Elementi Logo

В НЕБО ТРЕТО

Backgorund

В НЕБО ТРЕТО

замижан загледај се
во небото меѓу веѓите.
ведро ли е? омеѓено ли
е од ведите? лие ли
вода обилна ко од ведро,
ко од небо штедро?
светлост ли е или свет
лост за поткревање угоре?
ѕуни ли мост, лак божји
виножитен? ѕирка ли проѕирка
или магли спростреле волнена
простирка? пирка ли?
запирка ли ветер в етер
или и од најгуст мрак
е бетер? зрак има ли?
трикрак четворен,
здив безмислен.
прво див, а потем питом
питон од корен црвен
в небо трето.

КРУГ ТЕМЕН. КРУГ СВЕТОЛ.

во стакленото квадратче
во ѕидот ноќе се појавува
месечината. впловува полна
некогаш, едра. гола допола
некогаш, бедра, диња насмевната,
ведра, зината. вода полна истината.
студена. невидлива некогаш. млада.
нејзината снага стидлива некогаш,
некогаш штедра. наострена некогаш
крв да пушти спремна, повеќе темна
отколку светла. менлива и минлива
секогаш. од ништото нишка се раѓа,
преѓа, нишалка, лулка од круг темен
кон светол круг. па друг потоа
круг се зајадува и зајдува,
светлото во темно паѓа.

прекрасен труп со самиот себе

во себе смеј се во сонот.

осветли го со ламба
чудовиштето под креветот
и тоа ќе исчезне. ќе престане
да шушка и да се кикоти.

тишината не е простор без звук,
тишината е простор без мисли.

кожата има звук на разбранувана шума.
ветрот ја пени и ежави водата.

на брегот носи мирис на
кокос и надојдена икра.

прстите шумолат во просторот
помеѓу две радиостаници.

допир всушност не постои.
помеѓу нас секогаш стои
празен простор. или допир
всушност постои, но тоа значи
нешто сосема друго.

копнеж сум,
значи не сум тука.

ЗА АВТОРОТ

Ѓоко Здравескиѝ

Автор на фотографија - Горан Петров ЃОКО ЗДРАВЕСКИ (1985), поет и раскажувач. Дипломирал и магистрирал на филолошкиот факултет во Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на филолошкиот факултет во Ниш. Автор на четири поетски збирки: Палиндром со две н, Куќички за птици преселници, Љубавина и Дедикал Икарал, како и на збирката кратки раскази Отсечки стварност.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ