1.
ако е вистина дека е времето во себе празно
и дека мислата го изразува само отсуството на нашите чекори,
ако летањата на птиците кон небото
се скриена подвижност на телата вградени во варта
замавнувањето на ктоничните јазици во сеопштиот метеж
тогаш тајната за заминувањето
е сосема јасна.
водите што ги газам се бистри
камењата безбојни ги исфрлуваат на брегот дланките
кои долго ги грееме под пазувите.
сите приспивни песни
се на непознати јазици
и секоја вода е израз на твоите очи;
за нив,
меѓу зборовите постои несоопштлива такна
доволна за да ја разбуди можноста на еден нов живот,
каде што никој никому нема да му недостига.
посветено на Игор Вук Торбица
2.
мислев дека смртта
нема никаква врска со мене
само требаше да се сетам:
најмногу боли кога се враќаш
не постои простор на некогашната топлина
сите блискости заминаа на пат
не ги познавам луѓето што ги сретнувам
никогаш не гледам пред себе
од светот се достапни моите ребра
шмукам неколку лижалки на ден
и тогаш најмногу ми недостига зелената цуцла
и мојата мајка каква што била некогаш
на первазот, со чинија полна со тостирани сендвичи
како вели дека е уште рано, никој не доаѓа на пладне на роденден
смртта
тоа се заокружени слики на куќички на надувување,
евтини чоколади и кармини на образите
тупот на милиони кучиња
кој ме заспива
и моите очи се полни со одмор
тие слики нешто зборуваат
опипливо –
ништо меко освен сенките
3.
кога станувам наутро
звуците исчезнуваат зад дрвјата
некој се збогува на влезот:
и јас одбројувам колку и треба на вратата да се затвори
чекори по скалите, отклучување или ѕвонење,
и движења на соблекување на облеката и ставање на јакната на закачалката.
во мене се ужасно смирено
гласовите имаат лице,
и секој чекор е суров,
ме тера да застанам и да не го отворам прозорот,
ме плашат гулабите на работ
се плашам од птиците што донесуваат смрт,
миговна или бавна
од која коските побелуваат под кожата
полоша од оваа што трае долго.
ноќе ребрестите сенки
се нишаат како шамак,
ги слушам како шумат,
скоро да го разбирам јазикот
што ги разденува пределите на сновидението
каде што покрај мене постои уште некој
заради кого не сум сам.
4.
ако погледот остане во просторот
доволно долго
постанува сеќавање
детето си игра на коцките на топлиот плоштад
околу него растат заточени дрвја
крошните се наведнуваат
останувајќи премногу високо
за милување
остануваат сами
заточени со мајчината насмевка
оклопени во времето
од кое детето
почнува да плаче
5.
кога ми е страв
од ѕидовите и туѓите тела во мракот
на малата болничка соба
каде што баба ми и дедо ми лежат
со широко отворени очи.
си помислувам како нема никаде ништо на овој свет,
златни искри во тревата на длабокиот мрак
согоруваат за мене непознат свет
во собата полна со невидливи движења
и сонот е закана,
во ходникот столовите велат
вде не сте добродојдени.
дејствија сведени на мочање во леген,
никој не се срами од голите членови
урината чади долго под креветот
и лицата во парњата како да се смешкаат.
кога наутро сестрата ќе тргне во визита
ги растргнува завесите;
се слушаат движења
но не знаеме дали тие значат живот
или нешто друго
нешто
што не смеам да го изговорам.
Препев од српски јазик: Сашо Огненовски