Elementi Logo

Погрешните станици и патиките со црвени врвки

Backgorund

Погрешните станици и патиките со црвени врвки

 

Ме чеша левото крило,

гласот му беше силен, рапав,

уморен баритон,

затворен во минатото.

 

(се обидов да го допрам под левата плешка, таму кај што рече дека болело)

 

Не ме фаќај, уште имаш сон под прстите,

Ме фати тој за дланката и ја протри на усната.

 

Ќе пееш, праша потоа.

Поточно, без прашалник ги оставаше сите прашања.

Како да сакаше да одговори пред да ги постави.

 

(се вртев само да видам дали возот стигнал и дали ние конечно ќе тргнеме)

 

Еден стар куфер,

Две шишиња,

Еден потскинат ранец

Јас во моите највисоки штикли

И тој во патиките со црвени врвки.

 

Сите циркуси отпатувале уште пред ние да тргнеме.

 

Запеј, не стои така.

Гласот сѐ уште му беше силен, рапав,

Уморен од светот наоколу,

Затворен во минатото.

 

(се разбира дека нема да пеам. нема никогаш повеќе да пеам)

 

Ти не си Владимир,

Јас не сум Естрагон,

Ова не е осаменото дрво

А ние никаде не одиме

 

Сакав да му речам, место тоа одмолчев

 

Ме чеша левото крило...

 

И секогаш кога те чеша возот доцни,

 

Не му дозволив да докаже,

Зашто ми се заглави минато низ рацеве

А јас секогаш сакам да ми е чисто.

 

А таму некаде свират сите тишини

Грмогласно

 

Роварат по точно незапамтените сеќавања

Еден маж што мислеше дека го има светот во дланка

И една жена што криеше од себе дека го сака

 

И немаше воздух помеѓу

(само)

Набиен

Силен

Крцкав

Електрицитет

 

И многу, многу свиленкасти недоразбирања

 

Како тоа дека тој може еднаш да сака

Како тоа дека таа може да го има

Како тоа дека тие можат еден без друг

 

И имаше лалиња

Собрани во себе

Како таа кога одеше да го пронајде него

Во сите растргнати толпи погрешни луѓе на погрешни места

 

Црвени

Крвавоцрвени

Пламнатосрцецрвени

Лалиња

 

Што еднаш таа сонуваше дека тој ѝ ги поклони

 

Ако можеш да ѝ кажеш нешто на тишината

Не ја пуштај да свири,

 

Ќе колне!

 

ЗА АВТОРОТ

Ана Стојаноска

Д-р Ана Стојаноска, театролог, писателка, професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала на отсекот за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како истражувач-координатор во Институтот за театрологија при ФДУ – Скопје, од 2002 г. Учествува на многу симпозиуми, научни трибини и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата. Одржала повеќе јавни предавања од областа на театрологијата. Авторка е на книгите: Јас и Лин, отпосле (роман, прво издание, Блесок, /2016/; второ издание, Култура /2019/; за која ја доби наградата Рациново признание, /2017/ и беше финалист за наградата Роман на годината); Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувач е на книгите: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Авторка е на деведесет студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Исто така, е дел од авторскиот тим на Поимникот на книжевната теорија (МАНУ, 2007). Коавторка е на повеќе театролошки монографии. Во 2019 г. стана член на Друштвото на писателите на Македонија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови. Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена како радиодрама, во продукција на Театра – Скопје, (2013).

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ