Elementi Logo

СЦЕНА 4: НА ПОСТОЈКА

Backgorund

СЦЕНА 4: НА ПОСТОЈКА

ВАЊА чека автобус. Вади цигара. Сака да запали, фаќа по џебовите, упорно бара но нема запалка. На неколку чекори од ВАЊА стои ЕМА која пуши цигара, а на неколку чекори од неа стои ДЕНИ, млад човек со слушалки. Дени е прилично ексцентрично облечен, со многу накит, пирсови по лицето, тетоважи, внимателно одбрани алишта кои оддаваат впечаток на авангарда. ЕМА е самоуверена и модерно облечена. ВАЊА ѝ пристапува на ЕМА држејќи ја цигарата в рака.

ВАЊА
Се извинувам, имаш…
ЕМА (грубо и отсечно го прекинува.)
Имам дечко!
(ЕМА се врти на другата страна. И ВАЊА превртува очи и оди кон другиот човек кој стои на постојката.)
ВАЊА
Извини, имаш…
ДЕНИ (грубо и отсечно го прекинува, не вадејќи ги слушалките од ушите.)
Имам дечко!
(ВАЊА останува во неверување. Се повлекува и застанува на позицијата каде што стоеше на почетокот на сцената. Ја става незапалената цигара в уста. Тројцата стојат и молчат одредено време. Дени одвреме-навреме сомничаво погледнува кон ВАЊА. Ги вади слушалките. ЕМА е тотално незаинтересирана и гледа во својот телефон. ВАЊА само стои и молчи.)
ДЕНИ
Еј, дечко!
(ВАЊА внимателно се завртува да види дали ДЕНИ му се обраќа нему.)
ВАЊА
Да?
ДЕНИ
Да не сакаш да запалиш?
ВАЊА
Да.
ДЕНИ
Па така кажи. Еве девојчево нека ти запали.
ЕМА
(Сосем пријателски) Секако, нема проблем.
(ЕМА вади запалка од ташната и му пали на ВАЊА.)
ВАЊА
Фала.
ЕМА
(Пријателски и опуштено.) Нема проблем.
(Повторно тишина.)

СЦЕНА 6: НА ПИВО

ДЕНИ и ВАЊА седат на клупа и пијат пиво.

ДЕНИ
Помалку да пиеш?!
ВАЊА
Се трудам.
ДЕНИ
Помалку од едно пиво? Ме заебаваш? Колку е тоа помалку од едно?
ВАЊА
Ни едно. Рано станувам. Изгледа и едно почнува да ми пречи.
ДЕНИ
Душичка. Ај на здравје.
ВАЊА
На здравје.
ДЕНИ
Инаку, немам дечко.
ВАЊА
Што?
ДЕНИ
Тогаш, кога ми го загрози личниот простор на постојката, кога се запознавме. Нели ти реков дека имам дечко.
ВАЊА
Навистина, што е муабетот со „имам дечко – немам дечко“?
ДЕНИ
Па ништо, немам дечко, така само велам понекогаш.
ВАЊА
Зошто?
ДЕНИ
Како зошто? Во самоодбрана!
ВАЊА
Во самоодбрана?
ДЕНИ
Да, знаеш, кога ќе ми се доближи некој… манијачест.
ВАЊА
Молам? Манијачест? Јас сум манијачест?
ДЕНИ
Добро де, сомнителен.
ВАЊА
(Си ги погледнува алиштата, си го фаќа лицето, косата, проверува да не нешто не е во ред со него.) Во што конкретно ти се видов манијачест, може да ми кажеш?
ДЕНИ
Добро де, реков, сомнителен.
ВАЊА
Зошто помисли дека сум сомнителен?
ДЕНИ
Ех, сега, не сме тука да се навредуваме… ајде, на здравје. (Наздравува и пие.)
ВАЊА
Не, кажи ми, стварно ме интересира што ме прави сомнителен.
ДЕНИ
Ех, сега…
ВАЊА
Лицето? Косата? Што?
ДЕНИ
Па види бе друже како си облечен!
ВАЊА
Како сум облечен?
ДЕНИ
Па како да ти кажам… обично! Премногу обично. Толку обично што си – едноставно – сомнителен. Мислам, кој нормален така се облекува?
ВАЊА
А како треба да се облекувам?!
ДЕНИ
Така се носат, да ми простиш, само манијаци и психопати.
ВАЊА
Што?!
ДЕНИ
Сакав да кажам… немаш ништо на себе што одразува некаков… карактер, некаков идентитет, ништо човече!
ВАЊА
Чекај, ти ова сериозно?
ДЕНИ
Човек што не те знае, секако ќе помисли дека криеш нешто. Ама за среќа јас сум многу отворен човек, па никогаш не судам по изгледот.
ВАЊА
Да, гледам дека не судиш по изгледот. Само ме прогласи за манијак.
ДЕНИ
Аман па и ти, за ситници се фаќаш. Те викнав на пиво, ти овде психоанализа ми правиш.
(Пауза. ВАЊА гледа во часовникот. Се спрема да си оди.)
ВАЊА
Морам да одам.
ДЕНИ
Што е сега?
ВАЊА
Морам. Утре сум прва смена. Се гледаме.
(ВАЊА тргнува.)
ДЕНИ
Еј… (ВАЊА застанува.) Да не кажав нешто погрешно? Не мислев ништо лошо.
ВАЊА
Знам, уживај.
ДЕНИ
Знаеш, таков сум ти јас, малку незгоден, мислам – груб на зборови…
ВАЊА
Да, забележав.
ДЕНИ
…ама инаку сум душа човек! Многу сум чувствителен. Цела вечер сега ќе те мислам.
ВАЊА
(Малку му е непријатно, но ваквата променливост на ДЕНИ го засмејува.) Ај сега не претерувај. Морам да одам. Се гледаме.
ДЕНИ
Утре?
ВАЊА
Утре.

ЗА АВТОРОТ

ЛИДИЈА МИТОСКА ЃОРЃИЕВСКА

ЛИДИЈА МИТОСКА ЃОРЃИЕВСКА (1984), драмска писателка. Дипломира на филолошкиот факултет во Скопје на отсекот за англиски јазик и книжевност. Работи како драматург во Народниот мтеатар во Прилет. Нејзината пиеса Саатот е наградена од Еуродрам, европската мрежа за превод на драмски дела.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ