ГАЗЕЛИ
За некои жени се вели
дека чекорат како газели
не се знае дали
поради нивната брзина во галоп
или поради грациозноста на нивната става
но секако во тоа се кријат
знаењата за тајните колку долго
можела да трча златната кошута
со Хераклeвиот чекор зад неа
или колку бргу се преобразила Дафина
во некое бујно стебло
пред да ја стигне
вљубениот Аполон
Не се знае исто така
дали тие жени сè уште
се љубителки на своите прогонители
или одамна ги замениле
со некои грабливи ѕверови
НЕВЕСТИНСКО КОВЧЕЖЕ
Често си велам дека
Пандорината кутија
би можела да ја замислам
како кутија за накит
и други скапоцености
Не дека од таму излегле
најголемите лошотии
туку дека во секоја куќа
во која растела млада мома
имало таква кутија
за заборавени скапоцености
невестинско ковчеже во кое се чувале
оние работи што никому
никогаш не му се дале
фрлени како во вечен заборав
работите што веќе
никој не ги носи
никој не ги спомнува
златните обетки
сребрените токи
срмените колани
бисерните ѓердани
филигранските брошеви
небаре погребани
кога ќе завенела убавината
на претходните сопственички
за одново на нив да се сети
онаа во која убавината
повторно ќе расцути
ИЗГУБЕНО КРАЛСТВО
Кој да знае што им се случило
на газелите на кралицата од Саба
Зоолозите можат само да си ги замислуваат
дури им претрчуваат пред очи
во книгите за изумрените видови
Дали кралицата од Саба
дозволила нејзините ловци
премногу да им се доближат
на нејзините газели
или желбата на тие грациозни суштества
била да станат толку недостижни
што во нивниот величествен скок
преминале од другата страна
на постоењето
Никој ли не виде
со каква љубов ги гледаше
кралицата од Саба
дури го претрчуваа нејзиното кралство
како најскапоцен дар
за најмудриот цар
СОЗДАВАЊЕ НА ЖЕНАТА
Многумина сакале да ја создадат жената
Многу скулптори, вајари, сликари
па дури и славниот ковач
останувале занемени
пред чудото што го создале
Не се памети дека кој било
кога било можел да ја отфрли
помислата на тоа тело
И дека секогаш низ времињата
тоа однекаде воскреснувало
таа глинена божествена статуа
низ ископувањата на археолозите
иако со трупот на една
а главата на друга страна
како што тоа еднаш дамна
му се случи и на Орфеј
ТАЈНИТЕ НА ЛАВИРИНТОТ
Се верува дека во Египет
постои подземен лавиринт
во кој се чуваат атлантидски списи
и кој е насликан со многу хиероглифи
од кои древните архитекти
го научиле занаетот
на градење надворешни
и надземни градби
како што била Палатата во Кносос
во која исто така се наоѓа
еден лавиринт
Само прашање е
сакал ли древниот архитект
да ни даде до знаење
дека и египетскиот бог
на плодноста, Мин, во облик на бик
кого го обожавала божицата Изида
и носела круна во форма на биковски рогови
со сонце среде нив
токму преку тие подземни канали
или попрво преку тие подземни списи
стигнал и на Крит
и станал ништо друго туку – Минотаур?
Сузана В. Спасовска дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Објавила седум стихозбирки, а една од нив, Пеперутка од пепел, била и во најтесна конкуренција за националната награда за најдобра поетска книга „Браќа Миладиновци“. Во 2021 година ја објавила научната студија за слободниот стих Слободата на стихот, што е нејзината магистерска теза. Од 2017 година е ангажирана како предавач по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот Американ колеџ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Главен уредник е на електронското списание за литература и други уметности „Блесок“.