(Кон романот на Лоф Ју „Прегрни ме цврсто“ во изданаие на Готен, Скопје, 2022г.)
Кога зборуваме за љубовта секогаш се фокусираме на нејзиниот флуид, но кога ќе се доближиме до него или неа, тогаш во нејзините жили навлегуваат стратегиите и плановите како да се задржи, да се присвои или, како што понекогаш се вели, да се конзумира. Љубовните струења понекогаш заминуваат во погрешен правец, залажуваат или исчезнуваат во привид, согоруваат во нереализираноста, но и во нејзината горчина. Романот на Лоф Ју „Прегрни ме цврсто“ говори токму за тоа согорување, за потрагата на неколку млади луѓе по вистинската љубов, по вистинската личност која ќе ги обземе. Лоф Ју е псевдонимот на двајца млади автори Адриа Фонт и Инма Суст. Адриа Фонт е актер и драматург, додека Инма Суст е новинарка. И двајцата го користат псевдонимот кој го има призвукот на најомилената синтагма во светот „те сакам“.
Оваа ведра љубовна приказна се случува меѓу тинејџери и користи слична матрица која ја препознаваме во американските телевизиски серии од формат на Беверли Хилс, или од хиспаноамериканските тинејџерски серии како што е Rebelde Way. Но, овие двајца млади автори во овој роман отидоа и чекор подалеку: приказната за љубовните авантури на Принцез и младите тинејџери околу тие прекрасни девојки ја обвиле во една поетичност која импонира и воодушевува. Романот „Прегрни ме цврсто“, како и што кажува самиот наслов е посветен на флуидната љубов, онаа која во својот предзнак ја носи во прв пред симпатијата, а потоа и најубавите нејзини состојки: бакнежот и прегратката. Младите автори раскажувајќи ја приказната за младите вљубеници како да ја испреплетуваат низ мрежата на прегратката која постојано се споменува во најразлични прилики, а ја има и во цитатите со кои започнува секоја глава од романот. Но, оваа приказна е составена од многу помали кои ги развиваат младите Ана, Серхио, Силвија, Маркос, Давид, Беа, Естела а тука се и Нереа, оној кој е виновен за страдањето на Естела, Лео, како и епизодните улоги чија функција е од витално значење: Ману, Начо и родителите на младите тинејџери.
Се чини дека нема љубовна игра без љубовен триаголник. Но, нема ни симпатија без страдање. Овие се крајпатните станици на оваа љубовна приказна која се мултиплицира на најразлични начини кај сите главни протагонисти. Имено, Серхио е главната љубовна опсесија на Беа и Силвија и помеѓу тие љубовни осцилации се случуваат и други кои пулсираат меѓу „сестринството“ Принцез како што се безглавото вљубивање на Ана во братот на Силвија Давид и секако едно општо вљубување во новото момче кое свири гитара, Маркос. Новиот убавец има куче кое се вика Атреј и изгледа боженствено. Она што тој го раширува како љубовна аура ги обзема сите девојки и во романот делува како еден вид на координата околу која се развиваат сите релации, премислувања, дошепнувања и неодлучности. Секако, овој роман кој цврсто го прегрнува младиот читател и со својата приказна не му дава да ја остави книгата од рака повремено говори и за насилната страст, за недоличноста во изразувањето на љубовта, за непочитувањето и во родова и во човечка смисла. Овде се мисли на лошата поставеност на многу постариот и оженет Лео кон младата Естела која судејќи по нејзината судбина паднала во неговата мрежа, но и на епизодата со безобразниот Начо за чии постапки убаво ја предупредил Давид својата сестра Силвија. Младите автори низ овие случувања опфатиле добар дел од можните љубовни констелации, од она што погоре го напоменав како „стратегии“ кои успеваат или не успеваат, но едно е сигурно: се пластат како искуство во емотивниот живот на младите тинејџери. Во овој љубовен роман има многу страст, многу бакнежи, љубомора, солзи и секако, многу прегратки. Лоф Ју прегратката ја користат како многу силен знак, но и како силна порака: таа значи и утеха, и прошка, но значи и голема вљубеност, голема посветеност. Во секоја глава од овој мошне интересен роман главните ликови минуваат низ љубовните лавиринти на недоумицата во кои чекорат понесени од своите претпоставки, но најмногу од своите копнежи. Лоф Ју мајсторски раскажувајќи ја оваа приказна градат и извонредна галерија на различни прототипови, љубовта ја доживуваат на најразличен начин и се благонаклони, сурови, недостижни, но се еден на друг и единствените во нивните животи, нивна лоша или добра судбина. Приказната како што споменав погоре тече со многу динамично темпо отворајќи низа настани кои се одвиваат во животите на младите луѓе, но низ нејзините описи и реплики љубовта е флуидот чија поетичност е главна карактеристика. Затоа во настаните кои се случуваат, особено преку ликот на главниот љубовен објект, младиот музичар Маркос има многу музика, многу артизам, а стиховите кои тие ги смислуваат се обоени исто така со боите на љубовта.
Низ страниците на романот „Прегрни ме цврсто“ се одвиваат љубовните недоумици на Силвија и Беа околу младиот Серхио кој преживува и една лесна сообраќајна несреќа, малата Ана до последната страница од романот согорува за доста постариот од неа Давид, додека првата која влегува во видокругот на општољубениот Маркос е Естела, девојката која носи со себеси последици од лошата врска со суровиот и бесчувствителен Лео. Авторите плетејќи ги овие приказни и фокусирајќи ги во една сторија го поставуваат прашањето: каде водат сите овие превирања? Ќе се реализираат ли соништата на сите овие Принцези и млади момчиња? Дали, конечно во сите овие љубовни искрења лежи вистинската љубов и колку таа ќе трае. Лоф Ју овие прашања ги поставуваат низ дијалозите на младите ликови кои постојано се сомневаат и во себе и во своите другари и соученици, во своите родители кои иако ги нема многу во романот,сепак се еден репер на балгонаклоност кој е повеќе од потребен во целата оваа тинејџерска сага.
Тинејџерската љубов во голем дел е прва во животот на младите луѓе кои тукушто зачекоруваат со срамежливи чекори во територијата на возрасните. Џорџ Бернард Шо во една прилика рекол дека: „Првата љубов е малку лудост и многу љубопитност.“ Романот на Лоф Ју ја има и таа нишка: љубопитноста. Овие вљубени тинејџери во своите љубовни бранувања се исклучиво водени од љубопитноста, од нивната стремеж да го спознаат тој еликсир кој ќе ги одведе во непознатите простори на сласта и убавината. Лудоста во овие љубови се крие во ситните недоразбирања, кои понекогаш можат да бидат и фатални, но, како што споменавме, тука е лечебноста на прегратката која ќе ги спаси сите погрешно разбрани ситуации, ќе ги утеши лошо избраните љубовни објекти и што е најважно ќе им потскаже на сите оние кои не ја почувствувале дека нејзиниот стисок ќе не натера да заборавиме на се што е лошо и ќе продолжиме по оној пат кој ќе не одведе кон толернацијата и соживотот.
Секако, првата љубов никогаш не е последна. Ретки се случаите кога таа е единствената во животот. И Силвија, и Беа кои облетуваат околу Серхио, а и малата Ана која напнатоста не ја напушта до крајот на романот, како и играта меѓу Естела и Маркос наведуваат на тоа дека овие љубови со зрелоста може да се променат, да се искусат и да останат како убав спомен, но дека без остаток мораат да се пробаат. Ова е уште една нишка во овој прекрасен тинејџерски роман, а тоа е сакањето. Она што би го нарекле технологија на љубовта. Прегратката делува исцелително, но љубовта е она што треба да се помине и да се одживее. Како вирус кој треба да се одлежи. Сите Принцези и принцови во овој роман го испитуваат своето сакаше. Тука стои уште една недоумица која е поврзана со љубопитството на Шо: како да се сака? И како тоа да допре до оној/онаа пред нас.
Низ овие констелации се движи позамашниот роман на младите автори од чии пораки претпоставувам има и што да научиме. „Прегрни ме цврсто“ е уште едно потсетување на тоа дека младешката љубов е онаа со најгусто ткиво и дека никогаш не исчезнува затоа што е прва и е најискрена, а искреноста во овие зли времиња е многу далеку и воопшто не е на дофат.
Македонски писател и комуниколог. Неговата книжевна библиографија вклучува пет поетски книги (Лавина, 1995; Плодовите на пеколот, 2014; Пустински цвет, 2015; Шума, 2018; Менување на минатото, 2019), две книги со детски пиеси (Обична бајка, 2002; Магичен компас, 2011), две пиеси за возрасни (Тага, 2012; Тврдина, 2016) и два романи (Сивиот плоштад, 2019; Турнеја, 2020), како и голем број на трудови од областа на комуникологијата, семиотиката, мултикултурализмот, театарот објавени во разни списанија и презентирани на голем број конференции низ светот (Гетеборг, Осло, Милано, Белград, Скопје, Нови Сад, Лондон итн.) Неговата последна пиеса Тврдина е објавена на англиски јазик од страна на издавачката куќа Лулу од Јужна Калифорнија, САД, додека неговите детски пиеси се објавени на српски јазик од страна на издавачката куќа Алма од Белград. Пишува осврти, есеи и колумни за македонски, српски и англиски портали. За неговата поезија е добитник на наградата ИВА БОГДАНИ од Приштина, Косово, наградата на Црногорската асоцијација на преведувачи и меѓународната награда „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво од Риека, Хрватска за најдобар роман и за особени заслуги во литературата. Неговите дела се преведени на англиски, српски, албански, индиски, арапски и хрватски јазик. Главен и одговорен уредник е на книжевното списание Книжевни елементи и на веб списанието Елементи.