Elementi Logo

РОЛЕРКОСТЕР

Backgorund

РОЛЕРКОСТЕР

4.

Емил, шета на трака во теретана, на ушите му се слушалки, разговара телефоном.

ЕМИЛ

Да, така ми е пропишан тренерот, кардио тренинг, дваесет минути шетање, па десет минути трчање, јас му кажувам, јас ако потрчам минута тоа е кардио крај или ти инфаркт другар, а тој ми кажува, само ти се чини така сега, само полека… И јас сега треба да му верувам, со душата во носот,…. Со вера во срцето, и душа во носот. …

И тогаш си помислувам, а што јас другар си го правам ова себеси, јас се сакам, зошто тогаш сум мазохист, каде сум пошол, каде трчам кој мој, другар, спринт кон гробното место, што…. Ма не, не сум морбиден, па зошто, само сум реален. (Отпие малку вода од пластичната флаша).

Заради риби? Ма дај, па немаме повеќе дваесет години, … Аааа… баш затоа! Па во право си, добро, ако е за риби, еве шетам другар, ќе се стегнам и ќе ми чука саатчево како швајцарски часовник. …

Па има таа како… од мојата поранешна риба,  другарка,… да Анина другарка,…. не сере, имав и други риби освен Ана… не е битно… Е таа Светлана, па што би ти рекол… се е тоа во ред, ама таа сака само едно!  Но неее, не тоа што мислиш, не сум јас таа среќа, таа го сака мојот генетски материјал, … Немој да се смееш, јас сум мртов сериозен. Повеќе мртов отколку сериозен, ама шетам брат, шетам, ќе ја газам оваа лента.

Знам другар, ама види, реално, светот одамна отишол по ѓаволите, ова се неговите последни претања, и само му фалат моите потомци па да пропадне сосема, па да, … И јас сега гледам, искрено, работата ми е супер, парите сосема ок, станче, коли, па ете тука е и таа Светлана, паѓа по некој секс еве, летување, скијање… Ок, мора понекогаш некој компромис да се направи, да одам во театар и слично…, ама да, гопреживувам и тоа.

Ама таа запнала за дете, а не оди природно, мораме вонтелесна, лекари, анализи, мачкање, нејзините хормонски инциденти, драма, лудило… дали е, или не е… Тогаш, кога ќе се роди детето, тогаш плаче цела ноќ, потоа се разболува, потоа школа, па домашни, па спортови, одведи, доведи… па јас сине имам само овој еден живот, немам втор, и нема бтој Господ кој ќе ме упати во тој хорор. Па ете, твоите малечки, сигурен сум дека стотина пати на ден кажуваш, што ми требаше ова во животот,… па ете видиш, знам… Сè знам другар…  

 

(Брише пот од пешкирчето кое му стои околу вратот).

Јас кога ќе дојдам кај вас на слава, по половина час ќе ги убив другар, да се мои…

…Ма секако, човек мора да биде свој, да биде храбар, да каже марш конвенциите, да се подигне против системот, против шаблоните во кои нè натепале! Јас сум слободен човек. Ѝ реков синоќа, види Светлана, нема бога ќе одам утре на клиника, значи нема шанси! Кажи ми дека сум слабак, дека сум кукавица, дека сум егоист…, ама нема шанси. Заборави.

И одам утрово.

Па како како, па убаво, од каде знам како, жената ме хипнотизираше, омаѓија, ми даде нешто да пијам на квасно, ми блокираше привремено мозокот, вештерка, од каде да знам… Одам другар на клиника, декламирам податоци како автомат, саатчево ми работи како лудо… давам крв, ми ја влечкаат онаа работа во мојата работа, сите ѕвезди ги гледам и викам во себе, зоштооо ова си го правиш кретену!

Не, таа ми го отстрани мозокот привремено, сфаќам дека е сега во главата, ама каде беше утрово другар, јас тоа не би знаел да ти кажам. 

И ќе поминат анализите, ама за материјалот беше малку потешко. … Каков материјал. Па генетски. Влегувам во таа соба, седам На масата, тоа е сè убав дизајн, еротски магазини на столчето, голем ТВ ако сакаш да гледаш порно… ама мирис, мириса на клиника, како да си дојден да ти вадат заби…, и јас седам малку тука, го листам она списание, некоја блондинка се раскрева, ама јас ко’ да гледам братучедка, ко’ да гледам некој мој другар… не знам… баш, ми е мака

И повторно истото прашање, па за кој мој бе тоа… И сфатив - не можам. И ја здувнав од таму. 

Како што сега, па ништо, им донесов материјал од дома попладне, и продолжив тука да се издувам, да шетам, да го усфрлам стрес. Каков материјал, па генетски!! Ме слушаш ли ти мене?

Зошто другар, помислив, ако тоа не го направам сега, па што, тоа е тоа? Утре ќе ме удри некоја кола или ми запре срцето и паф, никаде ништо. Крај, ете тоа? Адио, како никогаш да не си бил. Дух, капираш. Ма не си ни дух, ништо. Не си ништо, никогаш и нигде.

Знам, знам дека реков дека светот отишол у курац, дека пропаднал, ама можеби…, можеби ќе го спаси мојот син. Сфаќаш… Мојот син. (Се смешка и почнува да трча).

 

5.

 

Лилјана е на аеродромот, слетала во Лондон. Од звучниците се слушаат информации на англиски. И ѕвони телефонот.

 

ЛИЛЈАНА

Ана, како доцниш сине…, ма нема врска, па не морам да те чекам, ќе дојдам сама, со метро. Наравно. Во ред, знам, Chiswick park station, знам. Стигнувам.

 

Приоѓа до машината за купување карти. Ја гледа збунето, се врти околу себе, притиска на крајот некое копче. Се слуша глас од автоматот.

 

Please, press the button to start transaction.

 

Лилјана се шокира, притиска некое копче, зјапа во машината. Се слуша:

 

Choose your destination. (Таа притиска дестинација).

 

Please, touch your card. (Претура по торбата, вади картичка…) Please, touch your card.

 

Машината повторува од почеток.

 

Please, press the button to start transaction. (Лилјана воздивнува, притиска копче).

 

Choose your destination. (Повторно притиска…).

 

Please, touch your card.

 

Лилјана ја приложува картичката, се слуша:

 

Please, press the button to start transaction.

 

ЛИЛАЈАНА

Ма оди си!

 

Лилјанаго вади мобилниот… внесува број…

 

АНА

Ало.

 

ЛИЛЈАНА

Ана, овде не може да се купи карта на шалтер, мора на автомат, а мене ова не ми оди.

 

АНА

Па замоли некој да ти купи. Дај му картичка.

 

ЛИЛЈАНА

Кого да замолам, сите брзаат како да гори нешто, сите купуваат карти преку мобилен, за нив оваа машина е раритет од минатото!

 

АНА

Лилјана, петта година по ред доаѓаш кај нас, па ќе се навикнеш ли на машините?

 

ЛИЛЈАНА

Знаеш што Ана, нема. Не сакам. Сега видов како скенираат чипови под кожата на луѓе кои веќе не носат пасош. Ова е како во некој филм. Хорор филм! Почна Ана, почна.  Ќе те чекам тука. Ок?

 

АНА

Секако, стигнувам.

 

ЛИЛЈАНА

Ок, седам и те чекам.

 

Седи со куферот и чека. Го држи во рацете цврсто мобилниот телефон.

Превод од српски јазик: Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Јелена Кајго

Јелена Кајго е родена во 1969 година во Белград. Дипломирал Драматургија на Академијата за уметности, во класата на професорот Синиша Ковачевиќ. Магистрирала на Интердисциплинарни постдипломски студии при Ректоратот за уметност во Белград. Претставата „Фантоми“ беше премиерно изведена во 2003 година, во Ателје 212, во режија на Горчин Стојановиќ. Делото беше успешно изведено во театарот Шаушпилхаус во Виена, а беа организирани јавни читања во Минск, (Национален театар), Лидс, (Театар во Западен Јоркшир), Лондон (Театар Гејт) и Букурешт (Театар Одеон). Втората претстава „Интимус“ беше премиерно изведена во Народниот театар во Белград во 2004 година. Со оваа претстава таа учествуваше на работилница во Кралското национално театарско студио во Лондон, каде што соработуваше со британскиот режисер Мик Гордон. Напишала десетина драми и еден роман.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ