Elementi Logo

ШТО Е КНИЖЕВНА ВРЕДНОСТ

Backgorund

Во ерата на комерцијализација, консумеризам и комодификација на културните продукти, на површина испливува големата запрашаност за тоа дали има нешто што вреди во современата култура и што е тоа што навистина вреди и како и колку нештата во културата вредат? Така е и во однос на литературата – тотално сме дезориентирани кога сакаме да ѝ пријдеме со аксиолошки намери за подредување на сè позаплашувачкиот хаос. Книжевноста и книгата од самата своја појава имаат атрибуција на вредност – не се запишувале случајни нешта во камен, на папирус, дури и по пронајдокот на Гутенберговата печатарска машина било подразбирливо дека со неа се создава предмет, инкунабула, кој има своја посебна вредност. Книгата во прво време била меморија на некое значајно знаење, зачувана информација, пописна листа, запис од патување, па подоцна го добила своето значење на книжевна креација. Со глобализацијата, со експлозивноста на продукцијата и со подемот на книжевниот пазар, дијапазонот на книги продукти од најразличен вид толку многу е проширен што прашањето кои од нив се вредни навистина добива монструозни размери.

      При влегувањето во книжарница на некоја посериозна издавачка куќа со светско реноме, остануваме заплиснати од најразновидните испечатени книги што го бараат нашето внимание, но само еден многу мал дел од нив, и тоа оној поскромниот по изглед, не претерано разврескан според боите и квалитетот на материјалите, ја опфаќа убавата литература, и тоа не секогаш избалансирано во однос на застапеност на изворни и преведени наслови. Во американските книжарници, на пример, само три проценти од продукцијата опфаќаат наслови на преводи од други книжевни средини. Индикативно е дека колку се посилни издавачките индустрии, толку помалку се осврнуваат врз она што другите го создаваат на тој план. Европските средини покажуваат поголем интерес за меѓусебно книжевно запознавање, но и тие првенствено се потпираат врз комерцијалниот аспект на своите изданија. Со тоа дефинитивно се разграничува поимот за литература од бизнис-категоријата на книжевното издаваштво, кое се темели врз профит од книжевни продукти. Литературата е концепт што ја опфаќа судбината на книжевните дела и откако ќе бидат издадени, купени/позајмени, промовирани, значи, се проширува и врз начинот на кој тие ќе бидат  прочитани,  вреднувани, етаблирани, пласирани на странски јазици и сл. Значи, под литература се подразбира нешто многу пошироко од она што сме навикнати да го концептуализираме како издаваштво, кое има многу потесен дијапазон и строго ја следи економската/пазарната логика. Купувачите и нивните потрошени пари во виорот на издаваштвото не се единствениот, ниту најрелевантниот елемент на она што се подразбира под сфера на литературата. Маркетингот и потрошувачките механизми ја потиснуваат вистинската смисла на литературното творештво и го сведуваат комплексниот книжевен феномен на лесна забава со која се исполнува слободното време, нешто што никогаш не било ниту пресудно, ниту важно за уметноста на пишаниот збор.     

      Оттаму прашањето што е тоа книжевна вредност или каква е вредноста на книжевноста, според што и како таа се определува, е многу провокативно, а неговиот одговор е прилично сложен и условен, контекстуално варијабилен и динамичен. Ќе се обидам на следниот начин – замислете три сигнални светилки во кои се рефлектира сигналот, односно сјајот на трите различни видови вредност на литературните дела: првата ја означува баналната – продажна вредност, ако книгите се продаваат ја имаат таа толку посакувана од издавачите продажна ексклузивност, популарност на добро, односно најдобро продавани книги, бестселери. Втората светилка е резервирана за вредност што не се мери со пари, тоа е иманентната книжевна вредност, умешно и талентирано напишан текст, структуиран во обмислена книжевна форма, стилски иновативен, идејно провокативен и интригантен, длабоко почувствуван од авторот и способен да рефлектира извесни емоции, сознанија, идеи, јазично богат и впечатлив. Третата светилка означува поширок дијапазон на културни вредности, кој опфаќа едукативна, национално-канонска, информативна, психолошка, профетска, идеолошка, религиозна или некоја друга вредност. Идеален случај би бил кога сите три светилки би светеле со ист интензитет, односно кога некое одлично остварено книжевно дело би имало соодветен културен третман во, на пример, националниот книжевен канон и при тоа би се продавало добро. Но, во реалноста тие светилки речиси секогаш се во расчекор. На пример, првата, онаа што ја означува финансиската вредност на едно книжевно дело, не секогаш свети истовремено и со онаа за естетска валидност. Напротив, најдобро продавани книги обично се книги на граница на тривијалното или дури едноставно и кич-литература, стокмена однапред според желбите и очекувањето на пошироката читателска публика, со клишеизирани заплети и тематика, со мелодраматична сентименталност и со структура и јазик кои не бараат посериозен напор од реципиентот туку овозможуваат со леснотија да се протрча по нивните пресметани страници. Светилката за културна вредност, во смисла на книги што имаат национално и историско значење или се некој вид прирачни дела или религиозно-убедувачки, исто така не мора да ја подразбираат книжевната вредност во потесна смисла, а можат да бидат, и честопати и се финансиски исплатливи. Најзагрозената и најслабо користена категорија на светилка е онаа што ја покажува книжевно-естетската вредност, која во најдобар број случаи може да биде препознаена и при контактот со публиката доизградена во вистинска книжевна вредност, но може да остане и незабележана и не само што да не ја доживее финансиската вредносна оценка туку може и да не го оствари потенцијалното пошироко културно влијание, кое исто така зависи од низа вонкнижевни фактори. 

      Овој книжевно-вредносен семафор покажува дека работите околу детектирањето на вредноста на литературата се прилично комплицирани, динамични и изменливи, дури некогаш и изненадувачки, затоа што поимот за книжевна вредност е некаде надвор, на страна од семафорот и се обликува според неговата светлосна игра. Првиот поразителен факт во однос на книжевноста воопшто е што статистички гледано, само 0,5 проценти од целата литература што се создавала и се создава во светот продолжува да циркулира пренесувајќи се низ генерации и во различни јазични средини преку превод (податокот е од Франко Морети 2005), сето останато бидува потопено од темнината. Неоспорно е дека многу книжевни дела што можеби и носеле естетски потенцијал, доколку не го оствариле неопходниот поширок контакт со публиката што би ги меморирала и би им втиснала културна вредност, станале мртво слово или сосема исчезнале од библиотечниот хоризонт. Некои дела, пак, се паметат и се препрочитуваат поради книжевно-историското значење, а не за естетско уживање. Во поново време (во минатиот век) поразвиените книжевни пазари што го изродија феноменот бестселер, (поточно, американскиот пазар) при подетална анализа покажуваат дека: низ изминатите стотина години бестселери биле наслови и автори кои од денешна гледна точка се дури и заборавени, во втората половина на векот доминираат имињата на комерцијалните автори од типот на Стивен Кинг, Даниела Стил, Роберт Ладлам, а многу ретко книгите од врвот на листите на топ-десетте се оние што и по десет, триесет или педесет години имаат репутација на вредни книжевни остварувања. Меѓу нив има многу наслови кои денес се потполно заборавени, додека се паметат други наслови кои во годините на својата појава не биле меѓу најпродаваните (на пример, Томас Пинчон, Дон де Лило, Маргарет Етвуд и др.). Необичен факт е и што исти автори се повторуваат во неколку години, и тоа не секогаш веднаш при своите први објави туку било потребно извесно време интересот за нив да се развие и да пламне во однос на нивни подоцнежни изданија. Овој преглед на американските бестселери во изминатото столетие ја потврдува ефемерноста на брзата продажба (распродажба) и укажува на фактот дека сепак факторот време и она што во тој општествено-историски контекст се случувало на планот на книжевниот живот, а не само на книжевниот пазар, има многу поголемо значење во градењето вредности.

      Намерно го употребувам терминот градење, затоа што сметам дека книжевната вредност е динамична категорија што се гради во интеракции, соодноси, среќни или несреќни околности,  во книжевниот живот и во пошироката култура. Често пати филмската адаптација може да биде поттик за реактуализација на некое дело или популарноста на некој книжевен мотив да се изроди од некоја реална историска констелација или настан. Скандали, идеолошки конфликти, биографијата на самиот автор – сите тие и слични елементи можат да ги променат патиштата на книжевната судбина (фортуна) на еден книжевен текст. (Има многу примери низ историјата, да се потсетиме барем на Хазарскиот речник на Милорад Павиќ или на Сатанските стихови на Салмон Ружди). Да не пренебрегнуваме еден ноторен факт дека во светот на литературата големо значење имаат „книжевните моди“ или фокусацијата врз конкретни проблеми (на пр. фокус врз миграциите, насилството врз децата, хомосексуалноста и сл.). Во поновата книжевна продукција сведочиме доминација на извесни фондови и спонзорства со идеолошко-политичка заднина кои диктираат книжевни теми и мотиви, како и извесни идејни насоки на современата литература. Се разбира, неоспорно влијателна во тој контекст е улогата на книжевната критика и на механизмот на книжевни награди. Но, тие се условни и релативни. Критичките опсервации најчесто се интерпретативни и ретко имаат исцизелиран вредносен суд, а и доколку го имаат, тоа е само еден поединечен суд што се релативизира веќе во една малку поширока комбинација од тројца или петмина членови на жири за некоја книжевна награда, а подоцна се комбинира со поширокиот јавен суд, кој има свои скриени механизми на функционирање. Самото хиерархизирање на книжевни текстови, особено ако се работи за квалитетни текстови, е една од најмачните работи за критичарот, затоа што многупати во реалноста се случува различни дела да воодушевуваат со различни аспекти од својата комплексна природа и да предизвикуваат слична наклоност кај нивниот читател така што и самиот критичар, како еден покомпетентен читател, се исправа пред сериозна дилема на избор, која честопати може да добие наполно неочекуван тек во расправите и координацијата на сите членови на жирито. И тоа се случува во услови кога се исклучени вонкнижевните аспекти при жирирањето – притисоци, манипулации, лични симпатии, пријателства со авторите и сл., што во практиката претставува многу ретка појава. Оттаму и книжевните награди сè повеќе ја губат релевантноста во оценувачката процедура на естетските книжевни вредности на едно дело и се покажуваат со краток здив (на пр. немаат посериозни консеквенции врз инкорпорирање на делото во националниот книжевен канон или во однос на неговата поширока читаност или превод на странски јазици). „Ако нацртате Венов дијаграм во кој еден круг ги опфаќа добитниците на Нобеловата награда а друг круг ги опфаќа највлијателните и најчитаните писатели на 20-иот век, нивниот пресек ќе биде изненадувачки мал. Нобеловата награда не им беше доделена на голем број значајни модерни писатели, почнувајќи од Хенрик Ибзен на самиот почеток на дваесеттиот век, па потоа продолжувајќи преку Марсел Пруст, Џемс Џојс, Вирџинија Вулф, Ана Ахматова, Хорхе Луис Борхес, Еме Сезар до многу други“ (Kirsch, A. 2018).  

      Сите споменати аспекти на книжевната вредност се однесуваат за средини со нормален, развиен книжевен живот, а во тие рамки и развиен книжевен пазар. А македонската средина го нема ни едното ни другото. Доколку се стреми кон градење и препознавање книжевни вредности од сите три споменати сфери, македонската култура мора сериозно да ги измени постојните механизми и да ги професионализира сите сегменти на живеењето во и за литературата. На прво место – да се заложи за континуирано создавање и негување на читателска публика, луѓе на кои литературата им е важна, а потоа и во професионалното поттикнување и оформување на писатели, уредници, печатари, лектори и книжевни проучувачи и критичари. Кога веќе пазарните закономерности се инсталираат во светот на книжевноста, тогаш барем да не се дозволи нејзина багателизација и сестрано вредносно уривање и сведување само на  стока, туку да се настојува кон професионализација која колку-толку воедначено би ги полнела со енергија сите три компоненти на нејзината вредност, а би придонела и соодветно да бидат финансиски стимулирани сите чинители што неа ја овозможуваат. 

Литература:

Here are the Biggest Fiction Bestsellers of the Last 100 Years

Bourdieu, Pierre. »The market of symbolic goods.« Poetics (Amsterdam) 14.1–2 (1985): 13–44. http://web.mit.edu/allanmc/www/bourdieu2.pdf

Kirsch, Adam (2018) “Readers Don’t Need the Nobel Prize in Literature: The cancellation of the 2018 award is an opportunity to remember that great works of writing aren’t decided by committee”.

https://www.theatlantic.com/entertainment/archive/2018/05/readers-dont-need-the-nobel-prize-in-literature/559799/

Moretti, Franko (2005) Signs Taken for Wonders: On Sociology of Literary Forms. London: Verso.

ЗА АВТОРОТ

Соња Стојменска Елзесер

Соња Стојменска-Елзесер е родена во 1963 година. Таа е есеистка, критичарка и теоретичарка од областа на книжевноста. Докторка по филолошки науки, професорка и научна советничка во Институтот за македонска литература при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. работи како научен советник и професор во Институтот за македонска литература во Скопје, во Одделението за теорија на литературата и компаративна книжевност. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје 1986 година. На истиот факултет го одбранила магистерскиот труд „Теориско-методолошките начела на [[Михаил Бахтин[[“ [[1995) и докторската дисертација на тема „Лудистички постапки во современиот расказ“ 2003 година. Во Институтот за македонска литература работи од 1988 година. Во периодот 1997–2000 работела како лектор по македонски јазик и литература на Карловиот Универзитет во Прага, Република Чешка. Во 2003]] г. е избрана за научен соработник, во 2006 за виш научен соработник, а во 2011 за научен советник во истото одделение. Авторка е на повеќе книги од областа на книжевни науки. Главен уредник е на научното списание [[„Контекст/Context“, кое објавува прилози на македонски и на англиски јазик. Преведува од англиски, руски и чешки јазик. Член е на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, на Националниот славистички комитет на Македонија и на Друштвото на писателите на Македонија. Во април 2018 година е избрана за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Раководител е на докторските студии при ИМЛ.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ