Elementi Logo

ДАЛЕКУ ОД МАЛИТЕ ЛУЃE

Backgorund

(Кон романот на „Средиштето на светот“ на Андреас Штајнхефел во издание на Готен, Скопје, 2022)

Првата љубов е секогаш искуство кое останува во сеќавање без оглед на неговата одрживост. Етеричноста на приказната што многу питко ја раскажува Андреас Штајнхефел ни донесува еден многу интересен свет перцепиран од младиот Фил кој на своите 17 години се обидува да се пронајде себеси низ процепот на традиционализмот и малограѓанштината преку патот од едно малечко гратче во Германија, во малата вила Визибл. Имено, Глес, неговата мајка живее со него и неговата сестра близначка Дајан, две нејзини деца од за нив непознат татко. Фил има хомосексуална ориентација и конечно ја наоѓа својата вистинска љубов, младиот Николас кој е нов во училиштето каде што учи тој. Низ овој прозен ‘рбет го исткајува овој роман писателот Андреас Штајнхофел отворајќи прекрасна палета на различни карактери и вкрстувајќи ја психологијата на малото гратче со чудното (за нив) семејство кое на некој начин станува и цел на тивок анемозитет. Секоја од овие одлично извајани ликови има своја историја и секој од нив е на некој начин поврзан со целото семејство на Глес, мајката на Фил која веднаш е маркирана од „малите луѓе“ како што ги нарекува Фил, за лесна жена. Тука е и Тереза, адвокатка, која станува на некој начин нивна безрезервна поддршка иако тоа зазема некои романтични димензии со оглед на тоа што Тереза а лезбејка, а не наидува на позитивен фидбек од хетеросексуалната Глес. Николас, момчето кое станува опсесија на Фил е младиот ученик кој дошол од интернат, додека, пак, од друга страна е дете на богато, но дисфункционално семејство.
Она што е најважно за сите ликови, вклучувајќи ги и главните е нивната осаменост и социјална напуштеност. Андреас Штајнхефел во овој роман гради еден свет на општествена нефункционалност ште е на некој начин и социјална болест на дваесет и првиот век. Секое од овие семејства има своја болка, сите се свиваат од различен вид на страдање. Младиот Фил, раскажувајќи ја својата приказна во преден план ги извлекува своите копнежи: да најде сродна душа и да го пронајде својот татко. Глес е жена која многу млада, на свои 17 години ги раѓа двата свои близнаци и си заминува од Америка во викендичката која ја наследила од нејзината сестра и на секакви начини се обидувала да преживее префрлајќи им ја таа борбеност и пожртвуваност и на своите деца. „Малите луѓе“ кои се полни со презир и лоши зборови за таа „лесна жена“ во неа наоѓаат и свое засолниште. Глес, мајката на Фин и Дајан која има големо разбирање за сексуалната определба на својот син на некој начин станува и место за исповедување на локалните жени незадоволни од своите бракови. Овие судбински осцилации во романот на Штајнхефел кој дише со стилската обоеност на Чарлс Дикенс се цивилизациските бранови низ кои пливаат сите ликови. Сите се огорчени од горчливиот вкус на животот и низ својата борба се вовлекуваат во туѓите начини на преживување влевајќи им нешто од своите житвотни дотеци. Фил би сакал тоа да е љубов, Глес да го најде својот животен сопатник, а Николас да ја добие смислата на својот живот. Секако, секој заминува по својот пат и овој „свет“ на Штајнхефел и неговото „средиште“ се преселуваат на оние места каде што отишле тие ликови, т.е. во нивните нови јадра, во нивните нови надежи.
Фил на повеќе наврати зборува за иднината, за нејговите големи желби, но Штајнхофер овој лик сепак го втемелува длабоко во стварноста каде што има многу крв и многу солзи. Затоа тој во еден момент вели дека „иднината никогаш не е поддалечена од следниот миг.“ „Средиштето на светот“ е приказна со многу флешбекови. На тој начин, Штајнхефел го споредува минатото со посакувата иднина, но и со стварноста која на младиот Фил, но и на целото негово семсјство му носи многу недоумици и напнатости. Визибл е катче во кое има многу разбирање и многу љубов, но и многу недорзбирање. Дајан не ја крие својата неподносливост кон нејзината мајка, додека Фил не ја крие својата љубов кон Николас. Глес во овој роман, покрај за лицемерните жени од малото Германско гратче, е засолниште и за сите други. Така, низ процепот на неизвесноста во тоа семејство налетува и Мартин, младиот успешен адвокат кој од друга страна во очите на Фил станува пример за самодоверба и стаменост, а во очите на Глес првата вистинска љубов и првото пристаниште на сериозноста. Штајнхефел во текот на целата приказна и низ споредби, но и низ искуствата на ликовите споредува два паралелни светови: светот на невиноста и лесноверноста и светот на лицемерието и подлоста. Семејството на Глес кое од раните години е фрлено во бурите на неизвесноста е гнездо во кое има многу љубов, но е и место каде што можат да се прекршуваат деструктивните влијанија од малограѓанската комуна наспроти вилата Визибл.
„Средиштето на светот“ е роман чија наративна линија е многу приемчива, а неговата порака е кристално јасна и несоборлива. Штајнхефел многу мудро ја поведува приказната низ брановитите нишки на фелшбековите отсликувајќи ликови кои се многу живописни, но се и прототипови на еден свет што до крај кореспондира со отуѓеноста типична за дваесет и првиот век.
„Средиштето на светот“ е своевиден прозен реквием за туѓото во нас, за совршената важност на вистинската љубов, за бескрајната потрага по човечноста и за насушната потреба од рационалноста. Фил своето средиште на светот после неуспешиот обид на тлото каде што живее, започнаува да го бара од другата страна на барата, во Америка каде што заминува заедно со Гејбл, роднина на неговата мајка носејќи многу надеж, но и многу искуство во себе, она искуство на изневереност и неизвесност со кое остануваат сите други ликови од неговиот свет, со куп неодговорени прашања и нерешени животни патишта. Штајнхефел со овој роман отвора многу прашања. Иако пишуван на крајот од деведесеттите, овој роман ја има атмосферата на отуѓеноста на дваесет и првиот век, како и вечната деструктивност на малото место, чија социјална суицидност е неизлечива. Овој роман зборува и за вечната дисонантност на ниво на толеранцијата, она што е и тоа како потребно во време кога и војните, а и болестите чукаат на вратата. Инцидентите во ова четиво се фатални и се плод на долго компримирана омраза, на предрасуди и лаги, но и на беспричинскиот анемозитет со кој обилно се служи малограѓанското милје во малите места. Нарекувајќи ја наследената вила на Глес „Визибл“, авторот наспроти сите тие социјални отрови насликува една многу благородна транспарентност која е сигурно поле за развивање на љубов и разбирање, за конструктивност и толеранција. Но, Визибл, како што споменавме погоре е и место од каде што се истураат безброј прашања чија неоговореност ја разгоруваат љубопитноста оставајќи неизбришливи траги во психата на целото семејство. Заминувањето на Фил, претпоставеното стабилизирање на неговата мајка како и флуидноста на неговата сестра Дајан која конечно ја открива нејзината голема тајна со момчето што и било љубовник, а кое три години потајно го посетувала додека е во кома, се некаква надеж дека коцките на убавата слика за светот ќе се наредат како што треба и дека тој свет, сјаен и убав ќе стане „видлив“.
Најпосле, Штајнхефел со својот роман „Средиштето на светот“ ни говори дека сите во својот животен пат некаде сме тргнале, но дека конечно не знаеме каде ќе стигнеме, но и дека секоја станица во животот е ново сикуство кое ни ја пишува биографијата и прави од нас подобри или покомплексни луѓе. Фил е еден од нас, а тоа се и Дајан и Николас, а и Глес која е прототип за прибежиште, за вечен пристан каде што не чека прегратка и разбирање. „Средиштето на светот“ веројатно не е некаде во просторот, веројатно е во нас, па го носиме секаде каде што одиме. Така стануваме различни светови кои се преклопуваат и се надополнуваат.

ЗА АВТОРОТ

Сашо Огненовски

Македонски писател и комуниколог. Неговата книжевна библиографија вклучува пет поетски книги (Лавина, 1995; Плодовите на пеколот, 2014; Пустински цвет, 2015; Шума, 2018; Менување на минатото, 2019), две книги со детски пиеси (Обична бајка, 2002; Магичен компас, 2011), две пиеси за возрасни (Тага, 2012; Тврдина, 2016) и два романи (Сивиот плоштад, 2019; Турнеја, 2020), како и голем број на трудови од областа на комуникологијата, семиотиката, мултикултурализмот, театарот објавени во разни списанија и презентирани на голем број конференции низ светот (Гетеборг, Осло, Милано, Белград, Скопје, Нови Сад, Лондон итн.) Неговата последна пиеса Тврдина е објавена на англиски јазик од страна на издавачката куќа Лулу од Јужна Калифорнија, САД, додека неговите детски пиеси се објавени на српски јазик од страна на издавачката куќа Алма од Белград. Пишува осврти, есеи и колумни за македонски, српски и англиски портали. За неговата поезија е добитник на наградата ИВА БОГДАНИ од Приштина, Косово, наградата на Црногорската асоцијација на преведувачи и меѓународната награда „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво од Риека, Хрватска за најдобар роман и за особени заслуги во литературата. Неговите дела се преведени на англиски, српски, албански, индиски, арапски и хрватски јазик. Главен и одговорен уредник е на книжевното списание Книжевни елементи и на веб списанието Елементи.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ