СТАРОСТА НА ТРИБУНОТ
Во размислувањето за однесувањето на три типа писатели во однос кон
власта, мислам дека за Трибунот не се доискажав. Го определив како искусен, одмерен играч, кој понекогаш, ако е потребно, кокетира со власта за да остане на трибунското место доживотно. Но, како и кај Хронистерикот и Кловнот, и кај Трибуните има значителни нијанси во соодносот меѓу пресметливоста и храброста во нивната позиција кон власта. Мислам дека недоволно ја истакнав токму решителноста на одделни Трибуни во клучните моменти на општествените, национални крстопати на својата татковина без компромис да се борат за своите ставови. Тие можат да ја носат таа улога толку предадено, што некогаш треба да се потргнат од неа, велејќи си го она што Конрад му го кажал на Хавел: „Сега повторно би можел да станеш писател. Одигра важна историска улога, препушти им го тоа сега на политичарите“. Иако некои од Трибуните, ако треба, манипулираат со власта, за нив Вистината е поважна и умеат, наспроти сите притисоци, да бидат отпорни и упорни во нејзина одбрана.
Во таа смисла, се навраќам на примерите на двајца книжевни трибуни од подалечното (Иго) и од поблиското (Сартр) минато.
Страственото републиканство на Виктор Иго против диктатурата на Наполеон III (кого во своите памфлети го нарекува Наполеон Малиот), не го застраши ниту децениското прогонство на островот Гернзи, каде, освен што грмеше со памфлети, создаваше впечатливи цртежи и учествуваше во окултни сеанси, ги напиша „Клетници“ и збирките поезија „Казни“, „Контемплации“ и „Легендата на вековите“. „Скоцканиот“, но алчен за власт Наполеон III, кој од прв претседател на Француската република (1848-51) се пресвртува во властодржец и император (во историјата не ретка преобразба), беше вистинска мета за гневниот писател. Изгнанството на Иго има драматичност од висок стил. Под лажен пасош гордиот трибун, преоблечен во работник, заминува со воз следните децении да ги самува на малечките, студени ламаншки острва. Истовремено ја зголемува широката подршка во татковината против омрзнатиот монарх кој владееше со сила.
Во егзил во најкреативните декади на животот, Иго кога по долгото прогонство, во 1870-та, два дена по прогласувањето на Републиката, се вратил во Париз, бил дочекан како херој. Љубовта на францускиот народ кон трибунот Иго траела доживотно: на прославата на неговиот 79-ти роденден, е одржана една од најголемите паради во француската историја. Повеќе од два милиони луѓе минувале во негова чест пред неговиот стан во улицата Ејлау, а потоа вдолж авенијата на Елисејските полиња се движеле кон центарот на градот. Слична таква огромна толпа 1883. го испраќа телото на Виктор Иго до Пантеон, каде е погребан.
Колку беше влијаниетто на Иго врз јавната свест, не само во својата татковина, туку, и како прогнаник, сведочи дека под влијание на неговите усилби за укинување на смртната казна, британската кралица Викторија, најмоќниот светски владетел во тоа време, ги поштедува од смртна казна шест ирски терористи, а се донесе и до нејзино бришење од женевскиот, од португалскиот и од колумбискиот устав.
* * *
Критичарите, од Тибоде па наваму, ја истакнуваат реторичноста како една од главните стилски одлики на Иго. Реториката е ефикасно средство што Трибунот често го користи, па оттаму е блиска и до Сартровиот став во „Што е тоа литературата“: „Писателот е говорник: тој назначува, докажува, наредува, одбива, интерпелира, преколнува, навредува, убедува, инсинуира“. Сугестијата на Сартр е очевидна: писателот треба да се ангажира. Секако, ангажираноста на Трибунот е различна од онаа на Хронистерикот. Дејствувањето на кажаното (напишаното) кај Хронистерикот е во служба на определена политичка ситуација, тој е жесток борец во првите фронтовски редови во битката за власт. Трибуновиот стратешки обзор е многу поширок, во политичка, а и во идеолошка смисла. За него имиџот за сопствената непокорна индивидуалност е особено важна, па затоа не трпи да го присвои прегратката на власта. Тој може да се приближи, да подржува и храбри определено мислење, став на некое политичко здружение, но никогаш не е „партиски човек“, каков што е најчесто Хронистерикот.
Трибунската ангажираност за суштинските, етички начела, за опстојот на својата национална литература, култура и јазик очекува да биде величана со високи награди и признанија, и доминантно место во книжевните истории. Трибунот-писател, прифатен и од својата фела како исклучителен, авторитетно ги оценува креативните дострели на своите претходници (и по некој современик), со што ја нагласува сопствената важност во востоличувањето на националниот Пантеон. Во книжевниот свет тој речиси да нема соперник кој може да му парира по важноста и функцијата што тој ја зазема во културниот и општествен живот на својата татковина. Неговиот противник, ако е поединец, мора да ги оличува оние властодржни пракси и структури што го предизвикуваат Трибунот дирекно да им се спротивстави.
И да биде во властодржна политичка позиција, па тогаш Трибунот, кој инаку се бори за Правда и Принципи, влегува во двобој. Така беше случајот и со
Иго, и со Сартр.
* * *
Но Сартр, да бидеме искрени, имал многу поинтелигентен и позначаен противник отколку оној на Иго. Генералот Шарл де Гол. Херојот на францускиот отпор, претседател на 5-та Република, државник со светски углед, моќна фигура во француската историја. Освен тоа, за разлика од Наполеон III, бил омилен во народот, кога 1958-та е избран за претседател на Француската Република, овој висок нослест 67-годишен генерал добил 78,5 % од гласовите. Ја поттикнува промената на уставот, за што добива уште поголема подршка на Французите – 79,2%! Генералот, со право, се славел како двоен спасител на Франција – првин, во ослободувањето на татковината од фашистичката окупација, второ, спасувајќи ја француската република од застрашувачки немири. Имено, во мај 58-та, радикалните приврзаници на француската колонизаторска власт во Алжир дигаат побуна. Франција е веќе истоштена од штотуку завршената војна во Индокина. Само еден човек, генералот Шарл де Гол, може да ја смири оваа тешка ситуација што навестува државен удар.
После оставката на местото претседател на државата уште во 1946. , де Гол повторно станува претседател, за голема добробит на татковината. Го смирува бунтот, врши реформи на институциите со подршка на мнозинство пратеници и го прогласува Уставот на Петтата република. Андре Марло, убеден комунист, активен учесник во кинеската револуција, шпанската граѓанска војна и францускиот партизански отпор, по сето тоа исклучително револуционерно искуство, станува министер за култура во кабинетот на де Гол и негов искрен приврзаник. Во своите „Антимемоари“ тој ја открива почитта и довербата кон својот претседател: “Со својот соговорник тој воспоставуваше многу интензивен контакт што, со оглед на неговата резервираност, се чинеше необјаснлив. Тој контакт во прв ред проистекуваше оттаму што тој оставаше впечаток на целовита личност – впечаток што ја демантираше онаа вообичаена изрека: не оценувај го човекот според еден разговор. Сето она што ми го кажа ја поседуваше онаа тежина што историската одговорност им ја дава и на сосем едноставни изјави… Разговарав со висок официр кој ги сакаше идеите и кој неприметно ги поздравуваше во минување; со човек пред кој секој беше одговорен, зашто тој носеше одговорност за судбината на Франција; и конечно, со личност опседнат со своето послание, и чиј дух беше преокупиран со таа судбина што требаше да ја открие и да ја исполни“.
Јасно е дека де Гол беше вистински национален Трибун на Франција, обединувачка сила на францускиот народ кој, откако ги преброди сите тешки искушенија, во староста се соочи со уште еден голем и опасен животен предизвик. Во мај 1968-та тој беше во својата 78. година, Сартр, иако петнаесетина години помлад од него, влегуваше во своето „трето доба“. Судирот меѓу Генералот и Сартр беше всушност соочување на двајца искусни, умни и решителни личности, но во и на прагот на староста.
Тие бурни мајски денови, париските демонстрации, предводени од Националната унија на француските студенти, од Сорбона и Латинскиот кварт брзо се ширеа низ Париз, оснажувајќи се со нови демонстранти, пред сѐ младинци и работници. Полицијата насилно реагираше, демонстрантите одговорија со фрлање коцки од калдрмата и градење барикади. Ова можеше да потсети на традицијата на париските народни бунтови, добро позната од историјата: од Француската револуција 1789., па преку големите улични немири 1832. (во коишто учествуваат Гаврош и Мариус на Иго) и 1848. (каде е учесник самиот Иго) до Париската комуна (чија сто и педесет годишнина ја слават напредните ширум светот), гневниот народ излегуваше на улица.
Како во предупредувачки масовни немири се однесуваше Генералот, а како Егзистенцијалистот?
78-годишниот де Гол, под голем притисок на настаните, за кусо замина во Баден-Баден, каде се сретна со генералот Масо, заповедник на француските окупацијски сили во З. Германија. За што се договарал со него? Претпоставка е дека разговарале за можната интервенција на војската против демонстрантите. Пред седум години, како претседател на владата, Генералот со сила ефикасно го спречи алжирскиот државен удар на „пензионираните генерали“, многу лесно придобивајќи ја, во својата стара војничка униформа од 2-та Светска Војна, војската на своја страна. Освен тоа, обидот за државен удар најде на широко спротивставување кај синдикатите, што со едночасовен синдикален штрајк, му дадоа подршка на де Гол.
Генералот знаеше дека со народот нема играње. Се врати на преговори со студентите и работниците во Париз и прифати некои нивни барања, но затоа веднаш го распушти Парламентот и веќе во јуни 68. закажа нови избори, на кои што убедливо победи.
Од „другата страна на барикадата“, егзистенцијалистичкиот гуру Жан Пол Сартр, единствен кој ја одбил Нобеловата награда за литература, доследен на ставот дека писателот не смее да се поистовети со ниедна институција, бил одушевено следен од студентите, и неговата трибунска популарност во бунтовните шеесети не беше само француска, туку глобална, светска. Во мај-јуни 68-та, во екот на немирите, тој беше силен инспиратор и подржувач на студентскиот бунт. На 20-ти мај, во „Le nouvel observateur“ објавен е интервју во кое Сартр разговара со Даниел Кон-Бендит, „Црвениот“ (прекарот заради бојата на косата и политичките убедувања), еден од лидерите на студентското движење. Но како оној што интервјуира. Да, големиот, моќен филозоф Жан Пол Сартр го интервјуира младиот бунтовен студент Кон-Бендит! И тоа во екот на демонстрациите.
Заради граѓанската непослушност и активната подршка на студентите, Сартр бил уапсен, но, по наредба на Генералот со зборовите „Не апсете го Волтер!“, веднаш ослободен.
Сартровиот егзистенцијализам и неговите идеи за слободата, хуманистичките вредности, револуционерната солидарност (според него Че Гевара е најкомплетното човечко суштество на неговото доба) беше во голема мода меѓу бит-генерацијата, која што пак ги водеше масовните протести што од Франција ја зафатија Европа и светот.
Наспроти „биди млад и молчи“, еден од тогашните графити со кои што студентите ја иронизираа де Головата политика, се храбреа со сартровското „да бидеме реални, го бараме невозможното!“.
* * *
Признавам дека ме збунуваше, дури малку ме иритираше, Трибунската нагласена потреба, и покрај силниот општествен и политички ангажман, да создава во сите книжевни жанрови – романи, драми, есеи, раскази, патеписи, полемики, писма …, таа креативна плодност, кога ќе се префрлеше и во поезијата, како кај Иго (или кај Гете, Крлежа…) Трибуновата самосвест делува запрепастувачки. Често со извонредни, восхитувачки остварувања, но понекогаш и со очигледни вредносни осцилации. Виталната креативна енергија на Трибунот е надчовечка, а тоа, се чини, му овозможува да создаде не само импресивен опус, туку во таа бројна продукција, и книжевни ремек-дела, но и оние помалку успешни. Иго е најголем писател на францускиот романтизам, но неговите драми, меѓу кои и „Ернани“, од која што потекна либретото за познатата Вердиева опера, или „Кромвел“ со предговорот што беше инспиративен манифест на романтизмот, ја изгубија битката со времето. Кај Сартр пак, временското решето, иако само четири децении по неговата смрт, веќе ги издвојува драмите „Валкани раце“, „Ѓаволот и Господ Бог“, автобиографските „Зборови“, романот „Мачнина“ како подобри во однос на останатите негови книжевни дела.
Трибунот не може да биде скромен, и кога е одмерен и кога се чини дека е скромен. Тој и како е свесен за својата важност, за славата која го следи во животот. Тој никогаш не станува Трибун против својата волја. Сосем ретки се спротивните примери, како на пример на Чеслав Милош во времето на Солидарност кој на констатацијата на новинарката (во книгата интервјуа „Разговори во Париз“ на Бранка Богавац) „Вие сте боженство во Полска“, одговара: „Таа улога е многу тешка и таа е апсолутно вон моја волја. Себе си се сметав за херметичен поет и во секој сличај за една мала елита, а настаните од мене направија симбол“. Но на тој „херметичен“ поет, студентите му ги шверцуваа збирките што потоа јавно се читаа на големите протесните собири во Полска.
Омиленоста на Трибунот меѓу студентите и интелигенцијата е неоспорно подржувачка, но често неговата популарност во народот е за неколку пати посилна од онаа кон другите значајни автори, современици на Трибунот. Во случајите на Иго и на Сартр, тоа е повеќе од очевидно.
Но, и покрај тој надчовечки ефект што ја издвојува неговата позиција на надмоќна социјална и книжевна присутност, Трибунот е сепак… човек. И тој старее. Како стареењето влијае на Трибунот, како тој реагира на сопственото стареење, на неминовното про(ис)текување на времето?
Голем дел од обемната студија „Старост“, Симон де Бовоар го посветува на описите и коментарите за стареењето кај познатите уметници. За стариот творец, како и за секое човечко суштество, наближувањето на смртта носи тешки искушенија. Бовоар открива како секој уметник одделно различно ја доживува староста и се соочува со сопственото заминување. Во повеќето анализирани судбини, остарениот уметник мачно ги поднесува неволјите на стареењето (Свифт, Микеланџело, Верди, Шатобријан…), но, според Бовоар, ги има и оние (Витмен, Гете, Лу Саломе, Реноар..) кои во доцните години од својот живот ја задржуваат творечката радост.
Меѓу нив е Иго. Покрај сите животни премрежија и семејни несреќи, тој, пишува Бовоар, и натаму се чувствувал неранлив, а неговата работна способност не опаѓала. „Пишуваше песни што спаѓаат меѓу неговите најдобри… Се игра со зборовите и сликите послободно отколку што тоа го правел било кога, никакво претерување не го плаши: Иго е авантурист“… „Неговиот внук раскажува: Нѝ зборуваше за крајот, што го насетуваше, со толку спокојна ведрина, што никогаш не нѝ ја представи смртта како нешто ужасно“. Бовоар мисли дека стариот Иго бил во согласност со самиот себе, зашто „таа средба на моќната старост со славата ја посакуваше од почетокот“.
Во една друга своја хроника, „Церемонија на збогувањето, разговори со Сартр“, истата авторка, инаку во интензивна, контраверзна животна врска (од 1929-та, кога таа има 21 година, до неговата смрт) со Сартр, непосредно, но безмилосно ги опишува последните години на неговиот живот.
Човекот со трибунски силна волја и интерес за дејствување, Сартр, со старечкото опаѓање на телесната снага, со губитокот на видот (се наметнува паралелата со Борхес кој сопственото слепило го вклопи во многу пристојна и творечки витална старост), според сведоштвото на Бовоар, постепено се пасивизира, станува отсутен, рамнодушен. За разлика од описот на дедо си во „Зборови“ кого, вели Бовоар, Сартр „…го поистоветуваше со ликот на моќниот и мудар патријарх, секогаш задоволен со себе си…“, писателот бил поразен од староста. Можеби и затоа што, за разлика од дедо му, кој „уживаше во величенственото здравје“, Сартр се соочуваше со крупни здравствени проблеми, се повеќе стануваше жртва на стареењето на своето тело.
Соочени со безмилосното стареење, со истрошеноста на сопственото тело, некои од писателите трибуни можат да се запрашаат: „А за што да пишувам понатаму?“. Ова секако не важи за витални трибуни како Иго, но оние болешливите како Сартр веројатно, при завршетокот на својот земен живот, го преиспитуваат својот влог во големите проекти на своето некогашно јас. „Иднината решава дали минатото е живо или мртво“, го цитира Бовоар францускиот трибун, писател и филозоф, иако во последните години на животот, тој го губеше ентузијазмот што претходно го држеше во напната креативна и ментална форма. После студентската пролет 68., се трудеше да го заокружи, користејќи амфетамин како неопходна поткрепа, „Семејниот идиот“, опсежната анализа на биографијата на Флобер, но не успеа да ја доврши.
Неговиот погреб, како и оној на Иго, со педесетина илјади посетители, беше уште еден доказ на неговата омиленост што ја уживаше меѓу почитувачите. Се создаде голема турканица поради која еден од присутните паднал во отворениот гроб пред Сартр да биде погребан.
* * *
Книгите разговори со старите Трибуни (на Екерман со Гете, на Матвејевиќ со Крлежа, на Цане Андреевски со Конески…) се читани и цитирани од следните генерации писатели и почитувачи. Испраќањето од земниот живот, како што видовме со погребите на Иго и Сартр, е завршниот акорд во долгата низа приврзености и почести што го следат Трибунот низ неговиот живот, без оглед на неговата здравствена состојба.
Што не може да се каже за многу поскромните испраќања од земното постоење како, на пример, на хронистерикот писател Паунд, кој откако бил уапсен (и во затворот запишувал стихови на тоалет хартија), со години бил изолиран, под психијатриска контрола, депресивен и напаѓан. Или она на кловнот писател Виткаци, кој го „режира“ сопственото самоубиство, пресекувајќи си ги вените и испивајќи јак отров, а на љубовничката Чеслава која поаѓа да му се придружи, ѝ дава недоволна доза „Луминал“ за да може да преживее. Или да се вратиме подалеку – какви беа последните денови на еден голем Трибун, каков што е Гете, наспроти оние на големиот Кловн Моцарт или големиот Хронистерик Ниче?
Трибуните, како што се Иго и Сартр, како што е нашиот Конески, заминуваат во книжевната и национална историја со бројни следбеници меѓу помладите современици. Спротивно од нив, омиленоста на писателите хронистерици и кловнови кај современата критичарска и читателска публика е понесигурна, поспецифична и поиздвоена. Хронистерикот може бргу да се здобие со читателски навивачи кои ќе го цитираат поради засилената актуелност и несомнената жестина. Од друга страна, делото на Хронистерикот се мери со различни аршини кај оние критичари што се од „неговата“ страна, наспроти оние од „другата“. Во полемиките, за разлика од организираниот и постојан Трибун, Хронистерикот веднаш влетува со противнапади и навреди. По ист принцип, високо-ниско, се движи и линијата на книжевните награди, што му се доделуваат на Хронистерикот кога неговите ставови се во согласност со властодржечката политика, а потоа, кога политиката се менува, неговите јавни почести речиси ги снемува. Но делата на виртуозните хронистерички писатели тријумфираат подоцна, кога, прочистени од судот на времето, се прифаќаат со сета нивна силовитост.
Во однос на писателите Кловнови, рецепцијската судбина на нивната книжевност може да биде непредвидлива за време на нивниот живот, иако е потребен извесен временски период, некогаш со години, некогаш со децении, не ретко постхумно, за да ги добијат вистинските вреднувања. Најчесто се случува генерациски прескок за нивното дело да се препознае вон шемата на „игривост, шарм и досетливост“ и подаровитите писатели-кловнови да си го добијат заслуженото повисоко место во книжевната хиерархија, а оние најдаровитите на луцидни, значајни иноватори. Но многумина писатели-кловнови од помал авторски ранг, инаку занимливи човечки суштества за дружење, остануваат само во анегдотите, а за тоа, на некој начин, и самите се „виновни“. Го немаат јавниот авторитет на Трибунот, а ни експлозивниот настап на Хронистерикот. Но затоа, токму поради нивната раздвиженост и поливалентност, писателите (и уметниците) кловнови, полесно и поточно од трибуните и хронистериците, ја препознаваат вредноста и значењето на делата на другите автори. А најсилните меѓу нив, пак, се преоткриваат пред нивните подоцнешни следбеници како оригинални, анализирани и читани книжевни мајстори.
За разлика од писателите кловнови и хронистерици, нагласено позитивната рецепција на делото и личноста на стариот Трибун непречено тече и се збогатува. Многу ретко, трибунот може да биде свргнат во староста, како во случајот со Кнут Хамсун (наспроти трибунското востоличување на неговиот голем претходник и сонародник Ибзен). Напротив, Трибунот во староста веќе ја добива митологизираната аура, што ја зајакнува и обезбедува долготрајноста на неговата историјска и културолошка важност.
ЗА ЧЕТИРИТЕ МАКЕДОНСКИ КНИЖЕВНИ МОЌНИЦИ
На еден век од раѓањето на четворицата македонски книжевни великани – Славко Јаневски (1920), Блаже Конески (1921), Коле Чашуле (1921) и Ацо Шопов (1923), препрочитувајќи и согледувајќи ги нивните впечатливи книжевни опуси, сигурен сум дека уште посилно ќе ја засакаме македонската литература. Ретко, и во многу поголеми литератури, се случува вакви четири книжевни мајстори, речиси врсници, да се родени во еден толку збиен хронолошки миг од три години! Уште повеќе, зашто секој за себе, создава јасно индивидуализиран креативен свет, што во македонскиот, но и во поширокиот книжевен контекст, достига висок вредносен дострел. Во една свежа, напната и добро хранета книжевност, делата на овие четворица книжевни фигури од моќен книжевен калибар бараат подлабок увид, препрочитувања и превреднувања од страна на помладите толкувачи.
Во еден мој (чисто) субјективен прием на македонската поезија, поетските опуси на Конески, Јаневски и Шопов се меѓу првите десет, а Шопов е сѐуште мој ненадминат поетски првенец. „Црнила“ на Чашуле е и ден денес силно и актуелно драматуршко дело, а и другите (бројни) театарски пиеси, како на пример, „Вејка на ветрот“ или „Партитура за еден Мирон“, сведочат за неговата ангажирана, проучувачка писателска дејност.
Ќе се обидам, во овој оглед, да ги согледам четворицата автори во рамките на едно мое подолго истражување за фигурите на Трибунот, Кловнот и Хронистерикот и нивната улога и функција во книжевниот и социјален живот. Се подразбира дека важен дел во ваквата класификација носи и односот на Трибунот, Кловнот и Хронистерикот кон власта, и обратно. Еве како ги определувам нивните особености:
Трибун – встоличено дејствие врз современата култура и јавноста, суштински увиди во јазикот и книжевната традиција, баран советник и заштитник на националниот идентитет; во однос кон власта користи политичко
влијание, но гради слика на човек над партијски интереси.
Хронисторик – јак полемиччки нагон, бриток, некогаш вулгарен речник во милитаристички занес, роден колумнист, најчесто партијски определен, честа жртва при промена на власта.
Кловн – жанровски растрчан и иновативен, со најшироки варијанти на типот – од највесел до најмрачен – научен да се мимикрира, иако може да биде мета на озборувања. Во зависност од својот талент, или претходник, пионер на нови книжевни постапки, пред времето, или театрален маргиналец.
Имав среќа да се сретнам во живо со тројца од овие четворица значајни македонски автори. Единствено не се запознав со Шопов, но благодарение на пријателството со ќерка му Јасмина, се соочив со неговата работна соба, маса и библиотека.
Интересно е дека со Јаневски и Конески се запознав патувајќи. Буквално. Со Конески во автомобил, на пат кон Куманово, каде се одржа промоција на стихозбирката „Црква“ (имав чест да бидам еден од промоторите), потоа вечера и враќање назад, со истиот автомобил, кон Скопје. На задните седишта на автомобилот бев стуткан меѓу две згодни младинки, организаторки на настанот. Конески седеше до шоферот, кој беше сиот возбуден што вози таква личност и зборуваше гласно, како и младинките, кои освен тоа и гласно се кикотеа на тивките шеги на поетот. Со Јаневски пак, се запознав во ноќниот воз Белград-Скопје (за таа средба пишував во антиупаството бр. 221). Иако имавме резервирани места во вагонот за спиење, поминавме долгочасовен, ноќен муабет во ходникот на возот. Темпото на неговиот говор беше релативно бавно, но зборуваше долго, го паметан неговиот устен есеј за Маркесовото Макондо (подоцнешна поврзаност со Кукулино?).
Конески и Јаневски често се спомнуваат заедно, со право, како главни придвижници на современата македонска литература, иако како автори тие имаат речиси наполно различни книжевни стратегии.
Кај Јаневски поезијата и прозата се како поплава, незапирлива, пребујна, преполна со надоаѓачки зборови, што се тркалаат носени од буицата. Во Кукулинскиот циклус таа напрегната јазична сила, напоена со чудесни митски реликти, станува уште поволтажна. Што е делумно, мислам, показ и на неговата човечка природа. Јаневски и во својата сликарска, градинарска и ловечка страст, во интересот кон стрипот, како да го позајмуваше вишокот енергија од писателството.
Конески, спротивно, е строг, прецизен и одмерен творец. Се чини дека внимателно, со смислен план, ги подготвувал градбите на своите песни. Неговата љубов кон шахот, неговата интровертна замисленост, се чувствува и во неговото поетско создавање што наликува на промислeнa, стабилна, детално вообличена градба. Во неговата поетска работилница, секое парче алат ја знае својата намена, и чека да се функционализира, да се вклучи во градењето на поетската стварност.
Определбата која е фигурата што секој од четворицата значајни македонски автори ја изградија кон јавноста и власта, и овие кон нив, ја поткрепувам, пред сѐ, со нивните творечки специфики, а ја дополнувам со рецепцијата на нивните дела и личности за време на нивните животи, како и по нивната смрт.
Се чини најочевиден трибунскиот ореол што Конески го заслужи уште во младоста и којшто со годините и децениите го засилуваше со своето книжевно и научно влијание. Тивок Трибун, тој создаде чети од свои следбеници и почитувачи, кои наизуст ги говорат стиховите на „Везилка“, „Тешкото“, „Стерна“… Моќта на неговата реч постхумно се зголемува и е темелна потпора на македонскиот културен и национален идентитет.
За разлика од Конески кој сосем се вклопува во трибунската позиција, Јаневски е мешан тип. Се знае дека поседувал прилична политичка моќ и дека умеел да манипулира со власта, но по сѐ изгледа не целел кон трибунското место (што и така било неприкосновено заземено од Конески), па не може да се означи дури ни како „несуден трибун“ (како Гане Тодоровски, на пример), а од друга страна, и покрај повремената жестокост и користење на политичката привилегираност во меѓуписателските односи, Јаневски не ја прифаќал хронистеричката улога, да биде во служба на други приоритети, освен на сопствените. Неговите книжевни амбиции, во бројните книги поезија, романи, раскази, сценарија, детска литература се силно и постојано насочени кон истражување на книжевната форма. Иако читателот го препознава неговиот стил, тој од книга до книга бара различни стилски решенија, при тоа преплетувајќи ги реалното и ониричкото, митското и имагинарното.
Оттаму, не би се двоумел во творечките и човечки стратегии на Јаневски да ја препознаам неедноставната, понекогаш застрашувачка кловновска сушност.
Тука, се чини потребно, уште еднаш да ги појаснам (иако тоа порано веќе го формулирав) особеностите на оваа категорија писатели, зошто инаку ознаката „Кловн“ може (сосем) погрешно да се сфати. Да повторам: жанровски склон кон хибридизација и експериментирање, писателот – кловн е подготвен да си игра, да не го запира движењето на текстот, при тоа користејќи широка гама на поетички средства и „трикови“, неговото писмо може да изненади со ненадејности и пресврти.
Чашуле, пак, со кого, преку Независните, се среќавав почесто, поседуваше разговорна, немирна, борбена природа. И покрај доцната возраст, покренуваше и влегуваше во дискусии жестоко бранејќи ги своите ставови. Бев импресиониран од неговата виталност, физичка, но уште повеќе ментална, со бистра и остра перцепција на своите современици и епоха. Неговите кажувања, како и неговите драми и проза, ги исполнуваа фабули и ликови, нагласено карактерно и емотивно дегустирани. Додека кај Јаневски минатото се напојува со магичното, кај Чашуле тоа се осегашнува. Авторите со нагласена хронистеричка особеност, без оглед на својата поетичка разноликост (Мајаковски, Киш, Орвел…) ги актуелизираат своите сижеа, и кога станува збор за историја и кога ја обликуваат во поема, расказ или басна. И најчесто на некој начин го „наговараат“ читателот да им се придружи на нивниот став. Чашуле спаѓа во таа група ангажирани писатели, кои го чувствуваат времето, минато или сегашно, како поттик за дејствување, како предизвик на вештината уметнички да се обликува етичката порака.
Останува Шопов. За неговата поезија напишав еден од своите најдолги есеи со наслов „Номадот Ацо Шопов“, фасциниран од неговата поетска моќ на трансформација, што од стихозбирката „Слеј се со тишината“ до последната „Дрво на ридот“, е во постојаната геопоетичка потрага по созвучјата меѓу надворешниот и внатрешен пејзаж На ова патешествие, секоја книга на Шопов
освојува поетска територија поинаква од претходната, а сепак не би било можно да ги разлабавиме нивните врски, или уште полошо, да ги разделиме, зашто патникот – стихотворец е еден во својата менливост.
Би ја искористил ознаката Поет Номад како еден од специфичните подтипови на Кловнот. Оној што памети, ама не се закотвува во сеќавањето. Тој гледа како неговиот живот тече, но низ својата проточна мудрост ја прочистува сликовитоста на надворешниот свет. Во тој поетски подход, раснењето на творечката сила е очигледно: од најраните, пишувани заедно со Јаневски, „партизански“ збирки (иако меѓу нив е незаборавната песна „Очи„) до сублимираната „Стихови на маката и радоста“ се минати само две години. Во своето творештво, поетот имал и духовит интервал, во сатирично-игривата збирка „Јус – универзум“, што покажува дека кловнот-номад може, во согласност со инспирацијата, да биде оштар и сатиричен.
Чест е, среќа и поттик за една национална литература, да слави стогодишнина од раѓањето на четири автори од рангот на Јаневски, Конески, Чашуле и Шопов. Нивните дела, проникнати со спознанието на светот, на татковината, но и со самоспознанието, ослободени од провинцијализмот, везени
на македонски јазик, а со универзален карактер, се вградени меѓу најзначајните во современата македонска книжевност.
АЛЕКСАНДАР ПРОКОПИЕВ (1953), македонски прозист, есеист и музичар. Дипломирал на филолошкиот факултет во Белград каде што магистрирал, а, докторски студии завршил на Сорбона во Париз. Бил член на култната српска рок група „Идоли.“ Основоположник на постмодернизмот во македонската литература. Објавил дваесетина прозни книги – раскази, новели и еден роман: Пловидба кон југ, Слово за змијата, Антиупатства за лична употреба, Човекот со четири часовници, Човечулец. Добитик е на престижната награда Балканика: Работи во Институтот за македонска книжевност во Скопје.