Elementi Logo

БУКВА – НОВ КНИЖЕВЕН ЦЕНТАР ВО СКОПЈЕ СО АНДРЕЈ ЈОВАНЧЕВСКИ

Backgorund

Интервју со Андреј Јованчевски, еден од сопствениците на кафе-книжарницата БУКВА

  1. БУКВА е книжарница која го освежи македонскиот книжевен простор. По што е оваа книжарница поинаква од другите во Скопје? Воедно, БУКВА е и кафе-книжарница. Тоа потсетува на оној терк кој во светот го практикуваат книжевни брендови како Barnes & Noble? Каде го гледате среќниот спој на книгата и дружењето со пијачка?

„Буква“ е простор посветен на поврзување на различните оддели на скопската културна сцена – место за активно пресекување и соработка на авторите од различни културни сектори и за градење сестрани и развиени интереси, потреби и навики кај културната публика во Скопје. Во исто време, „Буква“, како правен субјект, е првенствено кафе-книжарница, што значи дека барот и книжарската библиотека се ’рбетот врз кој се потпира финансиски. Во книжарскиот дел, „Буква“ споделува сличности со останатите градски книжарници, иако е меѓу ретките што им дава еднаква видливост на сите застапени издавачи – преку постојани акции и настани посветени на нивните различни изданија, како и преку редовно ажурирање на внимателно избрани наслови од нивните едиции, соодветно распоредени според дисциплинарните, жанровските и тематските предзнаци. Во програмскиот дел, „Буква“ функционира како мал културен центар – спроведувајќи промоции, претставувања, разговори, работилници, изложби, саеми и мали фестивали – не само книжевни, туку и од областа на визуелните уметности, музиката, сценската уметност итн. Спојот на книгата, барот, програмата на културни настани и кругот на редовни посетители обезбедува контекст за постојано и комотно движење и развивање на културната сцена.

  • Имате богата понуда на книги од сите жанрови и од голем број на издавачки куќи. Што е она што најмногу го завртува интересот на читателите? Колку се купува македонскиот автор за разлика од светските книжевни имиња?

„Буква“ застапува повеќе од дваесет издавачки куќи, при што предност имаат малите и средните книгоиздателства, а на полиците може да се сретнат и голем број лични и самостојни изданија. Целта на ваквата приоретизација е да го обезбедиме физичкиот простор што им е потребен на квалитетните редакции и издавачки програми на малите куќи за соодветно претставување на нивните одлични изданија на преводна или домашна литература. Она што особено нè радува е сè поразвиениот интерес за домашната книжевна продукција и препознавањето на квалитетниот книжевен превод на македонски јазик. Интересот за теориска и критичка, како и за графичката и монографската литература е особено забележлив, што ни е посебно драго, бидејќи „Буква“ постои, меѓу другото, и за да ги поттикне и развие тие жанровски интереси.

  • Една од спецификите на вашата книжарница се и книжевните настани кои уште повеќе го оплеменуваат овој простор. Колку книжевните настани носат купувачи и дали е тоа еден од рецептите за книгата што повеќе да се доближи до својот читател? Споменувајќи ги книжевните настани, неодамна заврши четвртото издание на „ArtArea/Артерија“ чии содржини имавме можност да ги проследиме токму тука, во БУКВА. Што ја сочинуваше програмата на ова издание на фестивалот?

Да, книжевните настани имаат редовно место во програмскиот распоред „Буква“. Освен што секоја недела „Буква“ ја посветува на одреден наслов, автор, жанр, издавач, едиција или тема, редовно се случуваат книжевни промоции и авторски претставувања. Во изминативе два-три месеци „Буква“ беше домаќин и на неколку поголеми книжевни случувања, меѓу кои можат да се издвојат прогласувањето на добитникот на наградата Роман на годината 2021 на Фондацијата „Славко Јаневски“, доделувањето на стрип награда „Лифт #3“ на издавачката куќа „Темплум“, и четвртото издание на интермедијалниот фестивал „ArtArea/Артерија“ на издавачката куќа „Бегемот“. Фестивалот „Артерија #4“ беше најголемиот настан во кратката историја на „Буква“ и во својата програма ги опфати следниве учесници: Јелена Белиќ, Македонско студентско етнолошко друштво, Социјално претпријатие „Еснаф“, Пјотр Пажињски, Оливие Бурдо, Милена Баиш, Диего Арболеда, Сашо Огненовски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Александра Јуруковска, Готен, Весна Лемаиќ, Амет Селим, Филип Јорданов, Виктор Трајановски, Скопски филмски фестивал, Леон Ристов, Ибер Деари, Верица Недеска, Дина Дума, Сказнувалка, Звуци, ПНВ Публикации, Андреј Ал-Асади, Викторија Ангеловска, Димитар Арнаудов, Павлина Атанасова, Ива Дамјановски, Диме Данов, Ивана Јовановска, Благица Трајкоска, Исток Улчар, Љубица Шопова, ВИС Тркалезна маса. Целта на фестивалот во голема мера ја отсликува и мисијата на „Буква“ – да создаде жива платформа за поврзувањње и дијалог меѓу авторите во различните културни домени и тенденции, спојувајќи ги во богата културна програма за време на три фестивалски дена, но и фацилитирајќи ја нивната понатамошна соработка на конкретни интермедијални проекти.

Сашо Огненовски и Андреј Јованчевски

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ