Elementi Logo

ЦРНО

Backgorund

Кога ја купив црната кошула планирав да ја износам по ноќни клубови, а не да ми избледи од сонцето. Премногу често ја облекував за друга намена минативе две години. Заглавував во толпата луѓе построени уредно, изложен на пладневното сонце. Денес нема редица. Има сонце, но нема гужва. Само најблиските смеат да присуствуваат.
Не знам дали и соседите се вбројуваат во нив, зашто кон мене се движи соседот на вујко ми. Сакам да го поздравам прв. Усните ми се собрани за да ја изговорам првата буква. Воздухот чека да излезе пред забите. Неочекувано го голтнав назад и ми застана во грлото. Тука ми тежат зборовите. Чекам тој да ги рече. Капаците му ги имаат проголтано и онака ситните очи. Белата маска прави неговото лице да изгледа жар црвено. Ме одминува без збор. Сигурно не ме позна, а јас не можам да зборам.
„Без поздравување.“, ми се обрати непознат човек. „Држи дистанца.“
Кој си ти да ми кажуваш што да правам?, помислив, но не му реков. Знаев дека е некој кому тоа му е новата работа. Сигурно и него не му е лесно да ги опоменува луѓето да не го прават она што во нормални услови ја дава најголемата утеха на сите, контакт со друг. Господ знае дека и мене ми требаше. Имав потреба да ја стиснам цврсто вујна ми и да ѝ кажам колку многу сум тажен. Да ја бакнам братучеда ми во образот и да ѝ дадам до знаење дека сум тука за неа. Но повеќе од сè, јас копнеев да ме смири нивната блискост. А тие беа толку далеку, од другата страна на ковчегот и одделени од мене со нештото каде се забодуваат свеќите.
Зедов свеќа и оставив десет денари во најлонот до нив. Не можам да го видам лицето на вујна ми. Црната маска и ги покрива носот и усните. Затоа очите кажуваа сè. Отсутни. Пресушени. Треперам. И моите беа такви вчера кога ја добив веста. Ги испразнив додека не заспав. Не знаев дека болеста му се вратила. Никој не ми кажа. Зошто никој не ми кажа? Ќе го посетев, ќе… Земам отсечен здив за да се смирам и ткаенината ми се припива на устата. Издишувам.
Чекор поблиску сум до ковчегот. Не гледам кон него. Ја барам братучеда ми. Главата ѝ е свисната на десно. Ако диши не забележувам. Рацете и се целосно млитави. Имам впечаток дека ако не ја држи сопругот ќе се спружи на подот. Го контролирам нагонот да ја префрлам бариерата, да ја прегрнам, да ѝ ја ставам главата на градите, да ја галам по косата како кога беше дете… Но, јас сум само внукот од првата братучеда и не ми е дозволено од таа страна на ковчегот. На редарот не го интересира што вујко ми ме израсна како негово дете, што кога татко ми нè напушти, вујко ми беше тој што ми читаше приказни од книгите со граор корици, што ме научи да играм фудбал, што ме запозна со планината, што ми ги даде првите совети како да постапувам со девојчињата, што без да побарам ми позајми пари да студирам во странство…
Чувствувам нечија дланка која ме притиска на градите. Пред мене нема никој. Овој пат земам воздух низ носот. До сега не ја имав почувствувано кондензираната течност. Можеби и ми се причина, зашто сега бев на чекор од палењето свеќа. Се трудам да не гледам во ковчегот. Погледот ми е насочен кон свеќите. Се трудам да остане таму. Се плашам дека ако погледнам од оваа близина кон најблиските, нема да можам да ги задржам солзите.
Додека ја палам свеќата ја забележувам баба ми. Седната на стол од другата страна. Носот изваден од маската и мрмори. Тивко. Вујна ми ја има ставено раката врз неа. Ја оставам свеќата и солзи ми ги полнат очите додека се прекрстувам.
„…како не ме зеде мене…“, беа зборовите од баба ми кои ги разбрав.
Не трепкам. Мора да сум силен за нив. Не смеам да ја испуштам барата од солзи пред нив. Грлото ми е суво. Се вртам. Ковчегот е затворен. Не, зошто? Зошто не можам да го видам за последен пат? Не е фер, се слушнавме… Ги прекинувам мислите, зашто знам дека тие ќе ја урнат браната и потоа нема враќање назад.
Се концентрирам на неговата фотографија. Голема. А4 формат. Ја препознавам. Неговата слика на профилот од „Фејсбук“. Подголтнувам. Се сеќавам дека кога ја постави фотографијата му реков дека го истакнува неговиот дух, дека јасно го отсликува како учител и како човек кој е смирен, благ и дарежлив. Господе! Неговите сини очи. иако пренесени на хартија, блескаат. Даваат живот… на хартијата. А ги озрачуваа сите, ја пренесуваа неговата волја и смиреност секаде каде ќе влезеше.
Памтам, кога бев мал нешто ме преплаши, бев пребледен и не можев да се соземам. Вујче ме најде скриен во плакарот. Не рече ништо. Се спушти на исто ниво со мене и ме погледна в очи. Ги закриви сосем малку врвовите од усната и неговите очи како да го осветлија темното скривалиште. Не рече ништо, само ме гледаше. Јас престанав да липам, знаев дека е во ред, дека сè ќе биде добро, дека никогаш повеќе нема од што да стравувам сè додека го имам. Од тогаш секогаш „трчав“ кај него кога имав напад на анксиозност. Вујче бе, ти ми беше сидрото во овој мизерен свет. Каде ќе се огледам сега? Кој ќе ме смири? Кој ќе ме убеди дека…
Браната пука, солената течност успева да го пронајде патот и почнува да се слева по моите образи. Сакам да ја почувствувам солената горчина во мојата уста, но не можам. Сè се впива во проклетата маска. Ја допирам фотографијата со показалецот, брзо се прекрстувам и итам на спротивната страна. Во моментот кога се свртив со грб и најмалата контрола која ја имав врз солзите, ја изгубив. Реки. Солени, горки реки. Придушени звуци. Да ти ебам маската. Сакам да плачам нормално.
Одам кон спротивната страна од тремот, што подалеку од ковчегот. Застанувам на чекор од пар со маски. Како ли ќе пее попот преку маска? Проклет вирус! Погледнувам кон подот, пред мене. Не можам да се простам од вујко ми како човек. Земам воздух низ носот. А пред не цел месец се пишувавме на фејсбук. Не ми кажа ништо. Зошто не рече дека метастазите му се вратиле? А јас пак му досадував да ми каже што мисли за мојот последен расказ. Тој го прочитал… ми кажа дека е добар, дека едвај чека да го види во збирка на која јас ќе сум потпишан како автор… Сега… нема… нема да се случи тоа…
Издишувам ни устата. Влажноста од мојот здив ја чувствувам на влакненцата од носот. Мирисот е од маската, овошниот сапун со која ја исправ. Кога го видов последно? Случајно беше во некоја продавница. Што му реков? Што разговаравме? Господе, не можам ни да се сетам на последното нешто што му го реков. Не му кажав колку го сакам, колку ми значи. Сега на затворениот ковчег ли да му го кажам тоа?
Очите почнуваат да ме печат од солзите, но не се осмелувам да ги избришам со рака. Страв ми е. Што ако некој заразен со Ковид ја допрел свеќата што ја запалив? Дишењето ми станува побрзо. Зошто не донесов марамче? Палома? Нешто? Што мислев, дека нема да плачам? Влажната маска ми се лепи преку усната и носот. Ме гуши! Маската ме гуши! Не можам да дишам! А сепак градите ми се полнат со воздух во кратки интервали. Ја поставувам раката на градите. Го чувствувам подигнувањето и спуштањето. Можам да ја повлечам маската сосем малку надолу да го ослободи носот. Тргнувам со раката и застанувам. Не знам кои се луѓето до мене. Не знам со кој биле во контакт. Вирусот само што почна да се шири со забрзано темпо во нашиот град. Што ако токму тие се носители и се искашлале пред да дојдам?
Што ако вујко ми од тоа почина? Не. Ракот победи. Го исправам погледот и излезот го гледам од истото место од каде што дојдов. Таму, под сенката од борот има само два пара. Ќе можам да ја извадам маската и да…
„Запалете свеќа и продолжите без контакт со ожалостените.“
Молчи бе! Да не беше ти, сега ќе бев во прегратките на вујна ми. Дланките ми се стегаат во тупаници. Дури сега го чувствувам забрзаното пулсирање како удари на главата. Влажно марамче се појавува на подот пред мене. Фати го ова и не кажувај многу!
„Ах, пусти Јанко. Од дете го знам.“, доаѓа глас од непосредна близина. „Што му требаше ова, сега да умре?“
Што зборува бе овај? Како вујко ми да сакаше да почине.
„Ете, другата ќерка не може да си дојде од Германија.“
Ги стегам цврсто усните, посилно од тупаниците и се вртам кон гласот. Се молам да не каже уште нешто. Зашто вујко ми никогаш не би нè напуштил своеволно. Човекот живееше… Господе, живееше… не повеќе… за да помогне. Како само го сакаа дечињата на кои им беше учител. Го гушкаа, го канеа на родендени, а сега и тие го изгубија и не знаат дека го нема. Дека нема да дојде во училницата од септември, дека нема да може да ги советува, да ги подучи за доброто во животот, дека нема да биде на мојата свадба, ниту на крштавката на моите деца… Затоа молчи. Слушаш молчи!“
„Ах, Јанко“, продолжува човекот, а јас несвесно ја поместив ногата чекор кон него. Целото тело ми се треси. Чекам да каже нешто и подготвен сум да го плесна. Тој почнува да плачи. Гласно.
Зјапам во него и чувствувам како неговата тага ме повлекува и мене. Почнувам да дишам испрекинато. Влажно е под маската. Работ е натопен од солзи. Тежината на секој здив е поголема. Срцето ме стега. Ги притискам забите цврсто. Нема да пуштам глас. Носот почнува да ми капи. Капките се впиваат во ткаенината и влагата ми е на врвот од кожата на носот. Се шири. Белото марамче се поместува полека по подот. Редарот ќе го фати.
Не е влага. Вујче, бе. На кого ќе му се доверувам сега? Густо е и тешко. Кој ќе ми кажува да не се грижам, дека ќе успеам? Ме повлекува надолу. Да ти ебам животот! Ни внучиња не дочека. Што се педесет и шест години? Ми ја лепи устата. Да не беше вирусов, ќе те имав видено. Ќе ми направеше турско и ќе разговаравме додека вујна не нè прекини затоа што поминало полноќ. Ме гуши. Не можам ни да те видам за последен пат. Како да се простам? Се борам за здив. Срцето ми се стега. Се смалува. Бие. Брзо. Побрзо. Воздух. Ми треба воздух.
Сакам да те видам! Правам чекор напред. Отворете го ковчегот да го видам! Правам уште еден отсечен чекор. Сакам да ја гушнам вујна! Ветерот го носи марамчето пред моите нозе. Се вртам зад мене, кон луѓето.
„Кој го фрли марамчево да си го фати!?“
Се завртувам уште побрзо кон ковчегот.
Зошто се врти подот?
Каде заминува ковчегот.
Еј, таванот е сив.
Се губи.
Сè е црно.
Црно.

ЗА АВТОРОТ

ЈОРДАН КОЦЕВСКИ

ЈОРДАН КОЦЕВСКИ (1983), докторирал на факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Работи како туристички водич додека се обидува да го остави својот печат и акко писател. Пвата книга, збирката раскази „Време за живеење“ ја има објавено во 2001 гдина, Неговата стрип антологија во коавторство со Бранко Богданов „Мрак Хумор Тишина“ во 2014 година, а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ во 2016. Добирник е на две награди за стрип награди за “Our Eden”, додека неговата кига „Прозорецот“ беше објавена во електронска форма од страна на Фондација Македоника. Главен е и одговорен уредник на е(Лит), електронско списание за книжевност и друга уметност. Во 2021 година излегува од печат неговиот прв роман „Тегли“ во издание на ПНВ Публикации од Скопје.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ