Исповед
Јас сум
заскитана прашинка
на осамена улица.
Се чудам
зошто душите
се закоравени
како засушена мов
на осамено сокаче.
Се спојувам
со агонијата
на несфатливото,
заробена сум
во магичното постоење.
Се прашувам
за гладта во душите.
Посегнувам по она
што заситува.
Погледот искривен
од матни сеќавања.
Мислам едно,
толкувам друго.
Ех, да можев
болката да ја исплачам!
Ех, да можев
мудроста да ја возвишам!
Душа скитничка
Душа скитничка
се лепи на туѓи улици,
чекори низ туѓи улици.
Чекори низ празни
и тешки ходници.
Душа скитничка…
Времето испарува,
мислите добиваат
божествен лик.
Во моментот
кога стануваш човек –
си го нашол Бога во себе.
Ѕид
Гледајќи во пукнатините на ѕидот,
ја набљудувам празнотијата во себе.
Ѕидот е ишаран со разни шари.
Времето ги одронило лушпите на ѕидот.
Овој ѕид е мрачен и тажен,
времето му оставило трага.
А мене времето ме казнува сега,
со тоа што ме потсетува
на минливоста.
Нека се сруши ѕидот,
и со него
нека се сруши
мојата претстава
за Времето!
Од поетската збирка „Јанѕа“ во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2022