НЕВАЖНА РАБОТА
секој нерв од моето тело
се грчи
во моментот на невнимание
кога на бутината
ми се спушта дланка
правејќи од мене
уште една неважна работа
која само служи за да
му даде потпора
БЕВМЕ ДОБРИ МОМЦИ
растевме слично
на спротивните страни
од нашиот мал град
запишавме добри школи
трениравме кошарка
од часовите по глума
трчавме на англиски
одвај чекавме да
побегнеме таму
каде што нема да не познаат
љубопитните соседи
што по нас викаа
идеалните синови
мирни како девојчиња
убави и умни
ќе бидат сјајни зетови
ги храбреа нашите мајки
сите тие роднини
што не насетуваа
беа добри момци
некои велат дури и сега
ТАМУ КАДЕ ШТО ЅВЕРОВИТЕ ЈА КОПНАТ ЖЕДТА
бранот
врз морската шир од излижаниот тексас
додека седиме на балконот
и се допираме
само со копнеж и со голо око
пулсира
Препев од српски јазик: Сашо Огненовски
(Од поетската збирка „Бевме добри момци“, Прометеј, 2022, Нови Сад)