Луди се уметниците, фанатиците и верниците.
Луди се пијаниците, заблудените и самотниците.
Луди се утопистите, филозофите и сонувачите.
Луди се револуционерите, реалистите и закрепнувачите.
Луди се мајките, луди и татковците,
луди се синовите и ќерките,
луди се мртовците.
Луди се питачите и депресивците,
луди се богаташите и опортунистите.
Луди се лудаците, а полуди докторите.
Луди се психозите, апчињата и дрогите.
Луди се квечерините, луди се и зорите,
луди се виулиците, дождовите, пороите.
Луди се мислите, чувствата и зборовите.
Луди се другарите, љубовниците, огновите.
Луди се гордите затворени во кафезот,
а уште полуди се оние што доаѓаат да ги посетат.
Луди се курвите, мафијашите, политичарите.
Луди се овците, кучињата, овчарите.
Луди се мајмуните, светците и вонземјаните.
Луд е човекот – лудо претсказание.
Лудо е и лудилото,
а за здравиот разум не ни прашувај ме.
И ти си луд, драг читателу.
Ти најверојатно си полуд и од лудите.
(Од „Ново раѓање на зборот“, антологија на младата македонска поезија во изднаие на ПНВ Публикации, Скопје, 2023)