Во некои книги пишува дека тоа што е долу е исто како тоа што е горе, и дека тоа што е горе е исто како тоа што е долу. Долниот свет е отсјај на горниот.
Повеќето денес веруваат дека лицето на Господ го заменило огледало и дека фреските се само одраз на небесниот свод, кој секојдневно се затегнува во обрач.
Ако не се прифати како факт, тогаш нека остане како симбол.
Најверојатно Фројд и Палама на момент се почувствувале толку блиску, биле далеку од своите сакани одаи, далеку во некој преубав остров.
Повторувам, ако не е факт и ако не се најде на друго место запишано, тогаш останува вечен симбол.
Палама, слезен од високите ќелии на Атос, како драматизирана фреска, со солзи неизбришани клекнат врз ладните камења, повторно плаче за целиот свет.
Ги истроши солзите бришејќи ги фреските. Невидливи тешкотии и леснотии на постоењето.
Пред да слезе удолу, седна и почна да јаде некои слатки корења. Копајќи, најде некој пергамент, кој не брзаше да го прочита, но му се виде интересен бидејќи насловот беше долг и гласеше: „Човекот од минатото, готов да обеси, да убие, љубовник, апостол на доброто и злото, револуционер, непатетичен херој, создавач на историјата“. Име – непознато. Го отвори крајот и на него пишуваше:
„Ова е дело со изразитa теза од која навира една разбранувана слика која сугерира едно вековно истрајување.“
Ве молам за толеранција!
Знаете дека на овој преубав остров е и Фројд и се надевам дека ќе ми биде простено што овде ќе наведам неколку цитати од неговите студии за хистеричните феномени, каде што тој вели дека „многу од хистеричните феномени, најверојатно повеќето, се идогени“.
Не е чудно што тој ги опишувал хистеричните феномени на тој досега непознат остров, затоа што таму го набљудувал и студирал Палама.
Ако не е факт, нека остане како симбол, сеедно.
Се рекло дека сите луѓе се раѓаат аристотелски или платонски. Патем, Фројд купува бадеми и суво овошје и испушта густ бел чад од ориентална цигара. На тезгата, син и татко. Синот го гушка таткото, среќен е и заштитен.
Ах, тоа е глас на суперегото, помислува Фројд и заминува.
Завладеан од лесен сон, монахот исихаст Палама заспива на брегот и сонува глас кој вели: „Зошто дозволуваш виното залудно да се излева?“
Петте века што физички ги делат Фројд и Палама на овој остров не значат ништо. Знам дека повторно ќе бидам обвинет за лудило и шизофренија, вербално каменуван и казнет. Но нека. Сакам да кажам дека нивната средба била неверојатно долга. Се сретнале сакајќи да се сретнат.
Толеранција уште малку, ве молам!
Можеш ли да ја замислиш мојата анксиозност измешана со љубопитност и задоволство? Пропатував цели царства психијатриски клиники и колку што се сеќавам, моите маки почнаа кога сакав да дознаам повеќе за човечката душа. Слушај, Палама, зедов малку кокаин за да ми се разврзе јазикот. Те бакнувам во челото!
Фројд наеднаш заплакува, во хистерија, во бунило. Од џебот вади мала икона на која, во напад на хистерија, му ги ископал очите на Исус. Своите солзи ги става во црните дупки на иконата кои очи беа.
– Во борба си против смртноста на животот – изговара Палама.
Падна ноќ. Месечината ја имаше истата боја како бојата на песокот. Разговарав со едни филозофи, вели Палама, кои мислеа да се продолжи животот на луѓето (па и до бесмртност), значи да се продолжи нивната агонија и да се помножи бројот на нивните смрти.
Потем, Палама го зема останатиот кокаин.
За дружењето на Палама со кокаинот не прочитав во „кокаинските афери на Фројд“.
Завршувам, завршувам! Верувајте, и мене лудилото ме испи.
Што сакав да кажам... А, да! Ајде сега, драги читатели, разделете го нормалното од ненормалното и дефинирајте што е нормално, а што ненормално?
Се прашувам дали Фројд отишол во минатото или, пак, Палама во иднината? Не знам ни дали нивните средби биле физички или само астрални. Но знам едно, времето како четврта димензија е вметнато во просторот и така се добива минато – сегашност – иднина. Ако е така, се прашувате ли кој е тој херој, создавач на историјата?
Имено, во психијатриските бележници е запишано дека досега имало само еден човек кој имал празнина во свеста. Така, бил како пустина. Врел песок и фатаморгани. Психијатрите долго се обидувале да откријат што има во таа негова празнина, од што е сочинета?
По извесен период, кога сите си го купувале Господ Бог испечатен на хартија и го залепувале на своите ѕидови и ретко оделе во црква, човекот со празнина во свеста направил кула од камења. Потем триел два камена и запалил оган, и кулата почнала да гори.
Се разбира, на Земјата има многу камења, но тој поставил научен доказ дека каменот може да гори!
А што е со вековното истрајувње? Волшебниците велат дека вековното опстојување се должи на едно големо огледало кое го држат архангелите, горе на небото, и така ние сме само слика на горниот свет. А психијатрите? Тие запишале: „Неизлечлив и чуден пациент.“ Еден психијатар запишал: „Ова е приказна што не сакавме да ја чуеме и од каде и да тргнеме, се потсетуваме кои сме и од која црна дупка сме излегле. Тaa приказна само нè потсетува на валканите чевли, на посраните гаќи и на лошиот здив во устата од кои не можеме да се ослободиме, зашто ние, драги мои, ние немаме намера да се менуваме.“
Сабајлето и двајцата си ги погледнуваат лицата во огледало, за да знаат кои се, а сигурно не го виделе Бог во одразот.
Ако не е факт, нека остане симбол! Но мислам дека е факт! Фактот дека се сретнале со своите астрални тела!
Психијатрите им велат на обичните луѓе да излезат, да го прошетат кучето, да се напијат кафе, да испушат цигара и, ако чувствуваат вознемиреност (а таа доаѓа од тресењето на небесните сводови), да се напијат анксиолитик и антидепресив. И толку. Па да, толку.
Од друга страна, магионичарите и алхемичарите велат: Каква величествена работа на несвесното! Персона значи маска. Персона е маска зад која се кријат нашите растреперени души пред светот. Не постои никаква потрага по „духовен персоналитет“ како потрага по нашето исконско битие, по нашата посебност. Постои само нашата потреба да се скриеме зад маска (персона) и да облечеме некаков историски костим со наивна верба дека нема да откријат какви сме навистина. Станува збор за самоизмама, за бегство од светот и од стварноста, за ужас пред менливоста и минливоста на светот, за страв на преплашено животно што се вкочанило пред непознатото кога ја кренало главата и го погледнало светот и над него бескрајното ѕвездено небо.
Тука минатото никогаш не запира, иднината никогаш не започнува, сегашноста никогаш не завршува. Сè е овде сон од кој не можеме да се разбудиме. Сè е хибернација, халуцинација...
Одам по утринската доза антидепресив и антипсихотик. Па веројатно ќе го прошетам и кучето...
Димитар Арнаудов е роден во 1988 година во Гевгелија. Има завршено средно гимназија и високо образование Земјоделски факултет при УКИМ. Во своето кратко творештво има издадено две поетски збирки "Каучот на Фројд" и " Ѕвезден часовник", при што за втората збирка има добиено антев златник. Исто така има освоено "Гран при" на манифестацијата " Литературни искри " во Гостивар. Неговата поезија и проза е застапена во Современост, Зенит и други списанија од областа на културата