СЦЕНА 1
Криумчарот на мигранти им се обраќа на гледачите.
КРИУМЧАРОТ – Ајде, покажете ми ги сите мобилни телефони!
Идеално би било гледачите да се вклучат во играта и да ги извадат своите мобилни телефони, iPad-и и iPhone-и.
ОК… Сите ли се погриживте да ги наполните?
Доброоо…
А сега добро запаметете го тоа што ќе ви го кажам… Овие телефони се вашите вистински елеци за спасување. Тие се вашите ангели чувари. Тие се вашиот компас и клучот за влез во Европа.
Затоа сите запишете го овој телефонски број што ќе ви го диктирам. Ставете го на врвот на листата, прв, пред сите други… Сè што имате таму – жени, мајки, татковци, браќа, братучеди, пријатели, соседи – сите одат на крајот… Бројот што ви го давам сега е највредниот и утре мора да го најдете со еден потег. Дури ни телефонскиот број на Бога, ако случајно има таков, нема да в и користи утре наутро. Значи, запишувајте… Нула… нула… три… девет… нула… два… девет… два… седум… девет… уште една деветка… и уште една деветка…
Ајде, повторете го да ве слушнам…
Или гледачите го повторуваат бројот, или режисерот пушта снимка со околу сто гласови што хорово го повторуваат бројот.
КРИУМЧАРОТ – Значи, чиј е овој број?
ЕДЕН МИГРАНТ – Тоа е бројот за итни случаи на европската крајбрежна стража.
КРИУМЧАРОТ – Браво, момче, воопшто не си глупав. Нешто, сепак си погодил. Само што Европа нема број за итни случаи. Ова е бројот за итни случаи на островот Лампедуза. Ова ви го кажувам затоа што утре наутро ќе стигнете на островот Лампедуза. А јас ќе ве оставам на два километри од плажата… Јасно ли е? А вие ќе ја повикате крајбрежната стража да ве извлечат до брегот, за да можете да стапнете на цврста земја… И за да можете да започнете нов живот… Јасно?
СИТЕ МИГРАНТИ – Да, шефе.
КРИУМЧАРОТ – Значи, чувајте ги мобилните телефони како очите во главата. Сега можете да ги исклучите за да ја штедите батеријата. Ставете ги во пластичната кесичка што ви ја дадов за да не се наводенат. Ја ставивте? Ноќеска сè што треба да правите е да останете неподвижни на своето место и да ги заштитувате телефоните. Тие се повредни од сè. Ако ноќеска дојде кај вас ѓаволот и ви каже: ајде да видиме, што ќе ми дадеш, мораш нешто да ми дадеш за да те оставам жив… ќе ми дадеш едно око или ќе ми го дадеш твојот мобилен телефон?… Што ќе му кажете? Ако дојде нечистиот да ве искушува и ви го постави тоа прашање, што ќе му кажете?
ЕДЕН МЛАД МИГРАНТ – Ќе му кажеме дека ќе му дадеме по едно око.
КРИУМЧАРОТ – Точно… Паметно момче си… Од која земја доаѓаш ти?
ЕДЕН МЛАД МИГРАНТ – Од Еритреја…
КРИУМЧАРОТ – И како се викаш?
ЕДЕН МЛАД МИГРАНТ – Елиху.
СЦЕНА 2
Загубено село некаде на Балканот. Домот на повозрасна двојка. Се слуша камион како се приближува и запира. Мажот влегува, ја симнува капата и работната облека, ги мие рацете, седнува на масата. Жената му носи храна.
Мажот јаде некое време во тишина.
ЖЕНАТА – Како беше?
Пауза. Мажот си точи чаша сливка.
МАЖОТ – Беше...
Пауза.
ЖЕНАТА – Тука поминуваа луѓе…
МАЖОТ – Кога?
ЖЕНАТА – Напладне.
Пауза. Мажот јаде. Жената му става уште во чинијата.
МАЖОТ – Колку?
ЖЕНАТА – Многу.
МАЖОТ – Колку, поточно?
ЖЕНАТА – Десетици.
Пауза.
МАЖОТ – Само мажи или и жени?
ЖЕНАТА – И неколку жени...
МАЖОТ – Па добро е…
Пауза.
ЖЕНАТА – И некои беа црни...
МАЖОТ – Како мислиш?
ЖЕНАТА – Беа црни, црни.
МАЖОТ – Црни од Африка?
ЖЕНАТА – Господ знае од каде…
МАЖОТ – Така е…
Пауза.
ЖЕНАТА – И ти мислиш дека тоа е нормално?
МАЖОТ – Ех… што значи што мислам јас?
Пауза.
ЖЕНАТА – Јас до денес немав видено црни.
Пауза.
ЖЕНАТА – Односно, немав видено овде кај нас. Ги имам видено на телевизија. Ама овде, не. Ти некогаш си видел црни кај нас?
МАЖОТ – Па… не баш. Не.
ЖЕНАТА – Не баш, или не?
МАЖОТ – Што сакаш да кажеш?
ЖЕНАТА – Ништо…
Пауза.
ЖЕНАТА – Според тебе, каде одеа?
МАЖОТ – Кон границата...
ЖЕНАТА – Кај Србите?
МАЖОТ – Па каде на друго место?
ЖЕНАТА – Тогаш е добро.
Пауза.
ЖЕНАТА – Се прашувам…
Пауза.
ЖЕНАТА – Се прашувам…
МАЖОТ – Што?
ЖЕНАТА – Зошто ли добриот Бог ги создал и црните?
Пауза
МАЖОТ – Па… затоа што знае што прави.
ЖЕНАТА – Да, ама сепак… според твојата памет?
МАЖОТ – Според мојата памет, што?
ЖЕНАТА – Според твојата памет, сепак, зошто ли добриот Бог ги создал и црните?
МАЖОТ – Па… затоа што му се чинело нормално… Имаме ден, ама имаме и ноќ, имаме лето, ама имаме и зима… Во животот некогаш се смееш, некогаш плачеш… Така му се допаѓа на Бога, разновидноста…
ЖЕНАТА – Колку глупав можеш да бидеш понекогаш, Игор!
МАЖОТ – Па… тогаш прашај го лично.
ЖЕНАТА – Кого лично да го прашам?
МАЖОТ – Добриот Бог.
ЖЕНАТА – Јас мислам дека ги создал такви какви што ги создал за ние да прочитаме нешто во тоа создавање…
(Од книгата „Избрани драми“ од Матеј Вишниек, издание на „Перун Артис“, Битола, 2026-
Превод од романски јазик:
Ермис Лафазановски
Матеи Вишниек (1956) е романско-француски драмски писател, поет и новинар кој живее во Париз. Дипломирал во 1980 година на Факултетот за историја и филозофија при Универзитетот во Букурешт. Во периодот меѓу 1977 и 1987 година напишал осум драми, околу дваесет кратки драми и неколку сценарија, но сите биле одбиени од цензурата. Во 1987 година бил поканет во Франција од една книжевна фондација, при што побарал политички азил. Од август 1988 до октомври 1989 година живеел во Лондон, каде што работел за романската редакција на Би-би-си (BBC). Откако се населил во Франција, главно пишува на француски јазик и се стекнал со француско државјанство. По падот на комунизмот во Романија во 1989 година, Матеј Вишниек станал еден од најизведуваните драмски писатели во земјата, со повеќе од 30 драми поставени во Букурешт и во други градови. Во 1996 година, Народниот театар во Темишвар организирал фестивал посветен на Матеи Вишниек, на кој 12 театарски трупи ги извеле неговите драми. Неговата меѓународна афирмација како драмски писател започнала во 1992 година, со изведбата на драмата „Коњи на прозорците“ во Франција и „Се бара стар кловн“ на фестивалот „Бонско биенале“ Оттогаш, повеќе од 20 драми на Вишниек се изведени во Франција во голем број театри. Поважни дела: Поезија „Вечерва ќе снег“, (1980) „Градот со еден жител“ (1982), „Мудрецот на чајниот час“ (1984), „Следните песни“ (2000) Пиеси „Земјата на Гуфи“, (1991), „Вработување кловн“, (1993), Никој нема право да се мота невооружен на бојно поле, (1991), „Трговецот со време“ (1992), „Измамничките партитури“ (1993), „Кекатомбеон“ (1993), „Разграден театар или ѓубреџија“, (1993), „Граматиката на тишината„ (1994) „Три ноќи со Мадокс“ (1994), „Приказната за пандите раскажана од саксофонист кој има девојка во Франкфурт,“ (1994), „Забранети трепки во текот на ноќта“ (1995), „Папараци или хрониката на прекинатото изгрејсонце“, (1995) „Коментар Може ли да бидам птица?“ (1996), „Жана и огнот“ (2009/2019) „Телото на жената како бојно поле во војната во Босна“, (2009) „Зборот „напредок“ изговорен од мајка звучи страшно лажно“, „Историјата на комунизмот раскажана за умоболни“, „Миграааанти или премногу не има во овој проклет чамец“, „Оксидент експрес“ и др. Живее и работи во Париз.