Elementi Logo

СЕ ТУРКАМЕ СО ПОГЛЕДИТЕ

Backgorund

Се туркаме со погледите во чекалните на возовите
што никогаш не тргнуваат.
вчера ги напишав буквите
од твоето име на ѕидот од едно wc …
Длабоки се твоите очи.
Барам нешто туѓо, за да можам да се населам и да продрам во тишината на некој туѓ живот.

… вчера ги собрав сите досегашни
спомени и ги фрлив во корпата
за отпадоци пред мојата зграда…

Се туркаме со времето
уморно чекајќи да нé одмине неспокојството.

… ги газевме прецизните бели линии
исцртани по булеварите …
… и тивко се доближувавме
до стрелките на часовниците …
… за да ја споиме присутноста
некаде на друго место….

(од поетската книга „Јас сум некаде на друго место“)

ЕМАНЦИПАЦИЈА НА СТИХОТ

… ова е извесна потреба
за ослободување на стихот
од секаква кохерентност …

Со пренапрегнати нерви
во неподносливи ситуации
од кои лесно се губи разумот

се претворам во реченица
без метафора
фрагментирани во осамата
се гушите во зборовите
„силниот е моќен
со својата самостојност“
патуваме низ времето
што скржаво нé одминува
мирисот на снег
остро навлегува
во порите на коските

движењата се побавни
бидејќи човекот само во
највозвишените моменти
– останува сам
како што Бог
– е самотен.

Нема краток миг на застој.
Стихот не е подготвен за тоа.

ЗА АВТОРОТ

Драгана Евтимова

ДРАГАНА ЕВТИМОВА (Скопје), ги има објавено следните книги: „Постоењето на динамиката“ (поезија, 2005), „Јас сум некаде на друго место“ (поезија, 2011); „Фусноти по сеќавање“ (поезија, 2014); „Се гледаме наскоро. Е.“ (епистоларен роман, напишан заедно со визуелниот уметник Владимир Лукаш, 2017), „Растојанието меѓу две точки“ (хаику, 2018), „Концептот ’магичен реализам’ како културолошки феномен“ (магистерски труд), Скопје, 2020; „Антологија Игропис“, (антологија – дијалог, уредник), Скопје, Фуснота, 2020 и „Анонимус“, (поезија, дополнето издание), Скопје, Фуснота, 2021. Дел од нејзината поезија е објавена на повеќе јазици. Има учествувано на бројни книжевни фестивали. Учествувала на книжевни резиденции во регионот. Добитничка е на наградата „Антево слово“. Член на Друштвото на писатели на Македонија. Активно преведува од словенечки јазик.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ