Elementi Logo

ИНТЕРВЈУ СО ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

Backgorund

– Вие сте поетеса чија поезија има висока уметничка вредност и е со силен ангажман, и социјален и општествен. Колку мислите дека поезијата може да го промени светот?

Поезијата може да придвижи нешто во одреден човек, па и во група луѓе, и да смени некое делче, поголемо или помало, од нивниот светоглед. Може да предизвика реакција, да ја разбранува свеста, да ја потпраша совеста, да даде идеја, да сугерира, да сочувствува, да просветли, да научи на нешто, да наполни со животна сила, да и дозволи на душата да го почувствува и она од што можеби бега. Поезијата може да промени нешто во нашиот свет-оглед, но не може да го промени светот во целост или радикално. Но, што, всушност, може да го промени светот? Светот обично се менува на полошо, ретко на подобро. Поезијата неретко е одговор на светот како ентитет од сите нас и од сѐ што е наше, поезијата е одговор на нашите сопствени прашања. Но поезијата е и прашање на кое не секогаш му е потребен одговор. Всушност, колку поети/поетеси – толку поетики. Пишувам од сопственото сепство, од сѐ што носам во себе, од чувствата, мислите, ставовите, потсвеста, соништата, грижите, радостите, опсервациите, но и од сѐ она што е заумно, недефинирано, незнајно, невидливо. Песната се раѓа од сѐ и од ништо, но и во тоа сѐ и во тоа ништо има нешто само мое, нешто што ме разликува од другите. Тоа е и граничната состојба на моето битие. Јадрото на песната е и во, и вон личноста. Внатрешната ангажираност која е спонтана и иманентна е поважна од прагматичната, применета ангажираност на литературата.

– Во Вашата последна поетска збирка „Гранична состојба“ говорите за распадот, за тоа колку човекот го сочинува човештвото. Каде ововременската цивилизација треба да ги побара причините за фаталноста на своите грешки?

Дефинитивно во човекот. Човек на човека не е човек, а понекогаш ни себеси. Распаѓањето е процес на декомпозиција, а цивилизацијата е композиција, устрој, градба, облик, содржина. За жал, цивилизациските придобивки наместо во нагорна, сѐ повеќе одат во надолна линија, човекот наместо да станува поумен, со поширока општа култура, со повеќе знаење и емпатија, со посилно чувство за солидарност и сочувство, станува поподатлив на перење мозок, верува во теории на заговор, паѓа под влијание на дневните популистички политики, од себе го цеди она најлошото, најбедното. Во таа смисла распаѓањето на сѐ околу и во нас е сигурно последица на самиот свет што го изградивме и го градиме за да живееме во него сега и овде, конзумеристички, индивидуалистички, себељубно. Сега и овде е логото на неолиберализмот кој произведува сега и троши овде, и тоа не само материјално, туку и духовно и душевно. Во сега и овде ги заборавивме минатото и историјата, но и иднината, а сегашноста ја гледаме како единствен концепт на постоење. Тоа е нашата фатална грешка.

– За истата поетска збирка сте овогодишна добитничка на престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Кој е креативниот пат на македонската поетска мисла и кои се нејзините инспиративни гами?

Македонската поетска мисла колку и да се разликува, сепак е и слична со тековите на останатите пеотски мисли во светот, мислам дека можеме слободно да зборуваме за глобализација на поезијата, без притоа (сѐ уште) да судиме дали е тоа добро или не. Времето ќе покаже. Факт е дека сите живееме во исто време и во ист простор, нашиот свет стана она глобално село за кое порано зборувавме повеќе метафорично отколку реалистички, сите ги гледаме истите вести, сите сме во истата епидемска криза, глобалната геополитика несомнено влијае на нашите локални геополитики, кои, пак, и ја обликуваат глобалната, сѐ зависи од сѐ. Во тој контекст, поезијата се раѓа и се пишува неретко под влијание на она што се случува околу нас, но и во нас, а како човек да остане сосема имун и непропустлив за сето тоа? Има македонски поети и поетеси кои ги ценам и читам со задоволство, но има и такви кои не ми нудат ни задоволство од текстот, ни книжевна идентификација, ни онтолошко засолниште, ни егзистенцијална запрашаност, ни суштинска тага или суштинска радост, ништо. Во македонската книжевност има и празна и полна поезија, впрочем, како и во секоја друга. Понекогаш се фаќам себеси како помислувам читајќи одредена поетска или прозна книга: како може ова да им се допаѓа на другите, а не и на мене? Понекогаш за тоа сум благодарна, понекогаш ми е жал. Во секој случај сум постојано во потрага по добри книги, без разлика на средината од која потекнуваат. А добри книги за среќа има на претек.

– Се занимавате и со препев и превод од словенечки на македонски јазик. Кои се тематските интересирања на словенечките поети?

Најразлични се, како во секоја поезија. Лирски и наративни, модернистички, постмодернистички и неореалистички, автентични и клишејски, секакви. Мене ми е најблиска поезијата во слободен стих, наративна, со референци од секојдневниот живот во една поширока семантичка смисла, лични, а универзални. Особено ја сакам и почитувам поезијата на словенечките поетеси, некои од нив за мене се секогаш одново откритие на храброст, бескомпромиснист, јачина и самоглас во нивните поетики, но блиски ми се и поетските писма на многумина словенечки поети кои не бегаат од предизвиците на реалноста, туку на поетски начин од неа создаваат прашање, слика, меморија, рефлексија. И во словенечката поезија како и во многу други, има и испразнетост, ларпурлартизам, инфлација од стихови, површност, клишеа – сето тоа особено доаѓа до израз ако пробам да препеам такви песни и сфаќам дека околу нивната оска буквално нема ништо, дури ни филозофско ништо. Ама тоа не се однесува само на поедини словенечки песни, туку на поезијата во целост, и така било отсекогаш.

Подеднакво сте успешни и како прозна авторка. Сите три ваши романи, како и вашата збирка кратки раскази се вистински бисери во македонската литература. Каде се движат вашите понатамошни интересирања кога е во прашање прозата?
Во моментов пишувам роман кој пред мене постави предизвик дали да ја раскажам приказната во сугестивната, исповедна, можна и ранлива јас-форма или сепак да ја поставам приказната во устата на неутрален, класичен, објективен раскажувач. Ме влечат и едното и другото, па експериментирам засега со раскажувачката перспектива. Романот со работен наслов „Единствен матичен број“ е длабење во психо/социјалните и општествени собитија на единката препуштена на отуѓеност од останатите, но токму поради тоа и силно сплотена со секој друг. Тоа е како да преегрнуваш човек чии раце висат крај неговото тело, не знаејќи дали да ти врати со прегратка или не.

– Дали сте помислиле некогаш да се обидете и во дијалошката форма. Да напишете драма?

Патот од монолошката до дијалошката форма и не е толку далеку, така што можно е да се испробам со пишување драма. Најблиску до тоа бев во дијалошките раскази во збирката „Кога заминав од Карл Либкнехт“, покрај монолошките, кои беа за мене вистински предизвик. Имено, кога ги поставував ликовите на сцена (секако, мислам на фиктивната сцена на меморијалниот дом на Карл Либкнехт во Лајпциг), морав да влезам во кожата, гласот, гествите, изгледот, полот, душата и умот на секој поединечен лик и да ја раскажам нивната приказна како да е моја. Кога ги слушнав ликовите во аудио-изданието на книгата на Самоглас, во интерпретација на извонредниот млад актер Лазар Христов, почувствував дека ликовите навистина живеат на сцена. Некои од нив би можеле и да бидат монодрами. Во секој случај, ме влече пишувањето драма и мислам дека во некоја иднина ќе ја напишам и првата драма во мојот живот.

– Македонската книжевност има моќни писателски имиња. Што е она што и недостига за да биде повеќе видлива во европски и светски рамки?

Ако зборуваме за институционални недостатоци тогаш тоа е сигурно културната политика која всушност не ни постои во однос на македонската книжевност. Кој денес во Македонија се занимава со македонската книжевност и нејзината видливост во странство? Никој! Саемите на книгите во странство повеќе не се ни спомнуваат во Македонија, а и оние што беа реализирани во минатото не беа којзнае колку успешни: ние на саемите на книгата очигледно претпочитаме да ги претставуваме туристичките убавини на Македонија, а не нејзините поети/еси, прозаист(к)и, есеист(к)и, драмски авторк(к)и итн. Да не зборуваме за тоа дека мултикултурноста на македонската литература никогаш не доаѓа до израз на таквите презентации, небаре имаме само автор(к) кои творат само на македонски јазик, а уште полошо е кога издавачите одат на ист саем, и секој посебно ја промовира литературата која ја издаваат само на својот јазик.
Од друга страна, книжевноста како таква не може да се пишува и развива според некој надворешно зададен терк или интерес, не може никој да ми каже да напишам таков и таков роман за да биде успешен во странство. Односно може, но мое право е да не го почитувам тоа. Пазарот на книгата апсолутно не и е наклонет на една мала книжевност како македонската, а Македонија тоа и самата како додатно да го продлабочува. Па затоа секој превод на која било добра книга од македонски авор(к)и на друг јазик е успех сам по себе. А секако, знаеме и дека секоја книга си има свој пат, што не значи дека не може да се најде и во ќорсокак, но и на автопатот на успехот.

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ