ПОД СРЦЕТО
Катерина Момева
(Драма во еден чин)
ЛИКОВИ
ЕДНА нежна и длабока
КОПНЕЖ недогледен
ВО МОЕТО СРЦЕ И ТЕМНИНА И КОПНЕЖ ВРИЕ
ВО СРЦЕТО СМЕ НИЕ
ЕДНА: Ми доаѓа да вриснам.
КОПНЕЖ: Дали врисокот има светлина.
ЕДНА: Врисокот има темен сјај.
КОПНЕЖ: Јас не гледам темен сјај.
ЕДНА: Ти бараш да видиш со очи. Ти трепериш. Треба да се приземјиш.
КОПНЕЖ: Под срцето различно врие.
ЕДНА: Под срцето сме ние.
(пауза)
КОПНЕЖ: Троп. Троп. Троп. Тропаат камењата во мојот чевел.
ЕДНА: Зошто носиш камења во твојот чевел.
КОПНЕЖ: Затоа што се таму за да сметаат. Јас не ги носам, тие ме носат мене.
(пауза)
КОПНЕЖ: Мислам да ме издува ветер како ситна песок.
ЕДНА: Отиде далеку.
КОПНЕЖ: Ако бидам ситна песок ќе се залепам секаде по твојат кожа. Би бил среќен. Чекорите нема секогаш да ме болат како камен во чевел…обидувајќи се да те следам…да те дофатам… ти незапипирливо..туѓа и моја…недостижна…
(пауза)
ЕДНА: Ме сакаш?
КОПНЕЖ: Отиде далеку.
ЕДНА: Ти би требало да сакаш подалеку. Така се викаш. Копнеж.
КОПНЕЖ: Јас сум во сите.
ЕДНА: Така се викаш.
КОПНЕЖ: Ти си една во себе, во тебе, една во мене. Јас сум во сите.
ЕДНА: Отиде далеку.
КОПНЕЖ: Кога сум во сите мене ме нема. Јас само растам.
ЕДНА: Незапирливо?
КОПНЕЖ: Незапирливо, се додека не згаснам.
(пауза)
ЕДНА: Би можел да згаснеш еден ден, иако знаеш дека јас сеуште постојам?
КОПНЕЖ: Секогаш неподготвено се палам. Секогаш неподготвено се гаснам.
(пауза)
ЕДНА: Ме навреди.
КОПНЕЖ: Јас навистина горев. Догорев. Ќе заминам. Таков пеплосан ќе те оставам.
ЕДНА: Ќе земам една јамка ќе се обесам, животот за мене ќе нема смисла после твоето заминување.
КОПНЕЖ: Сакаш да те спасам?
ЕДНА: Ќе те откорнам.
КОПНЕЖ: Јас знам многу да мачам, не ме предизвикувај.
ЕДНА: Сакаш да ја изгубам гордоста?
КОПНЕЖ: Јас не знам за гордост.
(пауза)
ЕДНА: Погледни далеку се рушат градови. Се гушат вистини.
КОПНЕЖ: Згаснав.
ЕДНА: Умираат луѓе.
КОПНЕЖ: Каква врска има тоа со тебе?
ЕДНА: Сите викаат дека кога умираат луѓе тоа е некако поврзано со сите нас.
КОПНЕЖ: Копнежот никогаш не копнее за смртта.
ЕДНА: Но јас ја посакувам, како да сакам да сум меѓу тие луѓе што умираат, во градовите што ги уриваат.
КОПНЕЖ: Ти не го посакуваш тоа. Ти викаш дека ја посакуваш смртта, а ме посакуваш мене. Не можеш без мене.
ЕДНА: Не можам ни со тебе.
(Пауза)
КОПНЕЖ: Пробај со мене.
(Пауза)
ЕДНА: Ти ќе сакаш да ме обземеш. Јас сакам да ги обземам луѓето со моето постоење.
КОПНЕЖ: Ти си страшно егоцентрична. Така се викаш. Една.
(Пауза)
ЕДНА: Не сакам да сум сама.
(пауза)
КОПНЕЖ: Сакам кога дишеш копнежливо. Нежните влакненца на твојата кремава кожа се креваат,а ти го сетуваш мојот допир …далеку пред да те допрам. Јас сум бил во тебе и пред да постојам.
(пауза)
ЕДНА: Зад благиот ветар се крие прашина. Бездната е исполнета со напластена прашина. Од луѓето останува прашина напластена во длабока бездна.
КОПНЕЖ: Зошто го гаснеш огнот со плевелот на твоите темни мисли.
ЕДНА: Тоа не се само мисли. Тоа е бездна. Длабока бездна, што луѓето ја затрупуваат со милион измислени активности што ги нарекуваат живот. Бездната е затрупана со мечти на дете, со радост на жена, со силата на возбудените мажи. Бездната е ладна. Таа не му придава значење на ништо. Ништо не допира до неа. А сепак сé пропаѓа во неа и губи значење. Во бездната сето тоа се претопува и завршува никаде. Никаде. Ние луѓето сме никаде, а тоа не го признаваме.
КОПНЕЖ: Ми студи.
(Пауза)
ЕДНА: Сеуште ти студи?
КОПНЕЖ: Немаш срце.
ЕДНА: Имам бездна во срцето.
КОПНЕЖ: Јас немам бездна во срцето.
ЕДНА: Дали копнежот извира од срцето?
КОПНЕЖ: Врутокот на мојата река е во твоето срце Една.
ЕДНА: Јас сум Една.
КОПНЕЖ: Ме сакаш сеуште?
ЕДНА: Можеби никогаш не сум те сакала.
(пауза)
ЕДНА: Ајде да зборуваме за минатото
КОПНЕЖ: Зошто да зборуваме за минатото?
ЕДНА: Зошто да не зборуваме за минатото?
КОПНЕЖ: Ти не можеш да си простиш што имаше повеќе сила од порано?
ЕДНА: Подобро да умрам, отколку да имав повеќе сила од порано.
КОПНЕЖ: Зошто не се втурна во бездната? Зошто копнееше за друго?
ЕДНА: Не копнеев.
КОПНЕЖ: Лажеш. Јас немаше да бидам тука. Признај дека ме сонуваш. Ме посакуваш. Дека секоја утеха од твоите тегоби го има мојот допир над твоите усни. Признај дека дишеш во мојот ритам. Дека кога гледаш во ѕвездите на небото, ти ме чувствуваш толку вљубено, што и ѕвездите ти се чинат дофатливи.
ЕДНА: Подобро да умрам отколку да ме гонат твоите очи.
КОПНЕЖ: Моите очи гледаат само во тебе.
ЕДНА: Јас сум слаба , ми се врти.
(пауза)
КОПНЕЖ: Биди слаба и немој да мислиш на вистината. Така си блажена.
ЕДНА: Ми се спие.
КОПНЕЖ: Спи. Немој да се будиш те молам.
(пауза)
ЕДНА: Нешто е погрешно.
КОПНЕЖ: Нема грешки.
ЕДНА: Нешто е погрешно, како да сум незапирливо крива.
КОПНЕЖ: Немој да бидеш крива.
ЕДНА: Ама сум.
(пауза)
КОПНЕЖ: Таа бездна немаше да постои, ако вие луѓето не бевте криви, колку што не сте. Копајте си ги очите, за тоа сте родени.
ЕДНА: Јас длабоко жалам. Тагувам.
КОПНЕЖ: Немој јас да бида објект на жал. Во тоа нема љубов.
ЕДНА: Ми доаѓа да вриснам.
КОПНЕЖ: Сепак нема љубов. Врисоците не се љубов. Да жалиш некој не е исто што и да сакаш.
ЕДНА: Посилно е.
КОПНЕЖ: Те молам врати се да спиеш. Предај се. Не се бори. Не се прпелкај.
ЕДНА: Ми доаѓа да вриснам.
КОПНЕЖ: Твојот врисок има темен сјај. Ти ми кажа дека твојот врисок има темен сјај. Ти грешиш. Твојот врисок нема боја.
ЕДНА: Ти ме сакаш само растреперена. Тоа не сум јас цело време. Јас под срцето да раѓам светови.
КОПНЕЖ: Под твоето срце нешто врие.
ЕДНА: Под срцето сме ние.
(Пауза)
КОПНЕЖ: Зборувај ми за љубовта, за нас.
ЕДНА: Твојата љубов ме одделува од светот. Како ништо да не постои пред тебе и по тебе.
КОПНЕЖ: Што оставаш ако тргнеш по мене.
ЕДНА: Автобусите со кои се возам по градот, како ја ткуцувам картичка за четири возења. Потпетиците на асфалтот. Возбудениот човек кој се турка меѓу народот за да стигне некаде побрзо. Мирисот на многу коли по булеварот. Искастрените дрвореди. Моето набљудување на животот како слободна жена. Сега ќе го набљудуваме светот двајцата. Веќе нема да бидам само јас која ги спушта ролетните попладне пред да пушти радио. Веќе нема да чекам во ресторанот дами донесат топло – ладно сама, ќе трчам по рестораните со тебе задоволувајки го твојот копнеж. Ќе треба да останам засекогаш со тебе и секогаш ќе се прашувам дали ќе можев да направам друг избор. Ќе гледам низ прозорот, сонувајки многу туѓи животи, со постојано чувство дека некој друг, некаде таму, би сакал да ме направи посреќна…кога би имал малку копнеж…
КОПНЕЖ: Јас сум копнежот. Ти не ме разбираш кога ја изразувам љубовта.
ЕДНА: Ти не разбираш, додека трепериме и ни се чини се дофатливо, ние всушност стоиме во место.
КОПНЕЖ: Што би сакала ти?
ЕДНА: Да те нема. Некогаш само да те нема. Да се вратиш само кога ќе ми треба. Звучи многу незрело и себично, но во спротивно се откажувам од мојот мир.
КОПНЕЖ: Ти никогаш не си ме сакала.
ЕДНА: Јас единствено сакам да се приземјам. Да застанам на цврсти нозе.
КОПНЕЖ: Јас сакам да сум песок, да се залепам секаде по твојата кожа.
ЕДНА: Мене не ми пречи каменот во чевелот, ни силата на гравитацијата.
КОПНЕЖ: Зошто бегаш од љубовта, од тоа што си ти?
(пауза)
ЕДНА: Колку ти навистина ме сакаш? Зошто не се промениш за мене, а сакаш да те прифатам тебе?
КОПНЕЖ: Отиде далеку. Зошто би се менувал. Каков би бил?
ЕДНА: Ти би требало да сакаш подалеку. Копнежливо да се претвораш во тоа што ми треба. Да не седиш така, да ме фатиш за рака, да ме провозиш низ булеварот… Или едноставно да дојдеш со убава вест…да ми кажеш дека за ништо не мора да се грижам…
КОПНЕЖ: Во животот сме горе и долу. Јас те сакам таква каква што си. Со сета таа мака да станеш нешто повеќе. Да бидеш некоја друга. Да бидам некој друг. Да дојде некое подобро време, не ова време, не сега. Да бидеш некаде на друго место. Секаде си, само тука не си. Јас сакам да те гледам како пловиш во мислите. Јас сум во сите твои мисли тегоба. Ти постојано паѓаш затоа што сакаш да достигнеш. Само малку да се предадеш на копнежот, ти би била…
ЕДНА: Јас ти се предадов тебе.
КОПНЕЖ: Со присутна отсутност. Каде ли одат твоите мисли.
ЕДНА: Одат некаде далеку.
КОПНЕЖ: Гледај во мене, пушти го тој млечен пат од мисли да се изгуби во космосот. Јас сум до тебе и горам, поблиску сум до пеколот.
ЕДНА: Ти гориш, а јас како зовриена вода испарувам. Ќе исчезнам покрај тебе.
КОПНЕЖ: Подобро да згаснам, за да се излиеш врз мене.
КРАЈ
Родена на 25.06.1984 во Битола, Македонија. Дипломира Драматургија на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, Македонија во 2008. Магистрира на Постдипломските студии на отсекот Комуникации на Институтот за Социолошко политичко правни истражувања во 2011, Скопје со темата: „Процесот на глобализација преку телевизијата како медиум за масовна комуникација“. Исто така магистрира и на Постдипломските студии на отсекот „Филмско и тв сценарио“ при Факултетот за драмски уметности во 2012, Скопје. Од декември 2014 година е вработена како драматург во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес. Покрај матичната куќа во која моментално е е вработена, соработувала и соработува со други театри како драматург на театарски проекти. АКАДЕМСКА РАБОТА Од 2009 работи како помлад асистент во класата на Професор Д-р Сашко Насев, за предметот Филмско и Тв сценарио, на Факултетот за Драмски уметности во Скопје/ Македонија Во 2015 ментор на меѓународниот проект „Различни“ , каде студентите на катедрата Театарска и Филмска драматургија се претставуваат со свои едночинки, на малата сцена Видра, во театарот Керембух, Загреб Проектот е поддржан од Vijeće makedonske nacionalne manjine Grada Zagreba ПОСТАВЕНИ ДРАМИ "Хераклеја и Ликиниј“, мјузикл, режиран од Сашо Огненовски, за Отворање на Битолско Културно Лето во Битола, Македонија. Премиерата на 22 јуни 2007. „Телеграма“, драма во два чина, режирана од Никола Ристов, во Националниот Театар во Штип, Македонија.Премиера на 05 јули 2007 „Калеш Анѓа, дефинитивно“, драма,режирана од Драгана Милошевска Попова, во Националниот Театар во Битола, Македонија. Премиерата на 15 јули 2010. „Волшебната шума“, драма за деца, режирана од Деан Дамјановски, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес „Хумана Приказна“ – режија Бесфорд Идризи - дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, во продукција на Онлимит медиа и во партнерство со Народниот правобранител. Премиера на 07 декември 2019 во МКЦ „Кино Фросина” Оваа претстава беше тријазична (со титли за гледачите) и ги опфаќа македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, притоа покриваше повеќе различни општини и региони. “Сара“ – драма – режија Елеонора Теова – Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – Премиера „Исмена“ – монодрама – режија Елеонора Теова – Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – премиера „Сатирска игра“ – мало либрето – режија Деан Дамјановски - Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – премиера Работела и во областа на телевизија и филм Учествувала со бројни проекти на театарски и филмски фестивали, како креативен простор во кој се изразила себеси како уметник.