Elementi Logo

МАЈКА

Backgorund

МАЈКА
Секогаш се грижеше да не бидеме гладни. Работеше ден и ноќ и како виор
влегуваше во домот. Се што не беше на место таа ќе видеше. Ние не
гледавме. Не слушавме. Не знаевме да ја разбереме таа љубов. Ја сфаќавме
здраво за готово, како нешто што ни припаѓа.Мојата душа тагува и болката
што ја чувствувам е затоа што не можам да го вратам времето. Да ја
прегрнам сто пати повеќе,со стисок што потопува светови, да го загреам
нејзиното срце нежно и свилено.
Тој ден пишував научен есеј. За таа намена читав една теоретска книга. И не
знам за вас, ама јас имав чувство дека ништо не разбирам и со секое читање
станувам поглупава и поглупава. Тогаш го слушнав гласот на мајка ми,
всушност ужасно ми пречеше нејзиниот глас. Се згрчив за да ја одржам
концетрацијата, како да сум слушнала фалшив тон.Мајка ми се беше
раздвижила во кујната. Ја слушав чешмата. И плинот го слушав. Како
наелектризирана слушав се, само не можев да ја одржам концетрацијата. Не
верував во себе, а бев лута на мајка ми. Ете таа ми беше крива. Таа беше
весела, телефонот постојано и ѕвонеше. Зошто ѕвони по ѓаволите телефонот?
Јас дури и почнав да и љубоморам на мајка ми, таа никогаш го немала овој
страв од неуспех што го имам јас.
Дојде брат ми. Тој имаше грлат глас и многу гласно се смее. Мајка ми е
заљубена во неговата насмевка, а мене то страшно ме иритира. Брат ми
дојде со уште двајца другари. Високи како него. Веќе имаа џапнато неколку
ракии. „Ајде жено“- брат ми некогаш така и викаше на мајка ми, на што јас и
мајка ми го прекорувавме многу пати. „Нешто мезе, ова- она, што и да ни
дадеш од тебе е злато“ „Тетка Ленче“ и се обрати едниот од нив, тој што го
сакам „Какви плашици уловивме“Ги ловат на Стрежево. „Ќе ни ги направиш“
Јас бев бесна што го бараат тоа од неа, а мајка ми со сета ширина на душата
рече веднаш. Малечка како што е, со небесни сини очи, ги стегна цврсто во
рацете рибите и дури да се свестам таа почна да ги чисти. Се загледав во тој
што го сакам, ама ми беше забранет и се запрашав дали тој ја чита љубовта
од моите очи, или можеби појма нема или се прави дека нема или…Како и
да е, мене брат ми не ме покани со нив и јас морав да се вратам да учам.
Си повторував во себеси,-биди упорна.Гледав така долго. Прочитав потоа
дваесет страници. Во суштина се сфаќам, но ништо не знам да раскажам. А
сето тоа треба елоквентно да го интерпретирам со свој оригинален авторски
печат во форма на научен есеј. А од другата соба се слуша гласот на тој што го
сакам, како се смее. Морам да му дадам до знаење дека имам чувства за

него, како да го изведам тоа, брат ми постојано сака да ме
контролира.Можеби сум глупава што размислувам вака, ама понекогаш и
глупоста е за пофалба, барем ќе знам дека сум направила нешто, а вака
ништо – јас го гледам, тој ме гледа, ама не знам тој што гледа.
Мајка ми влезе да ме замоли да одам до продавница – пцуев и реков ако
пропаднам и од мене не биде ништо, затоа што никој не ме разбира
сериозно и не сфаќаат дека ако не го положам испитот јас сум никој.
Мајка ми испазари сама. Ги направи рибите сама. Брат ми и пријателите се
зазбораа Си имаа нивни посебен јазик на кој зборуваат. Тој што го сакам се
шегуваше многу. Брат ми му одеше контра, а третиот беше филозоф. Кога ќе
се зазборува не застануваа, а тие двајцата не си одеа дури брат ми не ги
избркаше.Вечеравме сите заедно. А мајка ми само принесуваше. Ништо не и
помогнав понесена од својот копнеж. Таа не ми побара помош.
И кога сите си отидоа, мајка ми со тажни очи погледна во нас и не праша:
Не се сетивте дека денес ми е роденеден?
Не се сетивме. Навикнати бевме таа да ни посветува внимание. Ми беше
срам. Една грутка ме стегна.
СТАПАЛА
Обожаваше да кокетира, тоа не беше злонамерно таква беше нејзината крв.
Ќе бираше во ормарот алишта пред да излезе, го чувствуваше спремно
нејзиното тело да чекори на долги патеки. Си ги сакаше стапалата слободни,
а потоа ги обуваше во салонки, стапалата беа спремни да исчекорат колку
што е потребно, додека таа дели комплименти, кажува убави зборови, се
обидува да достигне до некои луѓе кои вредат нешто, за да и кажат дека таа
вреди колку нив. Колку само болки претрпеле тие стапала, додека таа се
радува и го храни своето его со капка шарм и илузии што ќе се распрснат во
ноќта. Колку многу разговори и планови, стотици планови и преговори, за да
успеат само пет. Бидете нежни и издржливи мои стапала, треба да бараш
многу за да добиеш малку, тој што бара малку нема да добие ништо.
Таа беше менаџер на производство во фабрика, задолжена за контрола на
производствениот процес во фабрика. Нејзините стапала не знаеја каква е
таа фабрика, ни зошто убаванита на нејзиното либидо требаше да го истакне
со машки особини како што се контрола и организација, жената треба да
биде нежна и да си ги чува тие стапала. Колку само скали имаше таа фабрика
и канцеларии. Денес таа беше нервозна, десет пати се качи и слезе по
скалите. Удираше штиклата врз петите. „Треба да се потпишат договорите за

набавки на материјали “повторуваше –„производите треба да бидат
направени според точни спецификации, подготвени на време и во рамките
на буџетот“. Денешниот успех ќе ја направи погорда кога ќе излезе вечер во
нејзиното „елитно“ друштво на успешни жени со силни ставови и ергени што
не планираат да се женат. Денес носеше црвени лаковани салонки, што одма
го угушија идентитетот на стапалата, ги соборија во болка. Зглобовите не
можеа душа да отворат, си плачеа во себе.
И влезе таа во канцеларијата лута, со некакви хартии што треба да ги
потпише директорот. А тој беше еден преработен човек, дебеличок со
широки гради, ненаспан зашто се разведува со жена му и ниедна женска
драма не пробиваше низ него, а не се даваше човекот, секогаш се трудеше
да импресионира, тоа му беше дел од карактерот. Малце додуша небричен
и се насмеа срдечно, ама се беше напил повеќе од три чашки виски за да му
тече мислата и прво што и рече. „Како одите на тие штикли госпоѓице, имам
чувство дека ќе ви се скршат нозете. Имате убави стапала“.
„Оставете ги сега моите стапала“ – рече таа. И таа нешто нервозно
објаснуваше, а тој не ја слушаше, само и читаше од усни. Ги зеде договорите
и и ги потпиша. На крај ја праша: „Зошто толкава нервоза за работи што
треба да се направат и ќе се направат ако треба“. Ни таа не знаеше да каже
зошто. Тогаш тој ја погледна со дијаболичен поглед, од кој неа и падна
непријатно и ја праша:„Би можел да ти ги измасирам стапалата ако сакаш“ и
самиот си се изненади од својата слобода, но стапалата беа навистина
убави.Малите прстиња на салонката вибрираа од радост затоа што ќе бидат
ослободени од оковите на црвената окована салонка.Една масажа тоа е се
што им требаше на стапалата. „Вие сте манијак“ рече таа и ја тресна вратата.
Тој се покаја што толку му се помати умот и тргне по неа да и се извини. А таа
насилно почна да ги слегува скалите со салонките, како да сакаше да ги
скрши скалите. Зглобот се превитка намерно, сакаше да ја убие тука на
скалите. Директорот ја спаси од таа несреќа.
И потоа ја крена и однесе во канцеларијата. Ја легна на еден двосед.„Е сега
дефинитивно ви треба една масажа на зглобот и во тоа нема ништо настрано
како што гледате вие?.“ „Не, па не“ рече таа и продолжи да се витка од
болка. „Знаете, јас не сум било каква жена, јас сум жена со карактер“.
Кутрите стапала го плаќаа данокот на нејзиниот карактер.

ЗА АВТОРОТ

Катерина Момева

Родена на 25.06.1984 во Битола, Македонија. Дипломира Драматургија на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, Македонија во 2008. Магистрира на Постдипломските студии на отсекот Комуникации на Институтот за Социолошко политичко правни истражувања во 2011, Скопје со темата: „Процесот на глобализација преку телевизијата како медиум за масовна комуникација“. Исто така магистрира и на Постдипломските студии на отсекот „Филмско и тв сценарио“ при Факултетот за драмски уметности во 2012, Скопје. Од декември 2014 година е вработена како драматург во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес. Покрај матичната куќа во која моментално е е вработена, соработувала и соработува со други театри како драматург на театарски проекти. АКАДЕМСКА РАБОТА Од 2009 работи како помлад асистент во класата на Професор Д-р Сашко Насев, за предметот Филмско и Тв сценарио, на Факултетот за Драмски уметности во Скопје/ Македонија Во 2015 ментор на меѓународниот проект „Различни“ , каде студентите на катедрата Театарска и Филмска драматургија се претставуваат со свои едночинки, на малата сцена Видра, во театарот Керембух, Загреб Проектот е поддржан од Vijeće makedonske nacionalne manjine Grada Zagreba ПОСТАВЕНИ ДРАМИ "Хераклеја и Ликиниј“, мјузикл, режиран од Сашо Огненовски, за Отворање на Битолско Културно Лето во Битола, Македонија. Премиерата на 22 јуни 2007. „Телеграма“, драма во два чина, режирана од Никола Ристов, во Националниот Театар во Штип, Македонија.Премиера на 05 јули 2007 „Калеш Анѓа, дефинитивно“, драма,режирана од Драгана Милошевска Попова, во Националниот Театар во Битола, Македонија. Премиерата на 15 јули 2010. „Волшебната шума“, драма за деца, режирана од Деан Дамјановски, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес „Хумана Приказна“ – режија Бесфорд Идризи - дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, во продукција на Онлимит медиа и во партнерство со Народниот правобранител. Премиера на 07 декември 2019 во МКЦ „Кино Фросина” Оваа претстава беше тријазична (со титли за гледачите) и ги опфаќа македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, притоа покриваше повеќе различни општини и региони. “Сара“ – драма – режија Елеонора Теова – Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – Премиера „Исмена“ – монодрама – режија Елеонора Теова – Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – премиера „Сатирска игра“ – мало либрето – режија Деан Дамјановски - Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – премиера Работела и во областа на телевизија и филм Учествувала со бројни проекти на театарски и филмски фестивали, како креативен простор во кој се изразила себеси како уметник.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ