Elementi Logo

ИСМЕНА

Backgorund

ЛИКОВИ:

Исмена   –    ќерка на Едип и Јокаста, сестра на Антигона

Се појавува Духот на Антигонa, Менокеј и гласот на Јокаста.

Дејствието се случува во куќата на Едип и Јокаста

                                                јуни 2018

1

(Неутрален декор. Една врата. Еден прозор. Брачниот кревет на Едип и Јокаста. Исмена лежи во него. Нозете и се ковчести, а лицето вдлабнато. Гледа длабоко во своето отсуство, без да забележи ништо околу себе. Зборува за да знае дека е жива, зборува зашто телото и е безживотно, а мислите…)

Камените плочи во оваа куќа се сиви,

сведочат прикази темни.

Во соништа мрачни јас Танат го барам силен,

а наоѓам сал јадови земни.

Како што ќе се гаснат факелите во ноќта темна,

ѕвездите ќе поцрнат во тага.

Тогаш мракот и пеколот во еден здив ќе се згрнат,

во ужаш и очај темно паѓам.

 А потоа нема ништо освен празнина. Нема звук, има тишина.

 (Пауза. Тишина. Тишина.)

Ме боли главата. Ме боли омразата во мојата глава. Ме боли омразата.

(Тишина)

Мразам. Мразам. Мразам.

(Тишина.)

Зошто е овој мој живот? Се прашувам, себе распрашувам.

(Тишина.)

Здробена. Срушена. Робна. Гробна.

 Роб сум се родила и роб ќе умрам. Зарад послушност своја страдам јас.

Исмена е послушна. Таа секогаш тивко слуша и мисли дека говори кога молчи. Тоа сум јас.

( Станува од креветот, сеуште замотана во своите чаршафи.)

А имав и јас чесност, што се радува во ноќите кревки, каде чистата совест со темнината без страв танцува. И мирен сон во кој срцето копнееше за утро.Бела туника, долги коси, меки перници и безгрижни очни капаци што трепкаат и кога не знаат.

Имав јас денови на лавина,

денови на убавина.

Денови на радост, во досада од среќа.

(Ја чешла својата коса. Погрубо од предходно ја чешла својата коса. Таа е некако заплеткана, а сепак долга.Лицето и е во грч. )

Некогаш косата ми ја чешлаше Антигона. Таа ме чешлаше со големо внимание, а јас и ја кубев косата без да сакам. Понекогаш ја гледам, или така ми се чини и ја прашувам како е…кога веќе не е. Како е, кога не е? Како си, кога не си? Сакам да не сум.

Ги нема веќе, ни мојата сестра, ни моите браќа. Ме оставија да ја преиспитувам тагата од смртта. Да ја преиспитувам тишината. Ме оставија, ама никако да ме остават. Преку ден заминуваат, а во ноќта се враќаат пак.

(Исмена легнува на креветот, врзувајќи го косите со бели крпчиња.)

Постелата во која спијам е чиста.  Јадам малце. Еден залак, една грутка.На почетокот ги изгубив сите. Ги изгубив сите. Мајка ми, татко ми и мојата љубов. Мојата љубов Менокеј, недоречена илузија во летна ноќ. (Тишина. Звук на сојка.)

Ја сум сама. Ги изгубив сите. Мајка ми, татко ми и мојата љубов. Јас сум сама.

(Звук на сојка.)

Со мајка ми, татко ми и мојата љубов во моите гради, во моето срце. Заспивам со нив секоја вечер.Потоа се плашам од нив и од себе. Без нив и без себе…Јас не живеам. Стравувам. Не дишам. Стравувам. Не гледам. Стравувам. Стравувам толку многу, што веќе не ми е страв. Лажам. Страв ми е. Во страв не поминувам праг.

 (Таа ги масира своите стапала околу глуждовите.)

Гледам во моите стапала, што како да ги сликала венера, гледам окови што само јас ги гледам, а глуждовите секој ден одново ми се дробат.

Која сум јас? Јас сум несигурна кога ќе се запрашам која сум. Сакам да не сум. Да сум таму каде се другите што не се. Живи. Жива. Јас сум жива? Навистина ли сум? И по непишано правило секогаш од ново се облекувам, за да гледам ѕидови што гледаат во мене.

(Исмена си облекува туника.)

На дното се е сиво, а небото далечно, а јас се сеќавам на меките перници и безгрижните очни капаци. Меките перници со кои тонев меко, со гревот што се сокрил во нив.Гревот што копнеел, надевајќи се на среќа.

(Исмена гледа низ прозорот.)

Дали некогаш би заминал во темната улица, каде фенерите спијат доцна во ноќта, и таму дождот кој лее врз твоето тело, да ти ја измие душата и да ти ја врати назад, недоречена како зајдисонце. Копнеам за мигови надвор од оваа бездна.

Секој ден умирам, неуморно сум жива.

Не сакам да умрам. Не сакам да живеам.

 (Се слуша тропање на порти, крцкање и ветер.Како да се слуша шепот,или можеби ветрот лажно тагува.)

Штом звуци посилни од харфа чкрипат гласно,

мелодија на призрак гневен.

Ја слушам мојата мајка липа в ноќта касно

проколната за гревот свој земен.

Морос ја колнел неа и сите што не родила таа,

душите да ни изгубат трага.

Ни на живот, ни на смрт, мир за нас да нема вел небесен,

тргаме сал јад и немоќ срамна.

Татко ми ко дар ја зеде Јокаста од слава вознесен,

за честа нејзина нема рамна.

Морос  ја сокрива вистината што пред очи се гледа

души со себе носи во бездна.

За своја слава тој злото свое го храни и зло им налева во нивните глави. Да се срамат што мисла светла во нив нема, зарад минато што да го вратат не знаат. Па умот ги издава и мисли порој носи. Борбата со себе како последен суд во смртна јама те носи.А Морос е извор на човечката драма.

(Тишина. Долга, долга тишина.)

Имав осумнаесет години кога мајка ми се обеси. Јажето го врза за гредите од нашата куќа. Куќата сеуште мириса на нејзината топлина, која ни ги топлеше срцата во утрата од дните со иднина светла. Во пладнињата кога јадевме убава храна, таа знаеше да го распореди времето во пријатна хармонија и со смирен поглед во тишина, ни ја читаше нашата болка. Кога гледав во нејзините шареници, немирот и лутината што ги предизвикуваше сестра ми Антигона во мене, ми протекуваше како водопад кој горделиво паѓа над камените карпи. Мојата сила беше во мојата нежност, и кога ќе и се насмевнев на мајка ми, нежноста стануваше мудра. Понекогаш во сон го чувствувам нејзиниот мирис. Мирис на надеж и радост, а потоа ќе отворам очи и нешто ме заболува на она место во кое тагата тагува со пискот дребен. На тоа место раната крвари без лек,…Ќе крвари до нареден век …без лек…

(Тишина. Се слуша женски глас што шепоти неразбирливо.Може да се дофати по некоја буква. Исмена ја потпира главата врз врата, обидувајќи се да ги загуши звуците кои шептат гласно, нешто нејасно.)

ШЕПОТ НА ЈОКАСТА:  …ве  …ем…..ици….ад…п.аткри….ве …ем….ици…ад…пе….аткри…

ИСМЕНА: Не можам повеќе да живеам со крици, на изгубени души во недопирливо дно.

ШЕПОТ НА ЈОКАСТА: Две неми птици, на дрво пејат крици. Две неми птици, на дрво пејат крици.

(Се слуша крцкање и крцкање на гредите.)

ИСМЕНА: Гредите на куќата крцкаат во немоќ, благите насмевки се врзани со смртниот копнеж. Дали усните на мајка ми ќе венеат под таваните, како две бубамари кои навестуваат гозба пријателска, по која џагорот ќе се претвори во лелек, во неспокој што копнее по мир.

(Се слуша тропање на порти, крцкање и ветер. Исмена станува, го отвара прозорот. Гледа. Слуша чекори на колона од луѓе.)

Ноќва сум вознемирена. Колони на Тебанци чекорат. Кога во толпа голем број Тебанци ќе се зберат, тоа е лоша вест. Да слават тие не знаат, само за болест и смрт се берат.

А мудриот се прозева, од здивената толпа бега.

(пауза. Се слуша тажен виеж. Низ прозорот прелетува камен.Исмена го затвара прозорот. Потоа го става каменот, покрај многуте камења покрај ѕидот. Некои од камењата се насликани во бои, кои ги сликала таа, а некои безбојни.)

А народот знае со прекорлив поглед да ја прочита скриената вина. Народот на Теба немилостив се покажа. Та нивниот суд беше јасен. Се згрози ја од нашата куќа. И со подсмев гледаа на Едиповата слава. Прво со подсмев, а потоа почнаа да бараaт правда. А каква правда можеше да им даде татко ми во несреќа втурнат? Илјадници тебанци, со свои раце и илјада прсти почнаа да ги валкаат портите на нашата куќа, гнила под темелите, среќна во илузијата на незнаењето. Проклетството што ни се случи, беше извор на чума, што како смртна зараза се ширеше во нашиот град.  Стотици луѓе стоеја и чекаа. Едип не е наш крал!- викаа. Едип не е наш крал! Стотици лица со единствен израз и скаменет поглед. Ни трите горгони, родени од душите камен да чинат, не би извајале таква глетка. Стоеја така молкум во бес што врие, во затишје пред бура, а потоа почнаа да фрлаат камења. Гредите се тресеа. Гредите се тресеа. Гредите секогаш се тресат кога смртта влегува во куќата на несреќата. Сакаа да плукаат во крвавото лице на татко ми. О Богови, си помислив тогаш, им ја дадовте тагата на луѓето бидејќи само така можевте да останете Богови. И дали сте Богови, штом вашето Божество се потпира врз човечката тага. Зар луѓето треба да се боси и во жива кал, со јадови земни, да дишат нечистотија до судниот ден, за Вие да се сладите со нектар после љубовните игри. За тоа ли постојат боговите во овој мал универзум. И вас ли треба да ви се поклонувам до земја, да немам ли храброст, за храброста да биде ваша доблест?

(Исмена од под креветот вади некакви бои. Бело крпче натопува врз нив и почнува да го обојува каменот со боја на бадем.)

Со очи што се мртви тој загубен гледа, в мислите мој,

мојот тажен татко мој неспокој.

Тој не грешел ни Хипнос штом го земел в бели светови свој,

од стравотно пророштво бегал тој.

А родена сум јас во кревет овој, ко мал бадем ситна,

од бегството негово јас плод сум,

тркалото на животот во стапица срамно го пикна,

вистината јасна стана часкум.

Тој убиец на татко свој, со мајката спиеше своја.

Јас сум плод од таа љубов што не смеела да се случи. Јас сум нивниот белег што ќе го носам дури сум жива.Мојата свест се бори со своето страдање и улиците на Теба и во дните за мене се мрачни .

(Некој како да тропа на вратата, Исмена отвара, нема никој.)

 Мора да го преживеам пеколот, пеколот во мојата глава. Нема ништо освен празнина.Нема звук, има тишина. Како со клин нешто да ја пробива мојата глава. Мислам дека ќе се срушам.Душата ми е тенка како црн конец или душата ја нема, па остана конецот кој ја врзуваше за мене.Болката ме потопува со мрак и моите очи се темни како очите на мојот татко. Очите од мојот татко Едип, претопен во својот грев.При очи не гледам светлина. Не гледам ништо. Се срамам да гледам.

(тишина)

Никој не доаѓа во мојата куќа. Нема од кого да бидам видена, нема од кого да бидам сослушана. Презир гледа народот во мене, со презир јас го гледам народот.Јас го изгубив мојот татко во свет што е недопирлив за моите стапала. Мојата душа не е доволно светла да се спаси и не е темна за да допре до татковите далечини,  јас не сум родена да  го следам неговиот пат , иако тој секогаш имал раце што ме тргаат кон длабочините. Јас ги сопирам надежите во утрата што идат, за да не пропаднам во нова несреќа. Јас го кастрирам својот дух кој се наоѓа во средината на грчот. Грчот создаден од душевна болка кој не поминува константно. Грч од зајадливост и омраза, презир, тага, циничност, осуда и сатиричност. Грч на безсмисленоста во безнадежноста.

(Исмена се враќа во својот кревет и ја покрива главата со перниците. Надвор се слуша гласот на народот.)

ГЛАСОТ НА НАРОДОТ: Сведоци сме ние. Вистината спие. Сведоци сме ние. Вистината спие. Вистината е тивка …тивка…слаба…слаба… Спие со перници сама.

Прекинете, оставете ме во тивката јама!

(Долга тишина.)

 Теба е градот во кој се родив, подалеку од неа не знам, седумте порти е се што можам да видам. Врз нашата куќа беше истурен гневот и бесот  на сите несреќи човечки. Ние бевме криви: за непроспиените утра на мајката што доела убијци; непроспиените утра на ковачот на златни пари што од алчност за повеќе ги изгубил сите пари на кладба. Ковачот ги бараше од татко ми парите, за кои татко ми не знаеше ништо. Сите немажени девојки што сонуваат да ја изгубат својата чест, сечеа коси во тага и во незнаење, врискаа за секоја лага што ќе ја чујат. Сите шепотеа вести пренесени од уво до уво. Сите ја триеја својата кожа, во страв дека нивното тело е заразено од грев што не го сториле тие. Судеа. Судеа ревносно. Судеа како да ќе плаќаат за туѓи последици.

А потота некој кажа ДЕСНО! И сите почнаа да трчаат десно! А потоа некој кажа лево. И сите почнаа да трчаат лево! А потоа некој кажа Теба! И сите викаа Теба! Теба! Теба! Теба! А потоа престанаа да викаат. Престанаа да плукаат! Престанаа да фрлаат камења по нашата куќа! Па стоеја така, гледајки во нашиот страв! А потоа почнав да чуствувам болка и нешто со клин почна да ја пробива мојата глава. А потоа тишина! Гласна тишина. Многу гласна тишина. СЕ повисоко станува тивко! СЕ повисоко станува тивко!

А потоа од моите гради почнаа да ѕвонат сребрени ѕвонци. Да ме скокоткаат и топлат. Да ме удираат и дразнат. Да бараат да кажам гласно што мислам. Да викаат над молкот што премолчува.

А јас немоќна се срамам да помислам што мислам, затоа што сум должна да мислам што Креонт сака да мислам. Враќање назад нема. Должна сум да мислам што Креонт сака да мислам, ако не убиство ми се спрема. Убиство ми се спрема.

(Исмена се крие под креветот и таму останува долго.)

ШЕПОТ НА ЈОКАСТА:  …ве  …ем…..ици….ад…п.аткри….ве …ем….ици…ад…пе….аткри…

Две неми птици, на дрво пејат крици. Две неми птици, на дрво пејат крици.

ЗА АВТОРОТ

Катерина Момева

Родена на 25.06.1984 во Битола, Македонија. Дипломира Драматургија на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, Македонија во 2008. Магистрира на Постдипломските студии на отсекот Комуникации на Институтот за Социолошко политичко правни истражувања во 2011, Скопје со темата: „Процесот на глобализација преку телевизијата како медиум за масовна комуникација“. Исто така магистрира и на Постдипломските студии на отсекот „Филмско и тв сценарио“ при Факултетот за драмски уметности во 2012, Скопје. Од декември 2014 година е вработена како драматург во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес. Покрај матичната куќа во која моментално е е вработена, соработувала и соработува со други театри како драматург на театарски проекти. АКАДЕМСКА РАБОТА Од 2009 работи како помлад асистент во класата на Професор Д-р Сашко Насев, за предметот Филмско и Тв сценарио, на Факултетот за Драмски уметности во Скопје/ Македонија Во 2015 ментор на меѓународниот проект „Различни“ , каде студентите на катедрата Театарска и Филмска драматургија се претставуваат со свои едночинки, на малата сцена Видра, во театарот Керембух, Загреб Проектот е поддржан од Vijeće makedonske nacionalne manjine Grada Zagreba ПОСТАВЕНИ ДРАМИ "Хераклеја и Ликиниј“, мјузикл, режиран од Сашо Огненовски, за Отворање на Битолско Културно Лето во Битола, Македонија. Премиерата на 22 јуни 2007. „Телеграма“, драма во два чина, режирана од Никола Ристов, во Националниот Театар во Штип, Македонија.Премиера на 05 јули 2007 „Калеш Анѓа, дефинитивно“, драма,режирана од Драгана Милошевска Попова, во Националниот Театар во Битола, Македонија. Премиерата на 15 јули 2010. „Волшебната шума“, драма за деца, режирана од Деан Дамјановски, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес „Хумана Приказна“ – режија Бесфорд Идризи - дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, во продукција на Онлимит медиа и во партнерство со Народниот правобранител. Премиера на 07 декември 2019 во МКЦ „Кино Фросина” Оваа претстава беше тријазична (со титли за гледачите) и ги опфаќа македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, притоа покриваше повеќе различни општини и региони. “Сара“ – драма – режија Елеонора Теова – Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – Премиера „Исмена“ – монодрама – режија Елеонора Теова – Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – премиера „Сатирска игра“ – мало либрето – режија Деан Дамјановски - Јордан Хаџи Константинов Џинот – Велес – премиера Работела и во областа на телевизија и филм Учествувала со бројни проекти на театарски и филмски фестивали, како креативен простор во кој се изразила себеси како уметник.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ