ТИ ЗНАЕШ
Ти знаеш дека утрата се како мали деца
и чистата свежина на отворениот прозорец
е полна со немир.
Ти знаеш дека како сонце одново се раѓаме
и ноќната тишина од претходниот ден
е бездна на споменот.
Ти знаеш дека љубовта не е правиот збор
и долгите романи на денешницата
се полни со празнина.
Ти знаеш дека веќе долго сме сами на патот
и дека трагите на непознатата двојка
пронајдени се од ретко кој.
Затоа веќе по стоти пат ме бакнуваш како да е прв
и нашата приказна одново започнува.
Меѓу нас повторно има таинствена блискост
и денот ќе биде преполн со копнежи.
ВТОРО ИМЕ
Повторно замина летото, а останав само јас,
jа носев гитарата, а таа не пушти глас.
На моите денови се збираше прав,
ти повторно донесе љубов и страв.
Дојде како птица долго што лета,
никој не те чекаше ноќта откога прелета.
Останавме сами и тргнавме далеку ние,
самотијата твоја крај мојата спие.
Во очите солзите и ѕвездите ти чинеа сјај,
тајната остана на патишта, знај.
Ми донесе сон и срце чисто,
а моето име утринава не е исто.
Се будеше денот, со сè беше полн,
на Бога се помолив за да нема бол,
умот нека го земе, сонот нека ми цвета,
слободна е душата со тебе што лета.
НЕ БИДИ КАКО ДРУГИТЕ
Донеси ми цвеќиња диво што цветаат
однеси ме во шума кај џуџињата живеат.
Покажи ми ѕвезда со името мое
кажи ми песна од срцето твое.
Понекогаш покани ме на непознати места,
под пенџере музика свикај со утринска геста.
Раскажувај за соништата иако се грешни,
довери ми ги желбите, иако се смешни.
Стори го тоа, не слушај друг што ќе рече
љубовта не е река по корито што тече
Повтори го тоа, не оди право по патот
зашто среќата не патува кон тебе во часот.
Бакни ме нежно другите дури минат,
Покани ме во градот другите кога спијат.
Со судбина жива и јунаци мртви
возовите и станиците стануваат жртви.
Препев од словенечки: Соња Цекова Стојаноска