Elementi Logo

ПОСТОЕЊЕ

Backgorund

ПОСТОЕЊЕ

Сета осаменост на светлината
доаѓа како спомен или како опомена.

Небото во мене – врата отворена.

Денот ми шепоти
Приспивна за музиката на пијаните свирачи.

Ветувањето е лудост што ја пие снагата.

Од дното на човекот
штотуку изникната прелест
се прпелка пред сомнежот на постоењето.

Моите прозевања се надеж за голите патници.

И додека
ветерот пишува метафори
ги затворам очите и веќе ме нема.

МЕ БУДИ СТИХ КОЈ УМИРА ВО МЕНЕ

I. Соништа со дијаметар на прстен
се тркалаат по дамарот.

Ме буди стих кој умира во мене.

На паузата за доручек
од дланките истурам живи семиња разнобојни
да ги колваат птиците ранолетници.

Ме буди стих кој умира во мене.

Пладнето веќе се искрадува низ пукнатините од белите ѕидови
Понизноста прашува
колку светлина е потребно да се обои осаменоста.

Ме буди стих кој умира во мене.

Без зборови
со скромност на безделник
принесувам воздишки за последните патници на земјата.

Ме буди стих кој умира во мене.

II. Пред вратата
зелени патеки со модри цветови
и оној стих кој умира во мене.

Нерасонети ликови се измолкнуваат
од простирката полна со леснотија.

Се раздвижуваат намуртените можности.

На креветот
стари фотографии полни со прав и вистина
затворени во времето кое не знае за осуда.

Ме буди стих кој умира во мене.

Приквечер
старите сенки
невидливо го носат заборавот, невиноста на
убавината која повеќе не е доживување
туку очекување.

ПАТОКАЗИ

На раскрсницата

сите прашања беа одговорени

нов момент на украдената вистина.

Во морето на неповторливоста

не постои непресметлива големина.

Се непознато веќе видено –

графит на ѕидот од соседната зграда.

В зори

страните на светот ги обележувам со 24 – часовни патокази.

На пладне

земјата станува сенка која ги поседува сите димензии.

Пред ноќта

се исправувам

се прекрстувам

гледајќи го небото

обоено во пурпур

од боичките на мојата ќерка.

СОБА БР 23
Денот поубав од утрото.

Ја отворам вратата број 23
во ходникот се е малечко
помало од секое неверување.

Огледалото не успева да ја застане мојата сенка
ја прескокнувам светлината
ме соблазнува нејзината кршливост.

Собата преполна со можности,
со дремливи сенки и ситни дребулии
разместени по законите на случајноста.

Отворените страници непозната патека за новите зборови,
новото волшебство откриено од вистината.

Сонувам се што знае зората
кординатите по кои истекува солта на земјата
сладоста на животот
исплакната низ столбовите на одамна заборавените мостови.

WINTER SKY

Ден преполн со тишина.

Облаците мали коцки
истргнати од мозаикот на пладнето.

Голите снегулки
прават непознати пируети.

Боите стиснати една во друга
потопени во белината
ги привлекуваат сите линии
точки неоткриени
создавајќи светови кои не можат да се дофатат.

Осамените светлинки
скитаат во ноќта
ја раскинувааат
кршејќи ги стаклените сенки
изговорени во мене…

Никогаш доволно боја на платното.

КАРТАТА НА СВЕТОТ, ГОСПОДАРОТ И ЈАС

На картата на светот
јас сум убод од игла
е толку, толку сум голем.

На картата на сегашноста
се е во две димензии,
третата димензија сум јас
заробеник на надежта
кој се тетерави на врвот од иглата.

Молитва
помеѓу две трепнувања.

Ја молам случајноста
Господарот да не ја извади иглата
да не одлетам
да не пропаднам
да не заминам.

НА АГОЛОТ

На аголот од мојата улица,
чудовишта го делат времето
како да е леб од домашната фурна на дедо ми
одделувајќи резанки со големина на небо.

На плоштадот
играта на Боговите е толкување на фактите.

На масата
колач од заборавени мечти.

Капките вода на дланките прават оригами.

Пред прагот
секоја раскрсница
станува простор меѓу два брега.

Го затворам прозорецот.

ОБОЈУВАЊЕ

Облаците веќе ја нацртале картата на времето.

Расфрлани белутраци, горе долу
по хоризонтот.

Од вратата на небото
ѕвездена птица
ги довикува врвовите на планините.

Цветовите во градината
знамиња побратимени со децата на ветрот.

Над главата
заспани континенти
разбушавени парталави
расеани по мерата на случајноста
ја докажуваат блискоста на атомите.

Разделени мориња
се провираат меѓу хартиените бродови.

Реки засипнати
го разделуваат рељефот од камен.

Патеки изрезбани од сонцето
жедни за нашите чекори.

Се обоено – несторено.

10 МИНУТИ МОЛК

Не сонуваат само тие кои ги знаат можностите.

Времето е странец
своите пораки ги запишува
на балсамирани листови.

За она што ќе биде
лагата е сосем доволна забава.

Кога ќе изчезнат насоките
зборот е патот до дома.

ЗА АВТОРОТ

Милчо Мисоски

Милчо Мисоски е роден на 26.09.1972г. во Струга. 1997г. ги завршува медицинските студии 2003 г. специјализира Микробиологија со паразитологија Од 2010 г. е Магистер на медицински науки Со титулата примариус се здобива во 2014 г. 1989 г. на Ратковиќевите вечери на поезија Бјело Поље (Црна Гора) добива награда за збирка поезија од млад автор. Објавува поезија во повеќе списанија на просторите од поранешна СФРЈ МОСТОВИ, ОДЗИВИ... Во 1992 г. излегува од печат неговата прва книга поезија ЧЕКАЈЌИ ГО АНГЕЛОТ која истата година е прогласена за најдобра збирка поезија на Конкурсот на Книжевна Младина на Македонија. Застапен е во антологијата ПОЕТИТЕ ОД СТРУГА (2001г.) во издание на Струшките вечери на поезијата. Објавени поетски книги: ЧЕКАЈЌИ ГО АНГЕЛОТ (1992) ЗАПИСКИ (2013) ИЗНЕВЕРЕНО ВРЕМЕ (2016) ПЕСОЧНИ КАПКИ (2017) СТАКЛЕНИ СЕНКИ (2020). Во 2019 г. излегува од печат второто издание на ЧЕКАЈЌИ ГО АНГЕЛОТ/WAITING FOR THE ANGEL со превод на англиски јазик. Неговата поезија е преведена на срско - хрватски, бугарски и англиски јазик. Учествува во антологиите ДАЈ ДВЕ ЉУБОВНИ (2015) и НЕМА СТИХ НЕМА МИР (2017) во издание АНТОЛОГ - Скопје. Во Струмица (2018, 2019, 2020, 2021 г.) учествува на Меѓународната поетска манифестација "100 Thousand Poets for Change". Награди : 1.Плакета Поетијада- Белград, септември 2019. 2.Плакета за најдобар автор од Република Северна Македонија Mili DUELI Online Balkan Poetry Contest 2019 Town Jajce Bosnia and Herzegovina. 3.Планетопија 2020 најдобра поетска збирка - ПЕСОЧНИ КАПКИ 4.МПФ-ЛИТЕРАТУРНИ ИСКРИ 2020 - ( 7 издание) Прва награда 5.Сина повелба - Меѓународен поетски фестивал ПАНОНСКИ ГАЛЕБ - 2020 Суботица Република Србија 6.Reader choice BOOK AWARDS 2020 СТАКЛЕНИ СЕНКИ - 3 Место Издавачка куќа АНТОЛОГ. 7. Scuola di Poesia-School of Poetry Delegacija Srbije - Diploma 2021

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ