свет човеку, под твоето дрво од цреша
владее разумот на суперсиметријата
мислите исцртани со искри сами приоѓаат како
жедни животни што не знаат за нож
дојдов да ти кажам дека над тебе
небото е полно со распарчени перници и пепел
дека меѓу корењата на дрвото трепкаат очните капаци
на децата од несреќните земји
нежен месијо, те прашуваат од фавелите
дали е вистина дека бог е куршум
и дали стигмите се излезни рани
ти носам од улиците на црвените фенери глас за тоа
дека Хокусаи не го цртал бранот за нас
се зборува дека создал врати од мастило за
октоподите на нашите потсвести
знаеш ли нешто за тоа или само јадеш цреши
криејќи ги вжарените семки под јазикот
второ сонце
второто сонце ги збунува астрономите
во неговата дарежлива топлина
љубителите на „Војна на ѕвездите“
разменуваат оргазми како сликички
второто сонце е аномалија
кардиналите трескавично го вметнуваат
меѓу кртите страници на Вулгатата
меѓу дланките влажни од восхит
второто сонце изгрева на југот
ги топи поларните капи и лицето на Мона Лиза
го враќа Медитеранот во феникиските раце
ги буди игуаните заспани во мезозоикот
второто сонце го затвора кругот
ме осветлува со неземен сјај
додека полека ти ги раздвојувам колената
барајќи го неговото магнетно јадро
нема место за огномет на поезијата
поезијата не треба да се забрани
тоа би било варварски
но потребата некој да ја пишува треба
јавно да се прогласи за карактерна мана
на необјавените поети да им се удри по еден шамар
да се каже дека веќе имаме доволно имиња за читанка
да се вика по младите поетеси да се откажат
да им се местат откази на оние што ќе се побунат
да се апси секој што некогаш објавил збирка
особено ако сам не ја платил
уредниците секако да се обесат
како непоправливи престапници
да се открие кој стои зад поетските портали и да не се штеди камшикот
поетските подкасти да се означат како секташтво
лирските фанзини да се обвинат за сатанизам
да се урнат печатниците од чии преси излегуваат книжевни списанија
на главниот плоштад да се постават кафези
во нив да се натрупаат модернистите
битниците
имажистите
никогаш да не им се даде ни храна ни вода
најмалку хартија
на луѓето да им се кршат автомобилите и за тоа да се обвинуваат
слем-поетите сѐ додека толпата не ги линчува
сѐ да се пренесува во живо на јавниот сервис и да се нарекува волја на народот
поетските колективи да се прогласат за странски агенти
да се соблечат до кожа и да се гонат по улиците
како што биковите ги гонат туристите низ Памплона
да се каменуваат излозите на книжарниците
да се пресретнуваат купувачите на поетски збирки по мрачните улици
по интернет да се објавуваат нивните
лични податоци и раскрвавени темиња
да се запалат сите библиотеки по ред
да се избркаат пожарникарите кога ќе се појават
да се приватизира пепелта
да се наплаќа на килограм
потоа таму да се изгради станбен комплекс
треба да се прават величествени ноќни рации
да се упаѓа во домовите на луѓето
да им се претресуваат полиците
за коса да се влечат на улица
ако им се открие и едно бедно хаику
да се распишат потерници по Томаш
Карановиќ, Бодрожиќ
да се бара Бегиќ да биде испорачан од која било
егзотична земја во која престојува
да се ископа Погачар од подземниот бункер
за пример на оние што доаѓаат
носејќи ја лириката како телесен деформитет
поетските вечери да се прекинуваат со солзавец
со пендреци да се тепаат оние што бегаат
да се приведуваат сите што се спротивставуваат
од месец во месец да им се продолжува притворот
да се каже дека сакале однатре да ја урнат културната политика
на секого да му се скрати вокабуларот на неколку стотици зборови
да се затре поезијата како Картагина
да се преоре местото каде што растела
да се засипе со сол и флоскули
ако никне повторно
да се повтори целата постапка
со повеќе жар, со повеќе елан
но никако да не се забранува поезијата
тоа би било варварски
Сехмет проговорува
на твојот праг ти носам млаки глувчешки срца
кадрици од гуштерски опашки
облаци од пердуви и крв
ги редам по скалите и се свивам
како запирка по зборот за смрт
те повикувам со рик и велам:
погледни го жртвениот одар, првосвештеничке
прифати ги моите дарови стекнати
со јатагани и свилен оган
вљуби се во мене како да е февруари
издигни ме на постаментите на твоите храмови
расфрлани низ Плодниот Полумесец
направи првобитната божица да го носи мојот лик
породот на моите потомци никогаш
да не ја почувствува измаглицата на жедта
пушти ме преку твоите прагови
да ја растурам гривата каде што ќе посакам
па отвори ми ја вратата како да ќе излезам
понуди ми ја својата безвлакнеста кожа
по неа да исцртам пиктограми
жешки како сон полн со песок и самоволие
а потоа гледај како пред твоите стапала
ти ги постилам дворските санкјулоти
и сопствената сива, бесмртна глава
Препев од српски јазик:
Сашо Огненовски
Дарио Хајри е роден 1983 година во Фоча. Учесник е на The Word Literary Forum во 2019 година под покровителство на Крокодил фестивалот, а од 2020 година е дел од меѓународниот поетски проект The Wrong Language Tour во организација на Bern ist überall. Ја освоил првата награда на регионалниот конкурс Влезница 2024 во категоријата поезија. Со ракописот „Небранетиот простор меѓу нас“ влезе во потесниот избор на конкурсот на Раштан, како и во поширокиот избор за наградите Славиша Николин Живковиќ на градот Ниш и Златен стих на Народната библиотека „Стеван Раичковиќ“ во Кучево во 2025 година. Со необјавената збирка „Не смееш да бидеш гола во тревата“ влезе во потесниот избор на конкурсот на Раштан и во поширокиот избор за регионалната книжевна награда Јован Поповиќ во 2024 година. Негови песни се објавени во зборниците Сигнали во ноќта (Енклава, 2024), Пакет аранжман (2025), Дисторзија (2026), во Панорама на новата поезија во 2025 и 2026 година, списанието Градина, алманахот на Читалницата Лаза Костќ во Сомбор, како и на порталите Облакодер, Човек-списание, Страни и Перкатоник. Посетувал работилници по поезија кај Звонко Карановиќ и Огњенка Лакиќевиќ. Живее во Бачка Паланка.