Шеснаесет нијанси љубов
(Кон збирката раскази „Раскази за љубовта“ од Михал Вивег во издание на Готен; превод од чешки јазик: Соња Стојменска-Елзесер)
Како да се пишува денес за љубовта, таа голема, вечна, но и многу експлоатирана и измалтретирана тема? Едноставно, слободно, непретенциозно, но автентично – веројатно би гласел одговорот на чешкиот писател Михал Вивег. Овој предизвик кој звучи страшно тежок за остварување, се чини дека Вивег го реализира со голема леснотија, барем така ни се чини кога ја читаме неговата збирка „Раскази за љубовта“.
Книгата составена од шеснаесет раскази ни дава приказ на цела низа уникатни љубовни светови – како да прелистуваме некаков чуден каталог со можни љубовни ситуации и релации, добивајќи увид во интимниот и емотивниот ролеркостер на плејада необични ликови.
Она што е забележливо уште на прв поглед е едноставноста и непретенциозноста на стилот на авторот, кој како да ужива во раскажувањето приказни поради самото раскажување. Но, едноставноста никако не треба да ја поистоветиме со површноста.
Михал Вивег со лесни, куси, речиси бегли потези повеќе ги навестува и загатнува емотивните и психолошки светови и бездни, отколку што ги портретира и претставува. Во шеснаесетте раскази и најмалите гестови на ликовите или деталите во заднина се набиени со висок значенски напон. Повнимателниот читател лесно ќе ги забележи малку зафрлените патокази кои водат кон подлабоките значенски слоеви, сугестивните знаци кои се малку подзатскриени меѓу, несомнено, забавните и интересни приказни.
Особено се впечатливи ликовите кои дефилираат низ шеснаесетте љубовни раскази на Вивег. Честопати, тие запаѓаат во опсесивни состојби во љубовниот живот. Така, една жена која патува на меден месец со сопругот, во себе одржува чуден натпревар со повозрасниот пар што го запознаваат во хотелот – кој пар е всушност посреќен. Главниот лик во расказот „Дамата со кремот“ се вљубува во слика – девојка од билборд-реклама. Речиси сите ликови се еден вид љубовни хазардери, кои одат на сè или ништо во љубовните релации, ризикувајќи ја сигурноста и стабилноста за сметка на нарушувањето на рутината и баналноста на повторливото секојдневние. Некои од нив опасно се доближуваат и до црвената линија која ги дели од лудилото.
Но, она што авторот мајсторски успева да го постигне е да ја „нормализира“ опсесивноста, необичноста, своевидниот екстрем во љубовните односи и ситуации, без притоа да ги направи здодевни. Тој е полн со огромно разбирање и бескрајна емпатија за светот на малите „чудаци“, за нивните бизарни ритуали, навики, опсесии и ирационални испади.
Насловот на книгата можеби го наведува читателот на лажна трага или барем не го навестува до крај она што книгата го содржи: расказите за љубовта се и раскази за нејзината опачина – раскази за смртта, минливоста, за справувањето со загубата, отсуството и празнината. Но, Вивег за овие теми пишува без да западне во прекумерна патетика. Една од најважните стилски одлики на книгата на Вивег е хуморот, специфичен, на моменти проткаен со иронија, бизарен, а понекогаш и отворено црн.
Авторот наоѓа место и за суптилна автоиронија, кога, на пример, во расказот „Привремено губење ориентација“ главниот лик Рихард, издавач, споменува некаков млад автор што го брка на саемот со раскази за љубовта во ракопис.
Една од клучните теми е меѓусебното (не)разбирање меѓу оние кои, по дефиниција, би требало добро да се разбираат – љубовните партнери. Загатнато е прашањето за ограничувањето и немоќта на јазикот при меѓусебната комуникација. Понекогаш, еден обичен гест, допир или молк од неколку секунди е посодржаен од долгите, целовечерни разговори…
Доживувањата на ликовите од „Раскази за љубовта“ нè принудуваат да се соочиме со целата ирационалност, несфатливост и мистериозност на човечките емоции. Меѓу редовите во расказите, како да одекнува ехото на зборовите на Бретон: „јас ни во љубовта не барав среќа, туку само љубов!“ – одговара по малку неодредено славниот француски надреалист кога во една прилика го прашуваат што е љубов.
Кога треба да одговори на истото прашање, Возрасната жена Вилма од расказот „Дефиниција на љубовта“ вели: љубов е кога е барем понекогаш убаво.
Ако го парафразираме прашањето во контекст на љубовната врска меѓу читателот и текстот, еден од можните одговори сигурно би гласел: љубов е кога при читањето постојано е убаво!
Овој идеал веројатно е недостижен за писателите, но Михал Вивег се доближува до него неверојатно блиску.
Објавувањето на рецензијата за книгата „Раскази за љубовта“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.