Малку повнимателните шетачи не можат а да не забележат дека низ Скопје се почесто мпжат да се најдат чевли фрлени или оставени среде улица или на тротоар. Не, не станува збор за излитени обувки кои обично се оставаат покрај контејнерите со надеж дека ќе ги најде некој сиромав или бездомник. Ниту пак за патиките врзани со врвките една за друга или закачени за електрични или телефонски кабли. Понекогаш е тоа само еден чевел, небаре некоја скопска Пепелашка го оставила з да фо најде својот принц, а понекогаш се два чевела кои го збунуваат случајниот пронаоѓач
Ако некогаш наидете на овие чевли погалете го нежно градот и допрете му ги стапалата. Под прстите ќе ги почувствувате плускавците на Скопје, градот што очигледно не ги нашол чевлите. Во кои му е удобно. Фрлените обувки се доказ дека случајот е ист и со многу скопјани. Од некоја непозната причина се уште не сум ги забележал како трчаат низ улици и сокаци, слободни и боси. Но, еве, во моментов, во знак на некаква заговорничка солидарност, ги соблекувам и своите патики. И се кикотам.
(Од збирката раскази „Скопје – изгубените чевли на градот“ во издание на Или-Или, Скопје, 2020)