Elementi Logo

РАМНА ПЛОЧА

Backgorund

РАМНА ПЛОЧА

III. Жетварот

Свекорот става дрвена дршка на косата – алатката. Маркан скромно стои до него.


МАРКАН: Тато...
СВЕКОРOT: Добро е, Маркане... Тоа може на секого да му се случи. (чука со чеканот по спојот на сечилото и дрвото) Уште малку и ќе биде како нова. Се скрши дршката.
МАРКАН: Тато... Сакав...
СВЕКОРOT: Што сакаш? Косата? Ќе ја добиеш. Сакавте жена. Ја доби. Кога татко ти те изневери?
МАРКАН: Никогаш...
СВЕКОРOT: Ете гледаш!
МАРКАН: Тато, јас не би сакал...
СВЕКОРOT: Што сега не би сакал? Ту сакаш, ту не сакаш.
МАРКАН: Ама, јас не би сакал...
СВЕКОРOT: Сине мој, не се мачи. Сега си женет човек. Маж, богати!
МАРКАН: Јас не сакам да одам во Германија!

Свекорот го пушта чеканот и стои заканувачки со косата в рака. Маркан збунето го гледа татка си како и самиот да се изненадил од својот тон. Свекорот му приоѓа. Го прегрнува со едната рака, додека во другата ја држи косата.


СВЕКОРOT: Маркане мој, јас сè знам.
МАРКАН: Знаеш... Сè?
СВЕКОРOT: Знам, сине!
МАРКАН: Значи знаеш дека јас не би сакал да се разделам од Делфа...
СВЕКОРOT: Не греши душа, сине. Какво разделување?!

МАРКАН: Значи, останувам? Не одам? Не одам... (го прегрнува и бакнува својот татко) ... Фала ти, тато... Фала ти...
СВЕКОРOT: Полека... Ма, полека...
МАРКАН: Ти си најдобриот татко!
СВЕКОРOT: (му ја подава косата) Оди сега и доврши ја онаа нива.
МАРКАН: Ќе ја чувам, тато, ќе ја чувам!
СВЕКОРOT: Има уште еден месец до тргнувањето. Треба многу работи да се средат. А тоа во Германија, тоа го работиш за неа... За вас... За иднината, разбираш? Ќе одиш со луѓето од Буковица! И таму се сите наши! Ќе ти биде како да не си се поместил од Дувно. Какво разделување... Секој Божиќ си дома.

Маркан молчи. Скршен.


СВЕКОРOT: А таа убаво ќе те чека.

 

Превод од босански јазик:

Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Драган Комадина

Драган Комадина е роден во 1974 година во Мостар. Дипломирал на Одделот за драматургија на Академијата за сценски уметности во Сараево, каде што моментално работи како вонреден професор по насоката драматургија. Тој е автор на серија драмски текстови: Убиец на прашина, дел од омнибусот На работ на вселената, Рамна плоча, Drang nach Western, Ајде на фука и други, кои премиерно беа прикажани во театрите во Сараево, Зеница и Мостар. Како драматург, соработувал со многу режисери, меѓу кои и Дино Мустафиќ, Селма Спахиќ, Скот Филдинг, Лајла Каикчија, Тања Милетиќ Оручевиќ и Иван Лео Лемо. За неговото пишување и драматуршко дело, награден е на национално ниво.Тој е уметнички советник во Хрватскиот народен театар во Мостар.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 16

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ