Прогрес. Современост. Верба во институциите. Толку тивко, толку прекрасно. Сепак, во 2006 година, група шведски историчари сметаат дека општата претстава за животот во Шведска има свое наличје: Ларс Трегард (Lars Trägårdh), авторот на книгата Човек ли е Швеѓанецот? Радикалниот индивидуализам во земјата на социјална солидарност (Is the Swede Human? Radical Individualism in the Land of Social Solidarity), излегува со теза дека општество поставено врз основа на индивидуалната независност како базична вредност е населено со осамени и несреќни луѓе. Според него, нешто сериозно тргнало на лошо за Шведска во зимата 1972 година, кога група социјалдемократски политичари се собрале за да дефинираат нова идеја – создавање општество на автономни индивидуалци. По четириесет години од објавувањето и имплементирањето на Манифестот на социјалдемократската партија за Новото Семејство, Шведска станала земја со најосамено население: половина од жителите живеат сами и умираат осамени. Со ваков расцеп во реалитетот на скандинавскиот економски и социјален комодитет започнува потрагата на режисерот Ерик Гандини (Erik Gandini) по Шведската теорија за љубовта (The Swedish Theory of Love, 2015). Во класичната дебата „модерност и индивидуалност vs традиционални вредности“, режисерот Гандини некако ги преферира вторите, сакајќи да прикаже скриен општествен расцеп кој не можеме да го видиме во складноста на институционалната и социјална архитектура на шведското општество. Од друга страна, пак, корпусот на „традиционалните вредности“ и економиката на егзистенцијата која произлегува од нив не успеаја да донесат прогрес во земјите каде што тие се функционални. Впрочем, идеалот за индивидуалност не е шведски изум. Во развојот на западноевропскиот урбаниум (градот како центар на новата трговска класа во доцниот среден век), при економската еволуција од еснафи во гилди и компании, традиционалното земјоделско семејство исто така еволуираше до непрепознатливост, па терминот „традиционални вредности“ мора да се гледа првенствено како модерна идеолошка интервенција.
Но, Гандини, подоцна во документарецот, ја проширува својата аргументација: следиме дејство кое се претвора во долго подземно метро од чудни средби и приказни кои некако ја надминуваат поставената теза од воведот. Го среќаваме директорот на „Криос“ (Cryos), најголемата банка за сперма во Европа. Овој маж со истакнати ариевски црти, тврди: „Во иднина, сметам дека допирот ќе биде виртуелизиран, можеби парот ќе може да има виртуелна вечера со свеќи. Како во реалниот живот, само без физички контакт.“ Во заднина на неговиот монолог оди приказ на независни и сингл жени во своите триесетти, клиентки на банката, додека избираат генетски материјал. Мажите донори ги раскажуваат своите приказни и причини зошто донираат.
На другиот крај од градот ја запознаваме Нела Али, сириска бегалка која се интегрирала во шведското општество. Како дел од социјалниот систем, таа работи како едукаторка за јазици и за комуникација за интегрирање на други воени бегалци и мигранти од арапскиот свет. Во текот на програмата не се изучува само говорниот јазик, ами и социјалниот јазик на Шведска: „Кога тука ќе ве прашаат како сте, вие одговарате само кратко – добро сум.“
Потоа камерата нè носи пред објектот на државната институција која се грижи за луѓето што умреле сами во своите живеалишта. Тим од социјални работници, вештаци и инспектори се обидува да најде најблизок роднина на починатиот. Вработената изјавува: „Пред неколку дена соседите се пожалија на лош мирис.“
Во сличен контекст, во шумата непосредно до градот, веќе се собрани група волонтери за барање исчезнати лица, облечени во флуоресцентни елечиња. Објаснуваат дека социјализацијата најчесто се одвива во организирани групни настани, во кои се вклучуваат волонтери што не се познаваат меѓу себе, со цел да се учествува во некаква социјална активност. Учесниците велат дека вака често среќаваат нови пријатели.
На крајот од овие разнолики средби во кои наголемо се чувствува невидливата рака на социјална држава, се појавува 90-годишниот социолог Зигмунд Бауман, кој во улога на deus ex machina треба да ја затвори дебатата индивидуализам наспроти традиционални форми на заедница: „Да се биде меѓу други луѓе, меѓу пријатели, тоа е нешто што државата – системот, не може да го обезбеди, тоа мора да го правиме сами. Луѓето учени на независност ја губат способноста за кохабитација и за преговарање со други луѓе зашто се лишени од средствата за социјализација. За социјализација е потребен голем напор на индивидуата: внимание, процес на договарање, преговарање, дискутирање, редискутирање, пресоздавање на односите – што значи и конфликт! Независноста нè соблекува од таквите способности за комуникација... Колку повеќе сме независни, толку повеќе сме спречени да ја паузираме независноста и да се нурнеме во задоволството на меѓузависноста. На крајот од независноста нема среќа, туку празнина на животот, бесмисла на животот и една толку голема и незамислива досада.“
Издание на „Илика“, Скопје, 2025
Ивана Хаџиевска (р. 1995) е историчарка и независна истражувачка. Дипломирала историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје (2018). Магистрирала во областа на економската историја („Човечката состојба на индустриските работници во Вардарска Македонија 1918-1941“, 2021). Рецентно, нејзиниот истражувачки интерес е во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените и политиките на сеќавање. Во изминатите десет години соработувала со бројни домашни и интернационални истражувачки тимови и социјално-ангажирани колективи. Живее и работи во Битола.