БЕЗИМЕНО ПРИСТАНИШТЕ
книжарницата се викаше Точка
во неа ги сретнуваше поетите со
маст од бурек на брадата и
воените злосторници со фини манири
пред ти да си заминеш од
земјата што ве предаде
купи библиотека од стихови
на човекот со име Лудвиг па Јехуда
наукот му беше прост – заврши пристаниште
и кога бродот одамна ќе ти изгние
нема веќе предавничка земја
ни море
ни брод
ни Јехуда
ни Точка
само млаки врсници
на се се потсмевате заедно
додека не ве заболи вас
се уште се спушташ во каменоломот на јазикот
потпукнуваш со старите прсти за светилникот
на сред пристаништето за кое не знаеш ни
како се вика
ЗАД БЛОКОТ
приградски пазар
кошавата ги прелистува весниците
потечена позната фаца
и овде дише до вратот
што и да зине претседателот
тој под тезга пишува
сред брезините крошни
висат ќеси
како стари мадиња
на бандерите на некролозите
ликот е насмеан како никаквец
веројатно – од некоја милина
напукнат облак – градските струготини
ги залива со нешто милост
светлината допира и сечила и лузни
па сонцето запира
во окото на убиецот и окото на девицата
во плиткото на твоето око
пред да потоне гневно
зад блокот
ЗЛАТНИТЕ ОСУМДЕСЕТТИ
никако да се сетиш зошто си бил очаен
од златните осумдесетти наоколу
синовите на пролетерите со вроден дар за
надуеност синови на избегани капетани
недоделкани како коали со трегери
во смешен обид да изгледаат како
заебани панкери
тогаш сите тие типови полни со студен гнев
палавата младина пее на родендените
лили марлен додека селските деца по работните акции
се уште се дерат со десетерските маршеви
во босанскиот велеград девојките никако
да ја усогласат честа и страстната желба зашто
честа заедно со петингот
е надобра контрацепција
осамен крај шанкот ти чекаше
таа деценија да помине како казна
нешто кажуваше дека се уште не сте стварни
дадено ви е да с епронајдете
далеку од тоа место
и никако нема да с еразбуди
пред првиот истрел
(од циклусот „Златните осумдесетти“ од новиот ракопис)
Превод од босански јазик: Сашо Огненовски