 
            Анри Мишо смета дека нема музички инструмент што звучи непријатно. Секој инструмент, колку и да е едноставен, создава пријатна милозвучност што секое место го прави населиво. Од секоја човечка група, музиката во миг создава општествена хармонија – и крадецот, и ограбениот, и сведокот и судијата, сите со задоволство ја слушаат музиката на хармоничните инструменти. Овој инструментален карактер на инструментот можеби најдобро го покажува еден од називите за свиралата – „слогинка“ или „слугинка“. Родово и класно некоректно, но феноменолошки проникливо, загорскиот уметник на двојницата насетува дека неговиот инструмент е само средство да подигне суптилен мост меѓу телото и душата, а душата да ја ослободи од секојдневните маки и непријатности.
(прасл. *sъmьrtь, mirtis ← ie. *mrtis, лат. mors, санскрит mrti-)
Се чини дека смртниците, додека го губат интересот за светот и луѓето околу себе, со задоволство мрморат во брадата. Додека се губат и се пронаоѓаат, забораваат и се присетуваат, тие тивко мрморат; додека се осамуваат и се опкружуваат со познати нешта, нешто ги влече во резонантната кутија на сопствената внатрешност – сами мрморат и го ронат времето. Сè повеќе исцрпени и отсутни, тие пејат приспивна на минатиот живот, среде чекор, движење, поглед. Неврологот Оливер Сакс смета дека сè уште не сме ја спознале моќта на музиката, односно терапевтското слушање на познатите мелодии. Се чини дека просторите во нашиот мозок што ги напуштил јазикот – ги населува музиката. Или барем она што останало од неа во мрморењето, во опиеноста од звукот на сопственото постоење, посладок од која било мелодија.
Фања Голдштајн на крајот од 1930-тите студирала на парискиот конзерваториум; подеднакво добро свирела пијано и пеела, компонирала и пишувала аранжмани. По градба личела на Едит Пјаф и жестоко се противела кога продуцентката на филмот Playing with Time ја одбрала Ванеса Редгрејв, а не Лајза Минели, да ја толкува неа – една од ретките музичарки од логорскиот оркестар што го преживеале Аушвиц. Но режисерот не се грижел за мимезисот, ниту за нападите на ционистите кон Редгрејв како пропалестинска активистка, туку за прашањата: Дали воопшто е можно да се поистоветиш со музичарки што свират покрај крематориумите? Дали може да се претстави стравот од смртта и стравот од погрешна нота – онаа што никогаш не ѝ промакнала на диригентката Алма Розе, внуката на Малер? Што воопшто значела музиката за „индустријалците на смртта“?
Што претставувала музиката за музичарите сведени на музички автомати? Голдштајн, која под името Фанија Фенелон ја продолжила својата успешна поратна кариера како кабаретска пејачка, со секој свој настап се обидувала да одговори на овие прашања. Кога ѝ се приближил крајот на животот, ја напишала својата книга сведоштво што го потврдува фаустовскиот усуд на музичарите: Да се свири за да се добие на време.
Виш научен работник на Институтот за етнологија и фолклорни истражувања (Загреб) од областа на усната литература и усната историја. Таа е раководителка на проектот Пол и нација: феминистичка етнографија и постколонијална историографија (2007-2011) и ко-директор на постдипломските курсеви Феминизми во транснационална перспектива (2007-). Учествувала во проектите: Општество и политика; Научна работна група за задачи на Универзалната црква на Германската бискуписка конференција: Проекти 12 (воден од д-р Томас Бремер, Вилхелм-Универзитет Минстер, 2000); „Историја и историска социологија на социјализмот“ (Transeuropéennes Paris, 2002-2004), а е членка и на конзорциумот на проектот HESP: „Култури на сеќавање и еманципаторска политика: Ревизија на минатото и заедништвото во југословенските и постјугословенските простори“ (2007-2011), како и национален координатор во COST Action EastBordNet (IS0803) (2009-2013). Нејзините истражувања и публикации претежно се занимаваат со темата на современата женска историја во Хрватска, посредувана преку женските авто/биографски наративи, сведоштвата, женските списи и етнографиите. Таа ја објави книгата Дом и свет: за женската култура на сеќавањето (2008) и е ко-уредничка на пет зборници: Војна, прогонство, секојдневие: културни перспективи (1996), Меѓу родот и народот: етнолошки и фолклористички студии (2003), Промислување на северот и југот во постколонијалноста // Rethinking North and South in Post-Coloniality (2008), Со глас до феминистички промени // Voicing Feminist Concerns (2009) и Духовни практики и економски реалности: феминистички предизвици (2011).