Унинието на твоето срце
Станувај ајде,
знам дека си мрзлива, драга.
Но станувај, да бидеме заедно
агапето со твојот Бог да не го прекршиш.
Се чувствува, драга
твојата одбивност кон религијата
нашата религија љубовна,
а ти си паднала во униние
па не му се молиш на Бога,
не ни се молиш нам.
Па станувај да бидеме заедно
унинието изгледа посилно е сепак
па така
остани
со твоето срце.
Срцето нам посветено,
но мрзливо.
Дијаболичноста на нашата еротика
Парадокс те мислев,
но не си ми спротивна.
Спротивност те мислев,
но не си ми различна.
Различна те мислев,
но не си ми далечна.
Далечна те мислев,
но ти си ми љубена.
Љубена те мислев,
два пола сме од дијабола.
Светоста на нашата еротика
и близината обична.
Дихотомична двојност,
а едност сме сторени.
Далечна те мислев,
но ти си ми љубена.
Парадокс те мислев,
но ти ме надополнуваш.
Спротивност те мислев,
но ме изедначуваш.
Различна те мислев,
но една душа сме сродна.
Далечна те мислев,
но ти си ми љубена.
До тебе и до Тарковски е проблемот
на секоја реплика од секој филм на Тарковски
што сум ја поврзал со тебе
И не е до мене проблемот
што заљубувањето и мислите кон тебе
форма си наоѓаат,
немам толкава сила, ниту разум
да пронајдам убавини за тебе
до тебе е, драга, што постоиш
и што си некаква Муза
што Бога до мене го плетеш,
а до Тарковски е проблемот
што поради неговите кадри
ти форма во песниве добиваш.
И не сум јас крив што не можам да се сопрам,
а зборови доаѓаат
ти низ нив проаѓаш,
а до Платон е што ми разјасни
како тука, баш во овој збор пристигнуваш,
а Демокрит уште пред него потврдил
дека во право сум што сум вдахнат.
И не сум јас виновен
за твоите проблеми што во мене решиле да поседат,
па што успевам да ги решам
и во уметност да ги престорам,
до тебе е, драга, што во мојата суштина се населуваш,
а Тарковски е проблемот што тоа го согледува,
го кадрира во стихови
и во песна го пишувам.
Не е до мене, до тебе е, драга,
не е до мојот вдах, до Тарковски е проблемот.
[песните се дел од стихозбирката „Молитвени дискурси“ (2022, ПНВ Публикации)]