Во сиви денови се убедувам
дека мајка му на Сонцето
не му дозволува да излезе надвор,
па тоа е во својата соба
и послушно чита лектира.
во сиви денови голтам чај
и цртам исклучиво со жолта боја
сакајќи да го покријам
извичникот што нагласува
колку голема ми е тагата,
а можеби и ќе стекнам навика
како Ван Гог
од жолтата боја да јадам
надевајќи се дека ќе поттикнам среќа,
надевајќи се дека јас ќе бидам сонце
што топли и сјае
наместо студен мразулец
кој в миг ќе се откачи и ќе падне,
а по своето кршење ќе се стори
само едно мало вирче.
се исправам пред тебе
како планина
ти нудам сенка
засолниште но и страв
ти нудам ѕвездени разговори
занеми пред мојата големина
љуби ме како што се љуби слобода
засолни се во мене
иако сум непозната височина
остави ме да бидеш
остави ме да ти бидам
најголемата љубов
отфрлена во сенка и од страв.
сакам да ги испружам рацете
доволно, за да го допрам градот
во којшто сакам да постојам
да ги обгрнам моите колена
да ги затворам очите
и потоа да се разбудам среќна
да имам што да напишам
кога светот ме боли
сакам да познавам некого доволно добро
за да знам
која плејлиста ја остава со часови
и која песна го боли
сакам да испеам моја болка
во ритам што ќе биде сакан
за еднаш да почувствувам сочувство
за мојата ранливост
сакам да ти видам в очи
во кој град
сакаш да плачеш над својот немир?
Викторија Ангеловска (2002, Скопје) е студентка на Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Скопје. Авторка на стихозбирките „Станица 15“ (ПНВ Публикации, 2018) и „Ноќта сѐ знае“ (ПНВ Публикации, 2023). Учествувала на интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска, на „Астални проекции“, на „Прво па женско“ во МКЦ, на „Отскочна даска“ во рамки на Скопскиот поетски фестивал, на „Поетска епизода“ во организација на „Култура Бета“ како и на други поетски читања во земјата. Нејзини песни се преведени на хрватски јазик и објавени во списанието „Поезија“ и во хрватската антологија на современата македонска поезија „Pronađena riječ“ („Пронајден збор“, 2023, ХДП).