Elementi Logo

МЕСЕЦИТЕ И НАШЕТО ВРЕМЕ

Backgorund

МЕСЕЦИТЕ И НАШЕТО ВРЕМЕ

(Кон романот за деца и млади „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска, издание на „Три“, Скопје, 2025 година.)

 

Првиот роман на Лидија Димковска за деца и млади, едноставно наречен „Тринаесеттиот“ е младешка хорника која совршено убаво се вклопува во секојдневието на комплицираниот дваесет и први век. Додека го читате овој густ со дејствија роман, имате чувство дека целата, извонредно и комплексно разгранета урбана структура, има свои корени во нашиот митолошки маѓичен „реалитет“, дека ликовите, извлечени од хуманата живост невлегуваат во една чудност која не збунувам, туку мотивира. Сите дванаесет месеци, кои во овој роман се наименувани по македонските архаични имиња на месеците се станари на зграда во која егзистираат како семејство и создаваат живот кој ги има сите неприлики на денешното социјално и општествено милје. Она што одушевува во овој роман е особено органичната поврзаност на денешното со архаичното време, судирот на две митологики: урбаната на дваесет и првиот век и онаа која излегува од македонските преданија во приказна која е исклучително питка и инспиративна, напишата со стил кој е оригинален и доследен до последниот збор. „Тринаесеттиот“ е приказна која во себе содржи сочни ликови и дилени, со сите неволји и тешкотии кои ги носи денешното време. Но тоа не би била приказна за млади кога не би имала и еден централен лик што се наоѓа во таа зграда баш случајно, но станува стожер на сите дејствија. Тоа е ликот едноставно наречен Оф, лик кој има една многу благородна амбивалентност околу која Лидија Димковска ги отвора сите прашања на современиот техницискички свет, каде што има и Чет Џипити, социјални мрежи, но има и една убав, неизбежен традиционализам кој подразбира семејна и брачна поврзаност. Од друга страна сите проблеми на современиот свет се ставени во рамката на актуелноста, па така младите, а и децата во оваа приказна можат баш конкретно да се сретнат и со тринаесеттата плата, штрајковите, но и со ЛГБТ заедницата, посвоеноста на децата итн., со целата голема слика на комплексноста што на носи бурниот дваесет и први век. 

„Тринаесеттиот“ има и една многу интересна карактеристика која плени во структурална смисла, а тоа е неговата интерактивност. Во секоја глава од оваа прекрасна приказна авторката инсистира на прашања кои го бараат мислењето на малдиот читател кои се однесуваат на многу чинители од современиот живот, какпо што се: Знаеш ли што е тоа умисла?, па прашања кои се однесуваат на архаиката на македонските зборови: Знаеш ли што е тоа саклет итн. Овој сегмент од романот ги наведува младите да го  развиваат својот критички однос кон сите појави во животот,како и да ја зајакнат свесноста за целата сложеност на светот што не  опкружува. Приказната за дванаесетте месеци, за големата и Крупна Година, за агресивниот Жетвар, за Јунец кој плука змијулчиња, за нежната Марта цутарска, како и за сите други месеци, кои со многу интересни лингвални фигури ни ги донесува и како ликови пред да започне дејствето, станува епопеја во која конечно сите се во потрага по човековата доблест и по своето место во едно општество кое, како што вели писателката е и традиционално стамено, но и техницистички веријабилно. „Тринаесеттиот“ е конечно, роман кој не само младите и децата, туку и нас не потсетува на тоа колку животот може да биде игрив и пребирлив во исто време и колку ние, како негови чинители, мораме да го проживееме она најважното:  а тоа е зедништвото. Се чини затоа Лидија Димковска одбрала зграда, урбана комуна, преполна со различни карактери и влијанија, но и со многу биографии кои се спојуваат во една целина во која архаиката и традицијата низ фантастиката се вовлекуваат во современите текови на денешното време. 

Читајќи го овој роман, кој авторката не го наменила само за младите, туку и за возрасните, имате чувство дека сите дејствија и ликови ве обземаат и ве вовлекуваат во своите дамари за сепак, во некоја од нив да си ја препознаете и својата и токму низ интерактивните сегменти да си ги препознаете круцијалните прашања за смислата на својот живот кој на многу наврати ќе каже „Оф“, токму како името на главниот лик, но многу пати ќе ни понуди и надеж за побрзо да ги пребродиме неволјите, како што тоа го прави целаата заедница на месеци во зградата во која се добредојдени сите. 

Овој роман плани со својата опригиналност и со благата алегоричност која извлекува една хумана линија за која сакале, не сакале се закачуваме и успеваме да ја дофатиме неговата порака, а таа е: месеци или луѓе, ние сите пловиме по слаповите на времето кое мораме да го искористиме на најдобар можен начин за на човештвото да му оставиме уште една причина за да го продолжи својот вид.

 

Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Сашо Огненовски

Македонски писател и комуниколог. Неговата книжевна библиографија вклучува пет поетски книги (Лавина, 1995; Плодовите на пеколот, 2014; Пустински цвет, 2015; Шума, 2018; Менување на минатото, 2019), две книги со детски пиеси (Обична бајка, 2002; Магичен компас, 2011), две пиеси за возрасни (Тага, 2012; Тврдина, 2016) и два романи (Сивиот плоштад, 2019; Турнеја, 2020), како и голем број на трудови од областа на комуникологијата, семиотиката, мултикултурализмот, театарот објавени во разни списанија и презентирани на голем број конференции низ светот (Гетеборг, Осло, Милано, Белград, Скопје, Нови Сад, Лондон итн.) Неговата последна пиеса Тврдина е објавена на англиски јазик од страна на издавачката куќа Лулу од Јужна Калифорнија, САД, додека неговите детски пиеси се објавени на српски јазик од страна на издавачката куќа Алма од Белград. Пишува осврти, есеи и колумни за македонски, српски и англиски портали. За неговата поезија е добитник на наградата ИВА БОГДАНИ од Приштина, Косово, наградата на Црногорската асоцијација на преведувачи и меѓународната награда „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво од Риека, Хрватска за најдобар роман и за особени заслуги во литературата. Неговите дела се преведени на англиски, српски, албански, индиски, арапски и хрватски јазик. Главен и одговорен уредник е на книжевното списание Книжевни елементи и на веб списанието Елементи.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 21

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ