Elementi Logo

РАСПРСНУВАЊЕ

Backgorund

РАСПРСНУВАЊЕ

Меѓу прстите лизгаво цвекло, крвава,

жива. Разговорот со баба смирува, баба

се грижи за утрешниот ручек и за зимницата. Низ

руменилото на цвеклото, вратената боја на лисјата. Баба

раскажува за кавгата околу поседувањето пусти ниви.

Низ кората на цвеклото, вратена во средиштето на Земјата.

Баба немаше замрзнувач за во него да го замрзне своето

сеќавање. Распрскани ливчиња од цвекло од подот до таванот,

од жена до мајка, од баба на внука. Сокот од цвекло во

моите пори... кога би можела само да го разлијам по

очните јаболка, да го видам светот еднаш низ

срцето на цвеклото: на баба да ѝ раскажам приказна.

 

ПРЕДАВАЊЕ И МИНЛИВОСТ

 

За Мери Оливер

 

Се откажувам, не можам да го опишам

инсектот, чијашто денешна цел е да се качи на мојата

чинија.

 

Пред нас чиста светлина доаѓа од отворениот прозорец.

 

Наидувајќи на препрека, стаклен сад со бадеми, дамкавиот инсект паѓа на грб,

но истрајува, дури и кога ќе му се заканам со целосно затемнување на Сонцето.

 

Не знам да го опишам, тоа битие што има сосема поинакви намери од моите,

да напишам денес текст, да изменам реченица што е престрога,

да сфатам зошто љубовта постојано ми се измолкнува.

 

Секогаш податливо сама за ручек,

размислувам за силата што нè придвижува,

за предавањето и минливоста, а тој ги приближува своите ножиња.

 

Обајцата бегаме од светлината.

 

РАСПУПУВАЊЕ

Ако одам уште подлабоко,

ќе знам ли да се вратам?

Четири се страните на светот

и барем уште четири за напуштање.

 

Едната е ѕвоно,

чело и вртимушка,

круг што е самата тишина.

 

Втората е оска,

ме пронаоѓа и ме допира.

 

Третата е страв дека секоја ќе ме однесе на исто место.

 

Четвртата е море.

 

Ако одам уште подлабоко, ќе знам ли да се вратам?

 

Ако се проширам, ќе ме поткастрат ли како овошка во пролет?

 

УСТА ПОЛНА ЧОКОЛАДА

Уста полна чоколада, а не смеев,

не смеев

На хоризонтот уште една дигитална смрт

 

Забрането е: храна, движење, чувства

 

Прстите летаат по кујната, од чинијата до лажицата,

од лажицата до вратот

 

Одеднаш исчезнав

 

А не се ни обидев да се искачам по највисоките скали,

не заборавив да го претворам кислородот во CO2 ,

не патувам подалеку од ходникот на зградата што ја викам

Хотел Тврдина

 

Надворешните тврдини ги прикриваат внатрешните

 

Местото на разликата се сведува на бојата на кожата

 

Точката на болката постојано се изместува

 

Жариштето е на врвот на јазикот

 

Не, во градите

 

Во зборовите на сестра ми што ги гледам само на белиот,

светлечки екран

 

Зима, снег, или ружина вода – ништо од тоа

Само чоколаден крем, нејзината детска смеа, и престанав да дишам

 

Препевот од хрватски е на Јулијана Величковска.

ЗА АВТОРОТ

Кристина Шпиранец

Кристина Шпиранец (Забок, 1987) е поетеса, книжевна критичарка и професорка од Бедековчина. Магистрирала хрватски јазик и книжевност, како и компаративна книжевност. Во 2012 година учествувала во проектот „Критисајз дис!“ (“Criticize This!”), во чии рамки на бројни интернет-страници објавува низа книжевни критики за современи дела од автори од регионот. Продолжува да пишува книжевни критики за порталот „Букса“ (“Booksa”), како и за списанијата „Тема“, „Агон“, „Књижевна република“, „Поезија“ и „Хрватско загорје“, а во емисијата „Брилијантин“ ги претставува делата на современите хрватски автори. Од 2015 година е претседателка на Стручната оценувачка комисија на книжевната манифестација „Сусрет ријечи“, а од 2020 година одржува работилници за креативно пишување за средношколци во рамките на манифестацијата „Денови на К. Ш. Ѓалски во Забок. Досега има објавено две збирки поезија: „Додека не ме скршиш“ (Штајерфраф, 2015) и „Зад срцето, град од капини“ (МеандарМедиа, 2024), како и книга со критики под наслов „За неопходноста на поезијата. Избрани критички читања“ (2024). Во 2025 година ѝ е доделена повелбата за успешност „Јулије Бенешиќ“ за објавената книга со критики.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 19

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ