Elementi Logo

ПРАДЕДОВИНА

Backgorund

Прадедовина

се руши синевина,
од дом па сѐ до градина
а оттаму низ жешка лавина.
на сводот летнал гавран,
црна птица, црница,
чука, пука,
на порти ми прави бука.
портите мои
од штица направени,
од прадедо ми сковани,
сега гавранот ги резба,
а со клунот што на нив остава,
навистина не знам.
некаде на почетокот
кога портата штица била
и штицата дрво била,
а дрвото − фиданка
прабаба ми оро играла
во селото,
на неговата средина.
од планините војници се спуштале,
ко денес гавранот што намина,
да тропнат на порти
со пиштолот, со пушката.
и цело село чука, пука,
и домот на грб си го става,
да замине од пустата пушка,
да зачува момина става.
а прадедо ми отспротива
овците ги пасе
и не знае што го чека −
празно село
под него се таи.
сал еден старец
со гавранот се дружи
и прашува кога
жена му ќе ја види,
а гавранот трае, ќути
и со пушка
наземи
го
спружи.

Секретарката на бога

како може бог
без секретарка да „богува“,
како може милијарда писма
самиот да одговора?
да работеше бог во администрација
новиот завет не ќе постоеше,
ќе беше на пауза,
ќе беше на штрајк,
ќе беше понеделник,
ќе го мрзеше,
и сите подеднакво не ќе ги љубеше,
никого воопшто и не ќе сакаше,
па не ќе можевме ни раат да си умреме,
сѐ некој документ ќе ни фалеше,
некакви уплатници ќе уплаќавме
и ред со векови ќе чекавме.
па, добро, барем бесмртни ќе бевме.
да работеше бог во администрација,
можеби и немаше да е толку лошо,
тој исфрустриран од државата,
а ние од него
сигурно и прекар ќе имаше
и очила спуштени на носот,
брада од нервоза побелена,
бушава коса и фризура ко торта
и наместо со громови,
со вратичката од шалтерот ќе трескаше.
да имаше бог секретарка,
сигурно сѐ подобро ќе беше,
да имаше бог секретарка
се обложувам марија ќе се викаше.

Не би иднина

кога дознав за мотивот небиднина
вечноста ја испатував во еден миг
впишувајќи стих на лицето на земјата
за назад да ми дари вик.
но ми дари само темно чекање,
чекање да се изроди нешто од зад планината,
за нешто да биде,
од длабочините на небиднината.

ЗА АВТОРОТ

Марија Велинова

Марија Велинова (2003, Штип) е студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Авторка е на стихозбирките „Разговорите што не можевме да ги имаме“ (2021, Дата песнопој) и „Омарнина што омалаксува“ (2023, ПНВ Публикации). Во 2022 година ја претставуваше Македонија на Интернационалната филозофска олимпијада во Лисабон. Учествувала на „Скопскиот поетски фестивал“, како и на повеќе поетски читања, меѓу кои: „Отскочна даска“ при СПФ, „Поетска епизода“ и „Добри гости“. Нејзини песни се препеани на српски јазик. Членка е на организацискиот одбор на Скопскиот поетски фестивал.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ