Elementi Logo

КОЈ ЗБОРУВА ТАМУ

Backgorund

КОЈ ЗБОРУВА ТАМУ

се мери со утринската сенка
неизмиениот
гордоста му виси
како цигарата на усната на хемфри богарт

кога сите се собираат на плоштад
да ги провираат прстите со гнев кон небото
колку што крв да им тече
тој ги собира другарите на веселба
им соли памет со лиценца

насекаде случајно го наоѓаш
како гурелавиот син ангел
прво со многу одек му пристигнува фирмата
потоа тој заедно со дванаесетмина зад себе

оној ден кога со цигара в уста ме поздравува
грбот ѝ го вртам на жена ми в кревет

во златната доба на Чичко кој им ласкаше
многу знамиња држеа в раце
повеќе за инает на Татко
што му се згрутчуваше крвта за една птица
во крвавите априли со синовите на Чичко
со зелени алишта одеа на лов
кога се одмораа под даб
јадеа месо од теле што уште цицало
со лисја ја бришеа крвта од чизмите

денес
по кафеани го викаат
на чело место му прават
го честат
да им зборува со огнен јазик
на таа маса за мене нема место
за мојата чаша и јазик леден
кристал

со шарениот филџан в рака
им кажува што јаделе синоќа
утрешнината не знаe да им ја чита
ниту во нежните им дланки

БИСТИ

Скулпторите не се оптоваруваат со верноста на линиите
а бронзените луѓе се сепак убавци
над нивните глави лисјата се вознемирени
и изѕемнатите љубовници под дрвјата во паркот
се вознемирени од нивната бронзена тишина

На сцената се крева завесата
кога ги влечат овие убавци со трактор
се крши тогаш нивниот метален поглед
и ги преплавува улиците плоштадите
со предавства лаги заговори омрази

многу привлечни се занемарените бисти
кога некој измет на гулаб или чавка
им го валка правилниот нос
моите бисти комуналното не ги заштитува
и така ја повредува мојата гордост со шамија во рацете
а низ патеките во паркот еден дедо замавнува
„Тој крадец ми ги дрпна двете крави“

(Од поетската збирка „Кога љубовта се троши како креда“ во издание на Готен, Скопје, 2017)

Превод од албански јазик: Линдита Ахмети

ЗА АВТОРОТ

Лулзим Хазири

ЛУЛЗИМ ХАЗИРИ (1962), поет и активист за човекови права. Автор е на поетските збирки: Песната се раѓа во самотија; Кога вратите се отвораат со ѕвона; Излез од сафари; Самотија обесена како број на порта; Кога љубовта се троши како креда, како и на колумните Албански рокенрол! и Црно на бело. Преведен е на англиски, француски, романски, македонски и хрватски јазик.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ