Elementi Logo

Втор ден за Академијата за литературен менаџмент и промоција на преводите што се одржува во Струга од 13 до 18 мај

15/05/2022
Backgorund

Втор ден за Академијата за литературен менаџмент и промоција на преводите што се одржува во Струга од 13 до 18 мај

 

„Меѓународна книжевна комуникација и промоција на преводот“ беше насловот на првата сесија под водство на Дијана Волтерс, меѓународен експерт и консултант за културно наследство. 

Оваа динамична сесија беше отворена со исклучителното излагање на Владислав Бајац, автор и сопственик на издавачката куќа „Геопоетика“, личност со огромно искуство во областа на издаваштвото и преведувањето. На почетокот на своето излагање, Бајац како клучен го истакна почетниот ентузијазам при основањето на „Геопоетика“: „Ја основав ‘Геопоетика’ затоа што имав сон“, кажа тој посветувајќи внимание на една многу значајна контрадикција во издаваштвото, а тоа е дека одлуката да се биде богат издавач не значи дека ќе бидете добар издавач. Бајац се осврна и на значајните фактори што влијаат на тоа авторите од „малите“ земји да бидат видливи во пошироки рамки, потенцирајќи го проектот на „Геопоетика“, „Српска проза во превод“, проект кој доби голем одек надвор од границите на Србија. 

Вториот дел од оваа сесија, наречен „Мапирање на полето“, почна со важната максима: „Да направиме нешто конкретно што ќе ги промени работите, мапа на она што сакаме да го видиме и да го промениме“. Во рамки на оваа сесија беа поставени три важни прашања:

  1. Кои се придобивките од поголемата промоција на преведената литература од „малите“ јазици?
  2. Кои се пречките за поголема продукција и промоција на преведената литература од „малите“ јазици?
  3. Кои се главните актери/агенти на промената што можат да ја зајакнат литературата пишувана на „малите“ јазици?

Секој од учесниците во сесијата напиша по една забелешка поврзаната со темата и по поделувањето во шест групи, секоја група имаше задача од забелешките да формира стратегија. Групирајќи ги кратките забелешки во стратешки план, сите групи создадоа мапи на потенцијалните придобивки и пречки во промовирањето на делата на „малите“ книжевности. 

„Отворен микрофон“ беше делот од сесијата во којшто издавачи, автори и преведувачи зборуваа за своите искуства, изданија и издавачки стратегии. Овој дел од сесијата донесе различни искуства. Книжевната агентка Катерина Фрагу истакна дека застапувањето на писателите има големо значење, но за неа тоа сè уште не е професија од која би можела да се живее, туку повеќе плод на ентузијазам. Ана Марија Грбиќ и Станислава Николиќ Арас зборуваа за аудио-книгите, за потребата од спојување на новите и старите медиуми во издаваштвото. Танос Гогос зборуваше за потенцијалот на книжевните настани и фестивали, Реџеп Хида ја претстави издавачката куќа „Фан Ноли“ од Тирана, а Јасмина Топиќ зборникот „Ракописи 44“.

На крајот од оваа многу динамична и продуктивна сесија Јана Генова истакна дека секогаш треба да се има предвид дека „преведувањето е двонасочен процес“.

Една од најважните максими на овој интензивен и продуктивен ден на Академијата беше дека издавачите, авторите и преведувачите треба да имаат длабок увид во книжевниот контекст со кој се занимаваат, а промоцијата на книжевните дела претставува врв на овој процес.

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ