Elementi Logo

ПРЕПИРКА СО СУЗАН СОНТАГ

Backgorund

Во збирката есеи Против интерпретацијата, објавени во периодот меѓу 1962 и 1965 година, Сузан Сонтаг посветува неколку страници на Тетратките на Албер Ками, допирајќи ја „суштината“ на неговото творештво и критикувајќи ја политичката тишина на писателот „кој се однесува како совеста на јавноста“. И покрај разобличувачките согледувања – во контекст на овој есеј и погледот на одредени Камиеви романи – засенувајќи ги гледиштата кои нè определуваат за еден, а не за друг писател, расчленувајќи ја длабочината на субјективното, што од уметникот го прави „нашиот“, а не „туѓиот“, таа не успева методолошки, а уште помалку идејно, да остане конзистентна во градењето аргументација која би, подалеку од пристрасните убедувања, ја покажала втемеленоста во фактите.

Анализирајќи ги дометите на делото на Албер Ками, авторката наведува дека „трите романи, расказите и драмите имаат тенка, донекаде скелетна природа која ги прави сосема недоволно првокласни, според стандардите на уметноста“, иако останува нејасно – историјата на естетиката зборува за постојани превирања во доменот на евалуацијата на уметничкиот успех – какви се тие стандарди и со која метода се служат. Поедноставувајќи го значењето на прашањата кои ги отвора Камиевото творештво, Сонтаг ги сведува неговите дела на „проза која го издава своето потекло од интелектуалниот интерес“ и „пропадлива морална убавина“. Навистина, Камиевата проза останува лишена од декор, а неговите ликови често се само обиди за овоплотување на животната филозофија, етичкиот и естетскиот поглед на светот, но во однос на универзализирањето на човековата личност – важните прашања на нашето постоење – тој ги надминува рамките на тогашната идеологија, затоа што не е свртено кон самооправдување, туку кон личноста која, како Мерсо, најпрво станува злосторник, а потоа жртва што ја инкарнира една внатрешна вистина. Моралната убавина на Камиевите дела е во тоа што тие не се морализаторски, дидактички самозагледани, туку воздржани во тишината, слично на Прустовата замисла за творештвото како друидски споменик, кој во заборавот сведочи за краткотрајната вистина на напорот, но никому не ја препорачува.

Според Сузан Сонтаг, „почнувајќи од премисите на популарниот нихилизмус, тој го води читателот – исклучиво со силата на неговиот тивок глас и тон – кон хуманистички и хуманитарни заклучоци што никако не произлегуваат од неговите премиси“, правејќи така „нелогичен скок во бездната на нихилизмот“. Тоа, со тон на алузија на неискреност, нè потсетува на реченицата на Џонатан Мазур – во однос на Странецот – дека „Ками успеал да го убеди читателот во невиноста на Мерсо, но има малку вистина во неговите зборови“, каде што и Сонтагова, како и Мазур, забораваат на разликата помеѓу вистината на фикцијата и вистината на стварноста. Иако Сонтагова не појаснува какви се премисите за „логичниот скок во нихилизмот“ – особено во однос на Киркегоровата филозофија, која го оптоварува Митот за Сизиф – дури и ако постоел таков скок, авторот има право да ги преобликува за да ја докаже вистинитоста на делото. Во тој поглед, Ками, дури и под претпоставка на недоследност кон премисите на нихилизмот, останува – што е поважно – предаден на автентичноста на вистината на своето дело. Уметничкото дело не е реплика на постоечките обрасци, туку транспонирање, вградување во рамките на можноста. Јасмина Ахметагиќ во Книга за Ками истакнува: „Ако писателот го убедил читателот во невиноста на јунакот, тогаш убедливоста почива на стварноста каква што е обликувана во самиот роман, која е единствено релевантна за проценување на вистината што се очекува од книжевното дело, а тоа е поетска вистина.“ Привлечноста на Странецот не лежи само во „силата на тивкиот глас и тон“ на авторот, туку и во недофатливоста на јунакот, перспективизмот кој укажува на едно од клучните прашања на нихилизмот, како што е интерпретиран, пред сè, во Среќна смрт и Странецот, а тоа е: дали неутралноста на Мерсо кон човечката драма „го приближува кон нихилизмот или пак неговата насоченост кон радоста на живеењето, а не кон остварување статус во општеството, и тоа што ја почитува само чистата пламена на животот, го спротивставува на нихилизмот“. Можно е одговорите да се најдат во Митот за Сизиф, што сепак не го решава прашањето на толкување на Камиевата проза. Уште повеќе, со тоа што не сугерира, туку осветлува, Албер Ками со успешниот обид за универзализација на човечката природа ги надминува книжевните и филозофските тенденции на своето време, па ако Тетратките не го „надживеале својот автор“, тогаш многустраноста на несомнени вистини во неговите дела – секако – го има сторено тоа.

Иако бил „совеста на јавноста“, според мислењето на Сузан Сонтаг, Албер Ками не бил доволно емоционално цврст, „барем не на начинот на кој тоа бил Сартр“, додека „неговата неспособност да заземе став околу алжирското прашање – прашање за кое како Алжирец и Французин бил единствено квалификуван да зборува – било последното и несреќно сведоштво за неговата морална доблест“, заклучувајќи дека „делувањето не било примарен интерес на Ками“. Неколку пасуси претходно, Сонтаг не ја занемарува неговата храброст кога се откажал од поддршката за прокомунизмот, што потсетува на потрагата по идеалот на доблеста – парадоксално – во споредба со Сартр. Се заборава дека во 1956 година француската десница викала: „Смрт за Ками“, додека тој се обидувал да влијае на преговорите меѓу Алжир и Франција. Не треба да се заборави ниту неговата репортажа за гладот во Кабилија од 1938 година, поради која властите го ставиле на списокот сомнителни. Во своите текстови, Албер Ками се осврнувал на ужасите од атомската бомба, состојбата на затворениците во Дахау и последиците од тоталитарните режими, така што „неутралната“ позиција не може да се користи за лажно истакнување дека неговата политика била идеологија на неделување. Ако му веруваме на Данило Киш дека приклонувањето кон фашизмот и сталинизмот е сигурен пат кон губење на моралниот глас на интелектуалецот, тогаш „Сартр не го положил испитот“. Сложеноста на позицијата во која се наоѓал Ками можеби не го оправдува – доколку оправдување е потребно – неговото „молчење“, но уште помалку е повод да се нацрта погрешна слика за целото идеолошко дело на еден творец. (Не)намерното игнорирање на седењето на две столици во случајот Ками-Сартр, го изложува Сонтагова на слична недоследност како и во изјавите дека „ниту мислата, ниту уметноста од највисок ред не можат да се најдат кај Ками“, наспроти оригиналноста на Жан Пол Сартр.

Бидејќи читателот истовремено ја препишува книгата пред себе, има целосно право во читањето да вткае дијапазон очекувања како сплет на нераздвојни околности и влијанија. И покрај формалните одлики на читањето, што го обликуваат текстот пред нас, каде што (не)свесно вчитуваме значења што се, подалеку од потребата за субјективно изобличување на вистината, дел од неосвестеното наследство, мораме да бидеме внимателни кога потенцијално поетските услови на растолкување почнуваат да ги прекројуваат проверливите настани. Така поетските вистини, во можните стаклени убавини на своите лаги, стануваат идеолошки алатки на оние кои наивно веруваат дека читањето на зборовите на писателот е исто што и загледувањето во неговата личност. Не е секогаш можно да се биде праведен, затоа секое читање е и колективно, каде што низ стаклото немо се огледуваме во (не)согласувањата.

[1] Во „Книга за Ками“, Јасмина Ахметагиќ наведува дека „естетските ликови можат да се разберат првенствено како технички функции, со оглед на нивните формални и драматични ефекти. Тие се „концепти на антропоидна форма или фрагменти од човечката психа“. Цитатите напишани со закосени букви се на авторот.

 

Превод од српски јазик: 

Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Милош Лазаревиќ

Милош Лазаревиќ е роден во 1995 година. Завршил филолошка гимназија во Белград како ученик на групата за живи јазици – француски јазик. Дипломирал на отсекот за филозофија на Филозофскиот факултет во Белград во 2018 година а мастер студиите ги завршил на Филолошкиот факултет во Белград при универзитетот во Белград во 2020 година. Основач е на YouTube каналот To The Lighthouse, една од најголемите домашни платформи запретставувањ ена светската книжевност и филологии. Добитник е на бројни награди од областа на поезијата прозата.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 16

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ