Elementi Logo

ДЕЦАТА САКААТ ДОМА

Backgorund

„ДЕЦАТА САКААТ ДОМА“

СЦЕНА 7 – Нејзината бајка

Таа седи на стол, а околу неа се Лана, Алфа Ромео и Џон, кои внимателно ја слушаат. Таа е облечена во нивната бела облека. Нејзината приказна треба да се визуализира на платно во форма на театар на сенки или апстрактна анимација.

ТАА: Некогаш одамна, на големата планета Земја, живеела една девојка. Планетата била сино-зелена, убава, но населена со луѓе. Луѓето биле лути едни на други поради ресурсите, териториите, своите верувања и идеи и не сакале да се договорат. Родителите на девојката биле научници и граделе голема ракета за да побегнат од злите луѓе и да најдат ново место за живеење, во случај злите луѓе да ја уништат планетата. Девојката не сакала да ја напушти Земјата бидејќи ги сакала шумите, реките, планините и ливадите по кои можела да шета, но злите луѓе можеле да ја уништат Земјата, па затоа родителите ја повеле со себе. Родителите не знаеле дали некогаш ќе можат да се вратат на Земјата и се труделе да изградат ракета во која ќе може да се живее. Со себе ги повеле и своите пријатели и колеги. Во исто време се граделе уште неколку слични ракети. Додека се градела ракетата, злите луѓе започнале војна. Кога девојката со родителите одлетала во вселената, видела како Земјата ја голтаат огнот и црниот чад. Нејзиниот дом бил уништен. Девојката плачела додека заминувала, но разбирала зошто нејзините родители одлучиле да бараат нов дом за луѓето. Го барале на различни места, заедно со другите ракети, и одржувале врска со нив, но никој не можел да најде место на кое би можело да се живее. Поминувале месеци, а новиот дом никако да се појави. Потоа се прекинала врската со другите ракети и тие останале сосема сами во вселената. Еден ден сфатиле дека веќе немаат гориво за да продолжат да бараат нов дом и дека мораат да се вратат назад. Девојката била среќна бидејќи токму тоа го посакувала – да се врати дома. Кога се приближиле до Земјата, нивниот шатл бил во лоша состојба поради долгогодишното патување, па почнал да гори во атмосферата, а потоа паднал и се распарчил при ударот во Земјата. Девојката по случајност го преживеала падот, кој бил смртоносен за нејзините родители и пријатели. Девојката се разбудила среде црната, изгорена и уништена Земја, која не можела да ја препознае. Била повредена и уморна. Почнала да лази барајќи засолниште и видела како некој доаѓа и го пребарува она што останало од шатлот. Девојката почнала да вика за помош, но не била доволно гласна за да ја слушнат. Морала да се движи по трагите од автомобилските гуми и на крајот стигнала до прекрасно засолниште, каде што луѓето кои ја преживеале војната се погрижиле за неа, ѝ дале храна и ѝ ги преврзале раните. Така девојката се вратила дома, на Земјата, токму онака како што отсекогаш сакала.

Светлата се палат.

ТАА (тажно се смее): Крај! Тоа е тоа!

ЛАНА: Колку убава и тажна бајка!

ТАА: Сето тоа ми се случи мене.

Алфа Ромео станува и тргнува кон излезот.

ЛАНА: Чекај!

Лана тргнува по него, а Алфа Ромео излегува. Се слуша палење на автомобилски мотор. Лана се враќа во просторијата.

ЏОН: Што му е?

ЛАНА: Сака да биде сам.

ТАА: Извинете ако мојата приказна го растажи вашиот другар.

ЛАНА: Во ред е, наскоро ќе се врати. Тој секогаш се враќа.

ЏОН: Колку интересна приказна! Многу ми е жал што не сте ја нашле Зелената планета! Јас мислев дека сте дошле од таму за да нè одведете кај неа. Но, нема врска, ќе одиме заедно штом ја завршиме нашата ракета!

ТАА: Навистина? Каде се наоѓа таа Зелена планета?

ЛАНА: Далеку, далеку во вселената. До неа ќе нè води светлината на ѕвездите.

ЏОН: Дали си ги видела ѕвездите?

ТАА: Да. Има многу, многу ѕвезди. По некое време престануваш да ги забележуваш.

ЏОН: Јас секогаш би ги забележувал. Јас сум ги видел ѕвездите само кога бев мал. Ми недостигаат. Сега ги покрива чадот.

ЛАНА: Џон!

ЏОН: Што?

ЛАНА: Ги знаеш правилата.

ЏОН: Па што? Ми се зборува за тоа. Таа раскажуваше за своето минато, зошто јас да не можам? Ми е преку глава од овие правила, сега веќе нема од што да се плашиме. Нема повеќе соништа, можеме да правиме што и да посакаме. Сега навистина имаме шанса да заминеме.

ЛАНА: Немој.

ЏОН: Доста ми е! Ти дури и не знаеш зошто ги правиме сите овие работи! Зошто да не зборуваме за мама и тато и за куќата во која живеевме?

ЛАНА: Затоа што ги нема и нема ни да ги има.

ЏОН: Но јас ги сакав и сакам да зборувам за сè што сум сакал, иако никогаш повеќе нема да го имам!

ЛАНА: Немој, Џон.

ЏОН: Ти само се плашиш.

ЛАНА: Јас? Не се плашам од ништо.

ЏОН: Добро, тогаш престани да пишуваш.

ЛАНА: Што?

Лана не престанува да го запишува разговорот во дневникот.

ЏОН: Престани да пишуваш во својот дневник.

ЛАНА: Не смееш да ми кажуваш што да правам.

ЏОН: Гледаш? Само се плашиш. Не сакаш ни да ме погледнеш.

Лана запишува во дневникот, го погледнува Џон право во очи, па продолжува да пишува.

ЛАНА: Ти дури и не знаеш што зборуваш.

ЏОН: Да, се разбира, мал сум и ништо не разбирам. Ајде, кажи ми што ќе се случи ако не запишеш ниту еден мој, ниту твој, ниту нејзин збор во овој глупав дневник!

ЛАНА: Ништо добро. Морам да пишувам.

ЏОН: Гледаш. (Кон неа.) Најсмешно е што таа ни самата не го чита тоа што го пишува, ниту им го дава на другите. „Она што е запишано не смее да се чита!!“ Браво! Тогаш зошто воопшто пишува?

ЛАНА: За да остане засекогаш.

ЏОН: Па и ние ќе останеме овде засекогаш ако продолжиме да ги следиме овие идиотски правила!

ЛАНА: Џон!

ЏОН: Не ми се зборува повеќе за ова. (Кон неа.) Ајде да одиме. Можеш да ми раскажеш уште за твоето патување. Ми се зборува за ѕвездите.

ЛАНА: Џон! Чекај.

ЏОН: Не. Сега сакам да разговарам со Неа.

Џон ја фаќа за рака и ја поведува со себе.

ТАА: Во ред, Џон, ќе ти раскажувам за ѕвездите.

Таа и Џон си заминуваат. Лана го запишува разговорот во дневникот. Влегува Алфа Ромео.

ЛАНА: Зошто избега?

АЛФА РОМЕО: Не знам. Нејзината приказна е тажна. Ми се причини како да немаме каде да одиме.

ЛАНА: Се разбира дека имаме.

АЛФА РОМЕО: Се разбира дека имаме. Каде е Таа?

ЛАНА: Џон ја одведе да разговараат за минатото, за глупости и за ѕвездите.

АЛФА РОМЕО: За минатото?

ЛАНА: Не можев да го запрам. Сосема полуде. Ме праша зошто пишувам. (Размислува.) Зошто пишувам?

АЛФА РОМЕО: За сè да остане.

ЛАНА: Џон рече дека се плашам. Можеби е во право.

АЛФА РОМЕО: Ти си во право што пишуваш.

ЛАНА: Ваљда. Имав чувство дека тоа некако ќе помогне, не знам. Ме смирува.

АЛФА РОМЕО: Не грижи се. Џон е само возбуден. Се појави небесно суштество и сега мисли дека сè е можно.

ЛАНА: Небесно суштество... Таа е иста како нас.

АЛФА РОМЕО: Не сум сигурен.

ЛАНА: Во право си, ѝ недостига нешто човечко. Можеби навистина е небесно суштество.

Лана го запишува сето тоа во дневникот за време на разговорот. Џон и Таа се во просторијата со ракетата.

ТАА: Вие имате и своја ракета, така?

ЏОН: Ја градиме.

Џон оди до предмет покриен со ткаенина и ја трга ткаенината. Под неа се наоѓа необична, шарена конструкција во форма на ракета, составена од различни делови и материјали. Кога Таа ја здогледува ракетата, на лицето ѝ се појавува израз на сожалување.

ЏОН: Еве ја! И ти можеш да дојдеш со нас! Правилата предвидуваа три лица, но ќе ја направиме поголема! Можеме да искористиме делови од шатлот. А ти сигурно знаеш сè за ракетите.

ТАА: Знам по нешто. Ви благодарам што ме поканивте да одам со вас. Ова е навистина убава и добра ракета.

ЏОН: Ти се допаѓа? Ја градиме веќе година и пол. Алфа Ромео, тој ја осмисли целата, а Лана ги правеше цртежите, и јас исто така помагав.

ТАА: А знаете ли каде ќе одите? Ги знаете координатите на таа планета?

ЏОН: Не знаеме, но сигурно ќе ја најдеме. Ѕвездите ќе нè водат, а ние ќе ја следиме секоја што ќе ни намигне со зелена светлина.

Таа стои пред ракетата и тажно ја гледа.

Превод од српски јазик:

Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Арина Болихова

Арина Болихова е студентка по драматургија на Академијата за уметности во Нови Сад. Родена е и израсната во Екатеринбург, Русија, каде што дипломирала во Јазичното средно училиште бр. 13. Учествувала во работата на училишниот театар. Работела како сценаристка на неколку студентски филмови, учествувала во работилницата на Студентскиот театарски фестивал во 2025 година како драматург. Пишувала театарски рецензии за билтенот на Стерииното позорје, пишува за театарското списание „Сцена“. Моментално работи како сценарист на неколку студентски проекти. Авторка е на претставата „Децата сакаат да си одат дома“, која беше изведена во форма на јавно читање како дел од 71-то Стериино позорје во 2026 година.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 21

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ