. Ова го нагласувам, бидејќи честопати уметничките дела не се
доволно платени и бидејќи поканите за неплатена соработка се неверојатно чести. Не само
поетските ангажмани, туку и другите уметнички и професионални работи во уметноста и
културата, иако во јавниот простор сѐ повеќе се зборува за несигурноста на ова поле, а
особено за луѓето што се самовработени во културата, кои се во исклучително ранлива
положба.
Го формиравте Институтот за поезија Две месечини. За што се работи?
Сличните размислувања на повеќето уметници ме поттикна да основам
организација што ќе ги охрабри и поддржи уметниците, а особено жените, што мислам
дека се особено во ранлива категорија, да може да добијат можност за уживање во
современите уметности, особено во источниот дел на Словенија, каде што и јас живеам и
каде што има помалку можности и ресурси за создавање, отколку во главниот град. Така
настана Две месечини, организација што се залага за поетизација во светот, што јас како
концепт го разбирам во многу поширока смисла, не се работи само за работа со поезија,
иако поезијата моментално е во срцето на нашите активности. Институтот го формирав
пред две години. Бидејќи верувам дека се битни добри услови за работа за уметниците и
за нашите колеги, ние се трудиме да платиме за секоја работа и да најдеме конкретни
начини за поддршка на уметниците во форма на знаење, материјали и начини за
подобрување на ситуацијата. Затоа и се развиваме полека, бидејќи најпрво ги собереме
средствата, за да можеме да го реализираме проектот, но успеваме во сето тоа само поради
кругот на поединци и организации што веруваат во нас и со кои конструктивно
соработуваме. Моментално ја водиме менторската програмата Тандем, во кој вклучивме
двајца уметници со цел поддршка во нивниот професионален и уметнички развој. Во
првото издание ги поврзавме визуелните уметници Ане Голчар и Сара Стипловшек, а во
второто издание Сара и реномираната дизајнерка Ника Ферш, а во проектот работиме
заедно и со младата поетеса Мила Кодрич Цизерл, која сака да ја објави својата прва
поетска книга.
Планови за во иднина?
Оваа година треба да се реализираат редовните проекти, како што се Денови на
словенечката книга во Марибор, Прангур за превод, Фестивалот за детски книги во
Франција, меѓународниот семинар за превод на словенечката литература, книжевна
работилница во гимназијата во Марибор, како и развој на програми во Две месечини.
Истовремено, ја уредувам својата втора книга и пишувам песни. Многу читам,
исклучително женски поетеси, и повторно и повторно ме импресионираат Вислава
Шимборска, Луција Ступица, Луиз Глик, Мила Хаугова, Андре Шедид, Перин Ле Кверек,
Петра Колмончич, Марија Ференчухова, кои топло ги препорачувам за читање.
Се надевам дека сите овие проекти ќе може да се реализираат, така што
посетителите и читетелите со задоволсво ќе може да уживаат и да црпат инспирација од
нив.
Превод: Драгана Евтимова
Елементи