Elementi Logo

ДРАМИТЕ НА МИЛОШ ЛАТИНОВИЌ

Backgorund

Лида Барова и други драми, сочинува вкупно пет драмски текстови преведени на македонски јазик од авторот Милош Латиновиќ, драми кои се автентични, длабоки, создадени со силен интелектуален став и даровит авторски ракопис, коплексни како структура, форма, содржина и дијалог, секоја одделно поинаква, поуникатна во стилот и драмскиот принцип на нарација на судбините на хероите или антихероите, низ една постдрамска поетика преку која овие драми се надополнуваат една со друга, како комплементарна целина.  Кажувам постдрамска поетика, иако и самата давам простор да не ги дефинираме и класифицираме делата ограничувајќи ги, сепак овие дела се произлезени од силна интелектуална мисла, познавање на многу општествено – историски контексти, посматрање, преиспитување и на личните судбини во дадени околности,  низ доловени емоционални осцилација на ликовите, психологизација на истите, но низ дијалектички принцип каде личноста се менува во однос на промената на животните прашања, околнисти и ситуации. Изборот на темите не е пресуден, колку што е важно уметноста да се осознава во начинот на кој таа ја преиспитува вистината.

Навлегувајќи во животот и интимата на Брижит Бардо, во неговата прва пиеса Бардо, тој  го прави послоевито доловувањето на нејзината личност преку два клучни лика Бардо во нејзините зрели години и филмската ѕвезда Б.Б – онаа икона за која сите сонуваат, на која сите се воодушевуваат, недостижна, а сепак поврзана со колективната свест,која е нов архетип за убавина и сексипилност. Актерот ги игра сите машки ликови, не случајно, колку и да е конфликтот растечки и импактот голем на машките фигури во нејзината судбина, тие се епизоди во нејзиниот животен пат, за кој ни самата не знае дали го следи со доследност, ама секогаш има нешто што ја одбива исто толку силно колку што ја врзуваат за овие машки фигури. Митот на Брижит БАрдо е срушен, но со тоа делото добива, а не губи, всушност авторто навлегува длабоко во нејзината потреба да го обмислува современиот свет, будно следејќи ги политичките и општествените случувања во франција и нејзината родољубност кон својата земја од жестока критика до безусловна љубов. Таа љубовта на претседателот Шарл де Гол ја поистоветува со љубовта кон нејзиниот дедо. Нејзината личност од тука следува дека била кревка и полна со идеализации за еден подобар свет. Сепак и покрај длабоките емоции и дарот за креативност, истата е многу сурова мајка кон своето дете, просто се плаши да го изрази својот мајчински инстикт. Неизразувањето на мајчинскиот инстикт е немоќ да се победи стравот и отпорот од улогата на мајка, но и одбивање свесно да се прифати таа саможртва. Зрелата Бардо сега поинаку гледа на комплексите и стравовите на Б.Б, зрелоста е помалку бескомпромисна од младоста, а сепак ништо не може да се промени. Таа ќе каже: „Цел живот тежнеев кон среќата, но секогаш бев неповратно туркана кон неизлечив очај.“ Патрик, Жак Шерие таткото на нејзиното дете и многу други љубовници, се дел од нејзиното растење како жена, а Никола нејзиниот син од нејзиното отуѓување на женскоста. Има и мигови во кој таа од љубовниците трпела агресија, но само мигови – за денес старата Бардо да каже дека најмногу ја радуваат животните и децата. Она што Брижит не може да прифати е Исламската Верска Организација, терористичките напади кои за неа се најголемо зло на современиот свет. Што се однесува до политика секогаш се борела сама. Има своја фондација за заштита на животните.

Приказната за Брижит Бардо е раскажана низ нелинеарна компленска структура, преку реминисценција на различни периоди во нејзиниот живот, како емотивни сеќавања и согледувања, анализа и преиспитување на ставовите кои се менуваат со зреењето. Секоја сцена има свој наслов и своја подтекстуална порака. Бони паркер во Франција; Дедо мраз не постои; Темната страна на успехот;Патрик и еден од многуте; Никола моето дете; Живот за кој не сум создадена; Мадраг; Уцена; Де гол и дедо Бум; Збогум. Преку овие наслови авторот ја искажува точката на гледање на различните делови од живот на Бардо, со тоа потврдува дека тоа не се само исечоци на животот на ликот туку и авторска автентична креација и драмски израз.

Лида Барова е позната филмска актерка со Чешко потекло, љубовница на Јозеф Гебелс еден од најзначајните личности во нацистичка Германија, министер за пропагнда. Во драмата се три лика Лида Барова, Јозеф Гебелс и Магда Гебелс и самата драма претставува љубовен тријаголник раскажан на многу автентичен и нестандарден начин, преку сведоштва според вистинити описи на една историја за една несреќна љубов. Многу дијалози и сцени се конструирани (како што наведува авторот) според сублимирана креација, а некои комплетно пренесени од книгата „Бегствата на Лида Барова“ запишана според нејзини кажувања од Јозеф Шкворецки, студија на Владимир Погачиќ „Филмската уметност во служба на злосторството“, романот на Мухарем Баздуљ „Кула од марципан“, како и некои новинарски текстови за животот на Јозев Гебелс

Драмата започнува така што Лида Барова е во затворската келија во Прага, тоа нужно зло беше неминовно да и се случи, затоа што нејзината афера е една од најконтроверзните во поновата историја, иако таа се правда како и многу други уметници што работеле за Германија дека во суштина никој не бил свесен за деструктивноста на режимот, па дури ни за концетрационите логори. Сцените Оган и Оваа жена има совршена убавина кои се на почеток и на крај од драмата, се идентични и во нив со восхит Гебелс ја гледа Лидовата фотографија и потоа ја пали истата, како метафора за изгорена младост, меѓу усвитени глави. Во постдрамските монолозите на МАгда Гебелс на ниво на исповед признава дека комплетно послушна кон фирерот и никогаш не разбрала зошто филмската уметност ја изградува чувственоста на еден народ, до неа не допира тој свет, ни Лени Рифенштал, ни Лида Барова – што во овој нејзин монолог се открива дека светот на нејзиниот сопруг за неа е сосема туѓ.

После поставувањето на трите клучни ликови, стравот на Лида, страста на Гебелс и ладнокрвноста на МАгда, следува драма на реминисценција на една љубовна сторија во страотни политички околности и структурално и темелно расплетување на љубовниот тријаголник. Додека Гебелс говори, Лида говорот не може да го следи од силната вљубеност во него. Тој и се јавува со тајно име Милер, таа пропушта ангажмани во Лондон...таа губи убави можности за својата кариера, се оддава на лавиринтот на љубовта која и се случува. Таа се гледа се почесто со него, неговиот брак ѝ пречи, но секој обид да му се спротистави е невозможен за неа, опсипана со комплименти од човек кој успеал да ѝ го окупира секојдневието. Имаат и заеднички клуч и место каде што се среќаваат. Имаат се, немаат ништо.

Во  сцената Неговото величество фирерот ,јасно се демистифицира односот на двајцата сопружници Гебелс и моќта на фирерот да влијае во нивниот интимен живот, што подоцна е клучно за конечно разрешување на аферата на Гебелс со Лида Барова, иако Магда Гебелс ја прифаќа врската и се обидува да воспостави релација со Лида со намера да ја контролира, но кога работите ќе излезат од контрола таа дејствува во своја заштита. Потоа има цели документарни сцени со кој авторот ја пренесува комплексноста на оваа сложена врска меѓу тројцата, тука нема фиктивни дијалози, туку факти и реченици кажани и заведени. Потезите на Лида не афектираат само на Гебелс, туку и на двајцата сопружници, кои манипулираат и со нејзината кариера и со нејзината интимна слобода.  Лида веќе не е слободна жена, ако некогаш и била, за на крајот да ја предадат, обидот да склучи фиктивен брак со Ваид Харлан за да добие германско државјанство пропаѓа, Магда тоа го гледа како голема игра зад нејзиниот грб. Љубовта на Гебелс не замира,но не може веќе да се реализира, а понатамошната кариера на големата актерка запира. Во затворската ќелијата Лида не признава друг престап освен љубовта.

Да се разоткрие убиството на Пјер Паоло Пазолини треба добро познавање на политичките контексти во Италија, многу информации и детали од истрагата, многу познавање од начинот на кој живеат филмските режисери, но и рушење на табуата за да се долови контроверзноста на една личност. Како и во предходните драми така и во оваа авторот не се либи од слободата да го толкува светот надвор од конзервативната рамка и низ сложените структурални концепции  , дејствие кое што се случува напред и назад во времето, со цел да ја разобличува душата на Пазолини, неговото кредо, принципи и начела, духовноста и порочноста, гревот кој го води во смрт што и ден денес е политичка енигма. Оваа драма се занимава со сложени теми вклучувајќи ја уметноста, политиката и личните конфликти. Пазолини ќе каже: Јас невин го видов светот, Грешев колку што и чесен бев – зашто не е доволно да се биде добар за да не се греши. Драмата е всушност обид да се најде вистинскиот антагонист, жртва или не е Пино кој ја превзема вината на себе, ја отфрла, за повторно пред крајот од драмата да падне врз него сомнежот. Интелектуалната активност го воздига Пазолини, но и му носи непријатели,  а  неговата хомосексуалност е неприфатена и слабост со која е полесно на мета на злото и пред самата смрт. Но авторот не се занимава со последиците, туку со причините да се верува во еден поубав свет, внатрешната сила што ја поседувал Пазолини и високата свеснот, не заслепен идеализам, туку проникливо гледање на стварноста. Драмата Случајот Пазолини не е драма за убиство, туку драма за погубување на индивидуалната слобода.

„Драмата Маеринг и кој го напишал бре ова“ е драмски текст театар во театар. Тука навлегува длабоко во консеквенциите со бавење со театар, во театарот како толку многу условена уметност, а толку многу вистинита и лажна во исто време, како што е љубовта на двајцата актери и ликови во драмата што ја гледаме како поставена. Тука структурата е Актерот или актерката, Рудолф или Софи, на сцената е една приказната, зас сцената сосема друга. Кои се тие позади кулисите, кои се тие во миговите кога претставата трае, а тие не се на сцената. Низ суптилен дијалог ни се разоткриваат постепено животите, стремежите и надежите. Некогаш имало љубов кај познатиот професор по глума и неговата студентка по глума, но сега само оваа претстава е местото каде се среќаваат. Што се случува кога страста поминува, дали љубовта има рок на траење во релативната стварност. Во драмата ликовите го живеат мигот на сцената, мигот зад сцената и ја преиспитуваат нивната љубов низ сеќавањата. Како се губи страста низ времето и животните тегоби, а сепак посебниот свет во кој живеат никогаш нема да ги раздвои.

„Крвта на црвениот петел“ се користи со прозата на Маркес, Борхес;Карлос Фунтес и Хуан Рулфо. Лаура го носи својот трагичен хибрис низ целата драма, затоа што го убила Онесимо Санчес. Сенаторот. Еден дел од структурата на драмата е нејзината внатрешна подготовка да ја уапсат и да биде казнета за тој престап. Затоа последните мигови ги минува со Хозе барменот кој секогаш и давал бесплатна храна. Едновремено Раула носи хамартија затоа што не ја избрала судбината сама, немајќи чувство за татковка љубов и посветоноста на прав начин, таа го консумира гревот како единствена реалност и единствена нејзина преокупација, „премалена ја чека својата казна, а нејзиното убиство е обид да се убие суровста на двата авторитета, таткото и љубовникот. Конципирано  врз сиже и фрагменти на веќе познати прози, добро структурирани низ креативна интелектуална постапка,  каде што најголема метафора е петелот, петелот кој се бори до последна капка крв, автентично пренесувајќи ја таа мелахолија на јужно америкаскиот патос и вешто избегнувајќи го патосот каде низ дистанца и рационализација ги толкува ликовите длабоко корумпирани и нечесни, длабоко заглавени во калта на себеодрекувањето, а стремежот кон висините ги носи до дното. Онесимо и Мануел Фарина се гушат во сопствената безинтегритетност, за Онесимо,Лаура е е некоја жена чија сексуалност не може да ја доживее во целост бидејќи му е забранет пристапот со катанец, а клучот е во пантолоните на нејзиниот татко. Толку фрустрирачки е таа улога кога жената е само подавана од таткото на љубовникот и никој во суштина не ја третира во целост. Затоа убиството на Онесимо е крик за слобода, нешто што нужно и приросно созреваше низ драмата дека треба да се случи, дека е оправдано да се случи – иако секој грев е наплатен.

 

Катерина Момева

 

ЗА АВТОРОТ

Катерина Момева

Родена на 25.06.1984 во Битола, Македонија. Дипломира Драматургија на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, Македонија во 2008. Магистрира на Постдипломските студии на отсекот Комуникации на Институтот за Социолошко политичко правни истражувања во 2011, Скопје со темата: „Процесот на глобализација преку телевизијата како медиум за масовна комуникација“. Исто така магистрира и на Постдипломските студии на отсекот „Филмско и тв сценарио“ при Факултетот за драмски уметности во 2012, Скопје. Од декември 2014 година е вработена како драматург во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес. Покрај матичната куќа во која моментално е е вработена, соработувала и соработува со други театри како драматург на театарски проекти. АКАДЕМСКА РАБОТА Од 2009 работи како помлад асистент во класата на Професор Д-р Сашко Насев, за предметот Филмско и Тв сценарио, на Факултетот за Драмски уметности во Скопје/ Македонија Во 2015 ментор на меѓународниот проект „Различни“ , каде студентите на катедрата Театарска и Филмска драматургија се претставуваат со свои едночинки, на малата сцена Видра, во театарот Керембух, Загреб Проектот е поддржан од Vijeće makedonske nacionalne manjine Grada Zagreba ПОСТАВЕНИ ДРАМИ "Хераклеја и Ликиниј“, мјузикл, режиран од Сашо Огненовски, за Отворање на Битолско Културно Лето во Битола, Македонија. Премиерата на 22 јуни 2007. „Телеграма“, драма во два чина, режирана од Никола Ристов, во Националниот Театар во Штип, Македонија.Премиера на 05 јули 2007 „Калеш Анѓа, дефинитивно“, драма,режирана од Драгана Милошевска Попова, во Националниот Театар во Битола, Македонија. Премиерата на 15 јули 2010. „Волшебната шума“, драма за деца, режирана од Деан Дамјановски, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес „Хумана Приказна“ – режија Бесфорд Идризи - дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, во продукција на Онлимит медиа и во партнерство со Народниот правобранител. Премиера на 07 декември 2019 во МКЦ „Кино Фросина” Оваа претстава беше тријазична (со титли за гледачите) и ги опфаќа македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, притоа покриваше повеќе различни општини и региони. “Сара“ – драма – режија Елеонора Теова – Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – Премиера „Исмена“ – монодрама – режија Елеонора Теова – Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – премиера „Сатирска игра“ – мало либрето – режија Деан Дамјановски - Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – премиера Работела и во областа на телевизија и филм Учествувала со бројни проекти на театарски и филмски фестивали, како креативен простор во кој се изразила себеси како уметник.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 16

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ