Elementi Logo

СЕ НАСТАНУВА ОД ЉУБОВ(ТА)

Backgorund

Се настанува од љубов(та)

Најпрво е ритамот на срцето
Тој, вродениот што никогаш не лаже Тaм там там, та та там там…

Следен е погледот што се огледува,
Па погледот пред првиот допир,
Па контактот,
Па спојот
Спојот на дланките што се вкрстуваат.
Сврзно ткиво што ги сврзува сите поткожни клетки

Потоа, потоа се обмотуваат душите
Се вртат како виуги една во друга.
Околу себе, а меѓу себе,
Околу вратот, а низ вените,
Околу стравовите, шавовите и надежите.

Најголема(та) неотелотворена сензација трансформацијата на љубов
Таа кога љубовта се расцепува и се дели како да завршува,
А всушност се претвара во нов плод зачнат од неа
И се така,
вечниот танц
До танцот вечен, каде душите на оние што се љубеле
Продолжуваат да танцуваат низ друга форма
Низ виорот на ветрот
Низ грмотевицата
Низ зракот прекршен
Низ…
Низ и долж вечноста.

Lud sam za tobom, ali ovo jeste vreme ludih, i ja ću za nas osedlati strah,
A ti me ljubi do zla, dok ne izgubim dah.

Поеми

Ми доаѓаат поеми,
Без дилеми
Морфеми
Во сон ги пишувам
А не се покренувам да ги запишам
Ниту да ги заштитам
Да му се заблагодарам на универзумот што ги спуштил низ мене.
Дали тоа е неволноста или неверноста
Не знам
Но не можам да стојам исправен
Пред универзалната мудрост
Или изборот од зборот
Да не вежбам да живеам
За и други да научам како да живеат кога не им се живее
Како да седат простум а да не лебдат
Како да зборуваат низ себе а да не се тие туку космичка сила што глас има
Сама да се накуца
Па да не избрка од универзумов на клоца.

Нова љубов

Во мене се буди нова љубов,
Се’ во мене буди нова љубов
Буди љубов се во мене
Мене во љубов се буди
А јас стареам, природно е
Живееме се нови и нови животи
Па на пати се враќаме на старите

Планина земна

Несоборлива планино
Несоглолива ледино рамна
Прв пад стојам пред тебе
Немоќен, дотолчен од денот на помислата дека ти можеш да постоиш во мене.

Ѕвезди без месечина

Ѕвездите ќе бидат секогаш тука за месечината
И покрај тоа таа не ќе стане дел од нив.
Ќе биде најсјајна за една перспектива која може да ја искаже со зборови
За земјата, што незаземјена
Лебди и врти низ овај универзум.

ЗА АВТОРОТ

Никола Дукоски

Никола Дукоски е роден во Скопје во 1993 година, но потекнува од Прилеп. Завршува студии по психологија на филозофски факултет во Скопје во 2017 година и паралелно се надоградува со Гешталт психотерапија. Пишува поезија, Слем поезија, проза за деца што всушност е и неговата примарна работа. Живее со природата, го сака спортот, џезот и хорското пеење.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ