СТРАНСКИ ПИСАТЕЛИ
Меѓу првите, ако не и прв, дојде Илја Еренбург. Тој доаѓаше преку Албанија. Мене и Киро Хаџи Василев нè задолжија да го пречекаме во Охрид.
Долго се клацкавме по тогашните лоши патишта во една „Шкода“, малечка како желка. Кога стигнавме во Охрид, беше веќе ноќ. Ја паметам уште месечината над вилата на Демостен, но затоа сосема исчезнал споменот за средбата со гостинот идниот ден, како и за моето прво видување на езерото. Се избришало и сеќавањето за обратниот пат и ништо поцелосно не останало од разговорите со Еренбург. Кој се решил да води дневник по многу години, тој може да бележи само одломки и да биде среќен, ако и тие не се сосем случајни.
Во Скопје тогаш имаше секој ден манифестации, а поводите беа различни – од прославата на победата на народната власт до заканите против народните непријатели.
„И во Албанија е истото“, забележа Еренбург, „викање, плескање и скандирање. Се чудам само од каде и зошто толку радост.
Со тогашниот наш опит ние не подозиравме дека во таквите зборови може да се крие и осило.
Кога ги разгледувавме сликите во Музејот, Никола Мартиновски му рече на гостинот:
„Одвај чекавме да дојде овде изложба од Советскиот сојуз, за да видиме и ние како треба да се слика.“
„Зошто толку сте се зажелеле за тоа, кога вашето сликарство е подобро и од нашето?“, одговори Еренбург.
Киро Ќамилов се запна да му докажува, кога и како се сретнале во Шпанија. Го споменуваше и Пабло Неруда. Дури направиле и групна фотографија. Имало и едно куче, и него го ставиле во средината пред себе.
„За кучето се сеќаван, но за вас не можам да се сетам“, се извинуваше Еренбург.
Уште двапати потоа сум го видел Еренбург. Прво во Полска, есента 1947 година. Беше упадливо дека е тој единствен од делегацијата на советските писатели окружен со внимание. Вториот пат во деновите на Светскиот конгрес за мир во Москва (1962). Во просториите во Сојузот на светските писатели заседаваше тогаш посебна писателска селекција. Еренбург, иако настојуваше да се движи пргаво, беше веќе стар, смален и исушен како цилунка. Кога го видов, низ главата ми мина пакосна мисла дека никој не може да биде поголем циник од животот.
Неколку дена се задржа во Скопје Сергеј Бородин. Тој беше добитник на Сталиновата награда за романот „Дмитриј Донски“. Живееше далеку од големите центри, на Памир, накај кинеската граница.
Ме праша што мислам за националните односи во нашата земја. Нема ли конликти?
Јас почнав со голем жар и полна увереност да му расправам дека националното прашање кај нас е решено еднаш засекогаш, дека се најпосле сите рамноправни и дека настапи времето на братството и единството.
Тој се насмевна и ми рече:
„Таквите прашања никогаш не се решаваат докрај. Кога мислиш дека сè е во ред, туку ќе те изненади нов проблем. Јас живеам на Памир и затоа таа работа ми е многу добро позната.“
Поради оваа поука се сеќавам многупати на Сергеј Бородин до денешнит ден.
Пол Елиар го чекавме цели три дена во Гевгелија, тогаш сосем неугледно гратче. Тој се наоѓал меѓу Маркосовите партизани и затоа не се знаеше точно часот на неговото пристигање. Подоцна читав дека од ровот им се обраќал со пламени зборови на војниците од спротивната страна. Не ми се верува дека оставил подлабок впечаток.
Во Гевгелија имавме на располагање кола и времето си го кратевме со тоа што одевме во Дејран и се капевме во езерото. Тоа даде повод да го напишам циклусот „Дојран“, објавен веќе во збирката „Земјата и љубовта.“
Најпосле третиот ден ни јавија дека треба да чекаме на границата кај Богородица. Редовниот сообраќај со Грција беше прекинат. Теренот го контролираа партизаните. Елиар пристигна со кола во придружба на една млада жена.
Ние, така да речам, го презедовме од неа и тргнавме за Скопје. Ручавме во Демир Капија во вилата на крал Александар среде големото лозје. Ридиштата накај Неготино беа тогаш пусти и оголени, како да се наоѓаше негде во Африка. Приквечер, на самото зајдисонце, стигнавме во Велес и запревме малку да земеме здив кај старата баждарница. Сите прозорци на спротивната страна блескаа раскошно од сонцето на заод. Пред тој призор Елиар ми рече:
„Да не сум роден во Париз, јас би сакал да живеам овде.“
А јас се сетив, со горчлив усмев, колку ме јаделе тафтабити во врелите ноќи на овој град.
Во Скопје, Елиара го придружуваше најмногу Јован Бошковски. Во Топаана случајно го виделе танцот на питачот. Играчот се преправа дека е сакат во двете нозе и подава рака за милостиња. Но откако ги излагал така добрите срца, неговите удови полека се отпуштаат, за да скокне тој најполсе на нозе и да почне една дива игра, полна ликување. Елиар бил толку импресиониран, што изјавил дека за ова ќе напише песна.
Во Друштвото на писателите, Елиар ни ја прикажа филмската лента со негова песна за слободата. Убав и длабок машки глас ги рецитираше стиховите, а ритамот го следеа одбрани слики. За нас тоа беше прв случај да видиме така илустриран текст.
Кога во 1957 година престојував во Париз, ги посетив еден ден и гробиштата Пер ла Шез. Шетајќи така, дојдов до една парцела со гробови без крстови. Меѓу нив го пронајдов гробот на Пол Елиар. Скицирав тука еден мал текст. Го објавив многу подоцна во збирката „Послание.“
Потоа дојдоа во Скопје Луј Арагон и неговата сопруга Елза Триоле. Беше тоа токму во времето кога нашата младина го сушеше Моноспитовското блато. Тоа нешто беше како порачано, за да може големиот гостин непосредно да го осети полетот на нашата изградба.
Уште пред да здивнат, ги спакуваа гостите во „Шкодата“ што веќе ја споменував и, во придружба на Владо Малески, ги испратија за Струмица и Моноспитово. Кога се вратија, грацилниот Арагон беше наполно исцрпен и речиси му се плачеше.
Арагон зборуваше точно руски. Тој искажа повеќе резерви за социјалистичкиот реализам и соодветната советска литературна продукција. Ме прашаше кои советски поети ми се познати. „А дали сте го читале Леонид Мартинов?“ ме праша. Сфатив дека за него има подобри поети, меѓу оние на кои не им се обезбедува публицитет. Овој разговор даде повод, подоцна јас да преведам и една песна од Мартинов, со кого имав можност и лично да се видам.
Елза Триоле му ја подари на Талета својата книшка за Мајаковски. Ја прочитав и јас со интерес, подбуден од тоа што знаев дека, како сестра на Лили Брик, авторката го знаела добро Мајаковски.
Еден ден ме повикаа во Друштвото на писателите да дојдам во бифето на стариот хотел „Македонија“. На пропатување се задржува кратко во Скопје Жан Пол Сартр и сака да се сретне со некои македонски писатели.
Кога отидов, веќе имаше два-тројца од нашите. Со Сартр беше дојдена и Симон де Бовоар. Седеа во еден удобен агол околу масата.
Преведуваше Мира Јовановска. Тоа беше еден непринуден разговор. Ми останала само во умот непосредноста и крајната едноставност на Сартр. Веројатно сум бил изненаден, бидејќи за неговата литература и филозофија имав претстава токму толку колку што е потребно да се потчинувам на предрасуди.
Во Париз 1957 година имав можност да го следам списанието „Les temps modernes“. Во врска со унгарските настани, Сартр наоѓаше тешки зборови за советската политика. Дотолку повеќе ме изненади, кога во 1962 година го видов и него на заседанието на писателската секција на Советскиот конгрес за мир во Москва. Онака мал, како што беше, ми се стори како да му е незгодно каде се нашол. Тогаш се затврди во мене една зла мисла, што ми се јавува и спрема некои писатели од определен тип, дека и за него најважен од сè е публицитетот. Жалам.
(Од „Дневник по многу години“, издание на Македонска книга, 1988,Скопје)
Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) — истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност. Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово (Прилепско), од мајката Цака. Тој потекнува од познатиот прилепски сој Љаме (Љамев(ци), Љамески), од гранката Конески (по поглаварот Коне, неговиот дедо). Блаже Конески имал сестра Милица. Основното образование го започнал во Небрегово, каде семејството живеело седум години по што се преселило во Прилеп и таму Конески го продолжил и го завршил основното училиште, а потоа и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето, добил стипендија и образованието го продолжил во Крагуевац, каде завршил виша гимназија. Потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар се префрлил на Филозофскиот факултет, на студиите по филологија, на отсекот за словенска филологија. По капитулацијата на Кралството Југославија, Конески се префрлил на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде ги продолжил студиите по филологија, дипломирајќи во 1944 година.[2][3][4] Со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија, Конески студирал на Универзитетот во Белград како Благој Коневиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев. По завршувањето на Втората светска војна, Конески се вработил како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, каде во 1957 го добил звањето редовен професор. Притоа, тој го предавал предметот историја на македонскиот јазик, а во текот на целата универзитетска кариера ја извршувал и функцијата шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во 1952/1953 година бил декан на Филозофскиот факултет, а во 1958-1960 година бил ректор на Универзитетот во Скопје. Исто така, Конески работел и како уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Во 1967 година станал член и на МАНУ и прв претседател, а таа функција ја извршувал до 1975 година. Покрај тоа, Конески бил дописен член на академиите на сите републики на Југославија, во 1968 година станал почесен доктор на Универзитетот во Чикаго, а бил почесен доктор и на Универзитетот во Вроцлав.