Внатрешноста на автобусот беше исполнета со флуидни сенки што ги правеа нерамномерно зака чените завеси и разнишаните седишта со боја на бакар. Штотуку тргнат по својата замислена оска – автобусот наеднаш се претвораше во некаков метален Одисеј што со себе ги влече сите траги од сеќавањата на патниците. Лишен од сопственото обмислување се сместив блиску до еден од прозор ците и хипнотички гледав како градот се оддалечува и тоне во хроничниот пулс на сопствениот хаос. Отсекогаш ги сакав патувањата, бидејќи секогаш знаеја да ѝ бидат достојни на непредвидливоста, и колку и да беше безначајна причината за нив, вдахнуваа чудесна есенција во разиграноста на духот. Волшебно беше чувството да се задлабочиш во живописноста на глетките и да се проектираш во нив додека светот пролетува покрај тебе, тогаш едноставно стануваш пасивен набљудувач на полароидниот ум што несебично ти ги обвиткува импресиите и ти дозволува јасно да ги замислиш контурите на сопствената слобода. Слобода – овој збор звучи толку примамливо и нејасно, како спирала што те обновува, а во исто време те навраќа на нешто кораво и речиси изгубено, можеби слобода та воопшто и не постои, можеби самата потрага по неа е единственото нешто што вреди да се доживее – симбиоза на константни заминувања и пристигнувања. Да имаше некој модерен спиритуалец блиску до мене сигурно ќе ми речеше дека сите сме едно и дека љубовта е единствениот пат до слободата, и ќе ми препорачаше минимум десет книги од типот „Мисли позитивно“, „Сакај се себеси“ и „Манифестирај ја својата слобода“, тогаш веројатно би го погледнал право в очи, благо би му се насмеал и би го плукнал. Секогаш ми беше интересно да ги провоцирам луѓето што се убедени дека по секоја цена треба да убедуваат. Времето во кое живеев беше полно со такви дилетанти што во суштина беа бледи копии едни на други во подуениот мев на консумеризмот. Од друга страна, пак, ако ми ги прочиташе мислите некој нихилист, веројатно ќе се накострешеше, ќе ме погледнеше право в очи и ќе ме плукнеше. Животот знае да биде хазарден кога го доживуваш згрчен во апсурдниот скут на својата мала и прикриена внатрешна револуција. Капнаа првите капки дожд врз замаглениот прозорец и се растекоа брзо како да сакаа да ѝ дадат форма на мојата нејасна рефлексија – абнормална сила се создаде во белите дробови на ветрот решен да се бори со дрвјата и со птиците сѐ додека не пот клекнат под неговиот здив. Баба ми ми раскажуваше дека невремето се создава така што демоните наречени Али заземаат форма на црна магла и како немилосрдни генерали ги придвижуваат облаците во унисон марш со цел да ги изедат сонцето и месечината и доколку човек се сретне со нив неговиот живот е изложен на опасна промена. Иако никогаш не успеав да ги пресретнам Алите и да им се одмаздам за сите уништени цвеќиња во дворот на баба ми, секогаш кога имаше невреме се присетував на една набабрена бајковитост што точно знаеше на кој начин да се слее низ пукнатините на черепот и потајно да ја привикува опасната промена. Почнав да зјапам во дисперзираното небо што денес го со голуваше својот костур и му ’ржеше на светот откривајќи ги сите свои недофатливи форми, пламнати молскавици се разгоруваа во неговото грло и како диви коњаници татнеа во ехо. Се фатив себеси како и јас паралелно со него ги раслојувам пластовите од под мојата кожа во некој вид екстатична секвенца што бавно тонеше во разлеаните капки на прозорецот. Дождот засили и се истури врз околните полиња од ’рж наквасувајќи ги главите на плашилата поставени исправено во триаголник – тие бестрашни чувари што ги штитат тајните на растенијата и инсектите. Луѓето што ги обработуваа почвите почнаа да ги фрлаат своите алати и френетично да бараат засолниште. Оваа глетка впрочем доловуваше спротивен момент, иако збркани во нивниот забрзан од беа перфектно усогласени со интензитетот на невремето и личеа на исконски танчери што танцуваа врз заборавен одблесок од дамнината, целата сцена даваше импресија на прастар пагански ритуал одненадеж изртен во окото на почвата. Во едно вакво пладне скоро невозможно е да останеш рамнодушен кон работите околу себе колку и да се ефемерни и обично невидливи под ткивото на се којдневието. Така зачмаен во вегетативна состојба наеднаш од зад мислите слушнав дисторзиран и нејасен глас.
– Во средиштето на сѐ постои дупка што постојано се шири и ни овозможува да патуваме низ мемориите на времето, слушај внимателно!
Како попарен скокнав од столчето и опцув на глас. Другите патници ме гледаа зачудено и сигурен сум дека видов како еден дедо се прекрсти на брзина за секој случај. Седнав повторно на столче то засрамен од мојот ненадеен шизофрен испад и почнав да се запрашувам дали можеби конечно ова е моментот на полудување макар што знаев дека за човек навистина да полуди треба повеќе труд. Еден еминентен сликар има изјавено дека разликата меѓу него и лудаците е тоа што тој знае дека е луд, тој цитат ми пролета низ глава и цврсто заклучив дека сум далеку од лудоста, иако таа знаеше да изгледа примамливо и лебдечки – апстракт што граничи со слободата. Ја допрев главата до натопениот прозорец и со духот ги пуштив мислите повторно да стивнат под бурата. Мистериозна арома го облеа воздухот и ме натера да ги затворам очите и да се препуштам во прегратката на попладневната дремка. Уште од дете имав блага инсомнија и затоа секоја дремка ми имаше големо значење. Капките продолжија да паѓаат и последното нешто што го чув беше забавувањето на нивниот ритам. Сега тие скришно сакаа да потонат во мојот сон.
Никола Наумовски (1994, Куманово) дипломирал музичка теорија и педагогија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Добитник е на првата награда на конкурсот „Млади поети“ одржан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) во 2021 година, како поет . Застапен е во првата едиција на фестивалот за европки театарки алтернативи „Штурм унд Дранк“ (Sturm und Drank) во 2021 година, на фестивалот „Литературни искри“ во Готивар, како и на поетскиот настан „100 000 Поети за промена“. Негови песни се објавени во неколку антологии. Композитор е на музичкиот проект „Синкинг фотон“ (Sinking Photon)