Elementi Logo

Сабја со бисерен балчак

Backgorund

Сабја со бисерен балчак

Се пронижа низ мене
тенка острица – студена;
Мина низ ситната градина,
насади целувки студенило:
ги покри своите бисери
со земјата која во мене
уште од создавањето
прародителско останала.
Го чекам времето
кога ќе расцути
она што ќе биде ќерка
на студен бисер
и месечева сенка –
пронижана далга.
Цутот, дар
за нечие небо ќе стане,
спомен на сабјата со бисерен балчак
што врз мојата земја се срони.
Ќе ме свитка доземи
нејзиното време
што го таи во својот замав,
но ако.
Дар на вечноста
ќе ја дадам.

 

Грација

Се сретнав со сестрата на двете грации
денес, на пешачки премин.
Ми пријде со зазорлив насмев
да запее славејски
низ стегната бисерна низа.
На појасот носеше жолто цвеќе,
небаре со секое движење на веда
посака да рече:
радувај се, свете,
најдов жолто цвеќе
среде бетонски океан – јас сум негово дете!
Врз образот вжежен
склопив облак сетен
да се слее понорлива река
меѓу моите усни крајот што го скрива.
Оваа средба ме тишти,
а разделбата на чуден вител ме даде:

треба ли да ја прегрнам сината вила
што на појасот носи главичка жолто цвеќе?
Се насмеа ли на својата лулка
кога го кинеше нејзиното росно чедо?
Чудна си, грацијо,
чудна радост треба јас да чекам,
на што наликува ова дете?
Чудно, чуден си, свете.

ЗА АВТОРОТ

Софија Тодороска

Софија Тодороска

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ