Elementi Logo

БАЈКА ЗА НОЌУРКО И ДАНИЦА

Backgorund

 

ПРОЛОГ

Сплетот од патишта, патеки и патчиња е хармоничен како проѕирната мрежа на трпеливиот пајак, но има некои патеки непознати за авантуристите, патеки на кои човечка нога никогаш не стапнала, ниту пак се бележани од мирната рака на некој временски картограф во гломазен атлас.
Една таква патека води далеку преку океанот, право на песочна плажа каде што брановите нанесуваат школки од бисер, брадести алги и парчиња поплавено дрво. Онаму каде што песокот го отстапува местото на недопрената, бујна природа, патеката задира во раскошното кралство на несекојдневните растенија и животни кои ботаниката и зоологијата не ги познаваат. Следејќи го жуборливиот поток, патеката продолжува низ лавиринтот од стогодишни дрвја со рапава кора и јазлести корени, низ грмушките од лепезести папрати, па и покрај колонијата на лутите печурки и дивите цвеќиња. Пеперутки-шафрани летаат како снегулки над патеката омеѓена со жолти дукати јаглика и пурпурните инки на миризливи трубадури кои растат само овде и никаде на друго место во светот.
Непристапниот дел од патеката минува под сводот на камениот израсток, кој претставува своевидна порта за влегување во Чудесната долина, во чие срце спие ледина чии жители чуваат необична, сосема посебна приказна. Имено, еднаш во оваа долина од некаде долетал ветер познат како Виор, и танцувал по ливадата носејќи ги ливчињата од заспаните цвеќиња на рабовите на својата невидлива туника. Тој танц ќе траеше ако Вителот не застанеше пред два камена што како грдосии се издигнуваа над класовите од сино-зелена трева, едниот црн како абонос, а другиот бел како брадата на мудар волшебник.
Кога се приближил до камењата, на Виорот му се причини дека е оној мургавиот како рапавата вулканска карпа што ја видел кај карпите на Галеб на север. Не можеше да знае од каде дошол таков камен, на чија круна имало насобрано суви лисја и хумус каде што прстите на времето темелно се измешале.
Така беше и со круната од бел камен преку патот, камен избразден со златни жили. Инспириран од интересната сцена, Виор затанцува околу нив и го положи семето на посебен цвет во мургавиот камен. Истото го направил и со белиот камен, само што во него засадил цветно семе, чија боја би била сосема соодветна за саксијата што му ја наменил Виор.
„Ете, сега имате цел. Сега сте саксии“, зашуми веселиот ветер и без трага тргна понатаму по само нему познатите патеки.
По првиот дожд, од двата камена се издигнаа црниот цвет Ноќурко и белиот цвет Даница, чии ливчиња беа посипани со златна прашина.
Сепак, тоа не беше се. Овде имаше некоја магија и никој од жителите на Чудесната долина не можеше да знае дали е тоа до семињата, до самите камења или до самата долина, која беше и самата некако магична. Само кога септемвриската зора ќе изгрее црвено на исток и кога копјата на златното сонце ќе ја растурат темнината, и кога светлината ќе падне врз белозлатниот цвет Даница, тогаш тој ќе се отвореше и ќе ја откриеше својата тајна. Така беше и со црниот Ноќурко преку патот, со тоа што неговите ливчиња ќе беа затворени преку ден, но би с еотвориле како ковчег кога сребрената Месечина ќе се појави врз мастилесто небеска ливада за со стапот да го потера стадото ѕвезди на пасење.
Од денот кога никнале, цвеќињата никогаш не биле отворени во исто време, како што никогаш немало ден и ноќ на небото во исто време. Меѓутоа, двајцата мали жители на волшебните цветови сакале да го променат тоа, поради соништата што ги сонувале во креветите од ливчиња и поради она што го доживеале во реалноста. Така започна бајката за Ноќурко и Даница.

Превод од српски јазик: Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Милош Петковиќ

Милош Петковиќ е роден во Ниш (Србија) на 14 јули 1986 година. Тој е и драматург, сценарист, стрип писател, социјален активист, предавач во училиштата за креативно пишување и уметнички директор на Меѓународниот фестивал на фантазијата во Ниш. Драматизирал пет негови романи, кои се адаптирани во театарски претстави: „Џуџиња и самовили - пролет“, „Тајната на старата воденица“, „Бајка на Ноќурк и Даница“, „Џуџиња и Самовили - лето“ и „Бакнеж на принцезата Илдико“. Милош Петковиќ е и автор на стрипот „Супер Мишко пие Нишко“ и автентичен суперхерој на јужна Србија. Автор е и на сценариото за стрипот „Тајната на старата воденица - семејството Монте Кристо“ со карикатуристот Срѓан Тодоровиќ. Основач е на Здружението на љубители на фантазијата „Ордо Дракониш“ од Ниш и уметнички директор на Меѓународниот фестивал на фантазијата, кој досега имаше пет изданија. Во неколку наврати го водеше училиштето за креативно пишување „Бескрајна приказна“ во нишката библиотека, нишкиот културен центар и неколку основни и средни училишта. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи и уредувал тематски збирки фантастични и митолошки приказни. Добитник е на следните награди и признанија: „Свети петок“ за придонес во културата и зачувување на традицијата, „Светосавски печат“ за придонес во културата на градот Ниш,, признанието „Златна патека“ на градот Смедерево за исклучителни резултати во областа на литературат, наградата „Невид Театра“ од Бања Лука за најубави приказни и бајки за деца и млади, „Момчило Тешиќ“ за најдобар роман за деца и млади во Србија во 2022 година за романот „Бајка за Ноќурко и Даница“.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ